Повеќето родители знаат дека спиењето е важно за благосостојбата на нивните деца. Возрасните, а особено родителите, генерално го ценат спиењето и добро знаат како тоа влијае врз емоционалната благосостојба. Но, дали знаете колку е важно спиењето за среќата на детето?
Истражување за среќа (BTN Happiness Survey) било спроведено од Универзитетот во Мелбурн на примерок од 47.000 австралиски деца. Откриено е дека сонот е најголемиот показател за среќа – спиењето ја зголемува веројатноста децата во прашалниците да наведат дека се чувствуваат среќни и исполнети.
– Овие резултати даваат убедлив доказ дека спиењето е клучен показател за благосостојбата на детето – вели вонредната професорка Лиза Гибс.
Пред да почнете да се грижите дали вашето дете спие доволно со оглед на неговата возраст, важно е да знаете дека децата што спијат добро обично се чувствуваат заштитени и безбедни. Според истражувањето, децата што не се чувствувале безбедни имале четири пати поголема веројатност да имаат атипични обрасци на спиење, што значи дека спиеле премногу или премалку за нивната возрасна група.
Исто така, истражувањето идентификувало голем број други работи што им помагаат на децата да бидат среќни, вклучувајќи ги семејството, пријателите, музиката и спортот. Многу е поголема веројатноста помалите деца да кажат дека семејството, читањето и цртањето се извори на среќа. Готвењето и престојот во природа биле поврзани и со чувство на среќа кај девојчињата. Момчињата значително почесто ги споменувале спортовите, а компјутерските игри исто така им помогнале да се чувствуваат среќни. Домашните миленици, исто така, се идентификувани од страна на многу деца од сите возрасти и полови како еден од изворите на среќа.
Како да се подобри сонот на детето?
1. Детето мора да се чувствува безбедно
Децата што се чувствуваат безбедни и заштитени генерално имаат добра емотивна врска со своите родители. Најдете начин да се поврзете со вашето дете секој ден. Поминувајте време во заеднички активности.
2. Редовната рутина пред спиење поддржува добри навики за спиење
Одредете го времето на спиење кое е во согласност со количината на сон што му треба на вашето дете. На пример, децата може да знаат дека ги мијат забите секоја вечер по вечерата, играат игра и потоа читаат приказна со родителот пред да одат в кревет. Овие рутини обезбедуваат чувство на предвидливост што го поттикнува чувството на сигурност и ја намалува анксиозноста кај децата.

3. Физичката активност е важна
Движењето на телото е корисна алатка за поттикнување на спиењето. Помага во користењето на физичката енергија, но исто така е позитивно поврзано со хемијата на мозокот што им е потребна на луѓето за да управуваат со стресот и анксиозноста и да спијат добро. Повеќето училишта имаат дневна програма за вежбање, но на децата може да им треба повеќе од она што го обезбедува училишната програма.
4. Намалете ја изложеноста на екранот два часа пред спиење
Во современиот технолошки свет не е невообичаено децата да поминуваат значително време седејќи на уредите. Екраните често се наоѓаат во спалните соби. Тие испуштаат сина светлина што може да го спречи производството на мелатонин. Производството на мелатонин е неопходен квалитетен сон.
5. Ако вашето дете се чувствува вознемирено, побарајте помош
Иако истражувањето ја покажува важноста од подобрување на навиките за спиење на вашето дете, исто така, продолжува да ја нагласува улогата на чувството на сигурност за општото добро. Пред сè, важно е да им се помогне на децата што се борат со анксиозност, стрес и траума. Ако вашето дете не спие поради анксиозност или траума од минатото, побарајте стручен совет. Контактирајте со вашиот лекар за да одредите што му треба на вашето дете. Професионалната и специјализирана грижа за менталното здравје е најдобра.