Од блогот „Мошема“ во целост ви го пренесуваме писмото упатено до мајките на тинејџерки кои поминуваат време на интернет. Блогерката „Му“ укажува на проблемите и опасностите што ги има во виртуелниот свет, пораките кои децата ги добиваат и начините како да се уочи проблемот. Зборува за теророт на убавината, анорексијата, „дак фејс“ и селфи…

„Драги мајки,

Последните недели напишав неколку писма до вашите ќерки, одговарајќи им на нивните прашања. Тие се интелигентни, писмени, разговорливи и јас бев воодушевена со колкава промисленост ги формираат прашањата упатени кон мене и загрижена сум поради патот по кој тргнаа нивните проблеми.

Вашите ќерки имаат 13, 14, 15 години. Погледнете!

Нив ги загрижува изгледот на нивното тело и диетите. Зарем?

Што ќе прават тие на овој блог, се прашувате?

Не грижете се, овој блог е најбезбедното место каде што може да залутаат и да ги остават своите грижи, бидејќи другите места не се ни блиску толку безбедни. Меѓутоа, почнете да стравувате: вашите ќерки до мене стигнаа преку социјалната мрежа „Ask.fm“ и неопходно е, не само заради тоа, итно да почнете со нив да разговарате како мајка, воспитувач и чувар. Тоа е едно одвратно и опасно место на кое интимноста е веќе помината категорија поради илузијата на анонимност. Ако сте се плашеле од „Фејсбук“, тогаш да знаете дека „Фејсбук“ е мало бебе за „Ask.fm“.

Затоа, ве молам, проверете каде излегуваат вашите ќерки и што прават на интернет! Проверете го значењето на зборот „thinspo“. Безбедноста на децата денес добива ново значење со појавата на социјалните мрежи, тоа денес е ново „внимавај како поминуваш преку улица“.

Токму на такво место, тие прашуваат како да ослабат, како да направат тенки бутови и дупка помеѓу нив, колку дена можат да не јадат ништо и колку за тоа време ќе ослабат и како ќе се приближат до некои измислени, невозможни модели за убавина, кои ги бомбардираат од сите страни. Таму некој сака да дели линкови од овој блог и тие преку нив доаѓаат до мене, фала му на Бога!

Вашите ќерки се, заклучувам од нивните грижи напишани во исповеден тон, на најдобар пат да зачекорат во нарушување на исхраната или да го оштетат својот метаболизам, здравје и своите млади организми во развој. Таму, и не само таму, научиле дека е многу поважно како изгледаат отколку што знаат, дека мора да изгледаат на сосема одреден начин за да бидат прифатени – не утре, не во некој иден живот, туку денес, во кругот на своите врсници. Целта не ги одбира средствата. Едно од најпопуларните е гладувањето.

Копии на некои карактеристични прашања што на овој блог ги поставуваа вашите ќерки.

Тоа е стара тема, уште од времето кога жената станала „поубавата половина“ – жената мора да биде предмет на убавина. Единствено што денес, тој предмет, таа половина мора да има големи гради, мала половина, рамен стомак и многу, многу тенки бутови, по можност со дупка меѓу нив, за сето тоа да биде целина. И сето тоа на сметка на здравјето и општата добросостојба на организмот и здравиот разум. Вашите ќерки поверувале дека нема да бидат ниту среќни ниту успешни ако не одговорат на тоа барање и модел.

Морате да им кажете дека тоа не е вистина.

Мора да им кажете, додека трагале по тој модел, дека ќе бидат многу, многу несреќни, бидејќи речиси ниедна жена нема такво тело, а и кога го има, тоа не значи дека нејзиното тело задолжително ќе биде среќно и здраво. Кажете им на своите ќерки дека е важно и убаво она што го носат внатре, а не каква декорација прават на светот околу себе. Вашите ќерки не се украсни предмети, не сте ги раѓале од таа причина!

Проверете го на „Гугл“ зборот „thinspo“ (скратено од инспирација за слабеење – англ. thin inspiration), феномен за произведување мотиви да се биде слаб до степен на анорексичност. „Дак фејс“ и селфи се само брегот кој ни го попречува видикот, во кој би можеле и мораме да препознаеме дека главен проблем на тинејџерките денес е изгубената вистинска мерка за вредности.

Забележете, ве молам, дека вашите ќерки стојат очајни пред огледало обидувајќи се да сфатат што тргнало наопаку кога ни по еден месец гладување немаат дупка помеѓу нозете и надлактиците кои можат да ги опфатат со кругот што го прават палецот и средниот прст.

Културолошкиот дискурс во врска со женското тело и императивот на витоста е толку доминантен, што ќе морате да го повишите гласот за вашите ќерки да ве чујат. Но, пред тоа, ќе мора тоа и да го забележите, да знаете со што се борите.

Она што на сите нас ни е потребно е да ја менуваме целата парадигма за сфаќањето на женското тело, чија убавина единствено може и мора да се мери со помош на сите оние неверојатни работи што нашето тело може да ги направи. Знаете ли за девојчето од едно село во Војводина кое е родено без рака и кое со своите стапала прави чуда, преку кои го живее својот секојдневен и уметнички живот? Тоа е убавина! Тоа е лекција.

Нам ни е потребно друштво, во кое вие, мајките на ќерките, ќе бидете први промотори за ширење на поимот за убавина, кои ќе препознаете дека убавината се појавува во најразлични облици на тела. А не во еден единствен модел. Ние мајките треба непрестајно и критички, наглас, да го анализираме тој терор за слабеење и надворешен изглед. Нам, на возрасните жени, како и на девојчињата во развој, не ни е потребна уште една лага: дека мерката за убавина на нашите тела е просторот помеѓу бутовите и количеството масно ткиво околу нашата половина. Дека мерката на вредност на нашите битија е содржана во пропорциите на нашите тела. Дека нашето тело мора да одговори на чија било идеја за тоа како треба да изгледа, дека ние сме поубавата половина која само со рамен стомак и зголемени усни добива легитимитет да стане целина.

Вашите ќерки имаат само еден живот и едно тело и тоа е премногу драгоцено за да се троши на сомнителни стандарди на медиумите и шоу-бизнисот, кои ги експлоатираат старлетите и манекенките во стремежот да создадат идеал. Идеал кој не го достигнуваат ни самите старлети и манекенки без „Фотошоп“ или пластична хирургија. Вашите ќерки заслужуваат подобро од тоа. Целото наше утрешно општество зависи од разговорот што ќе го водите со вашите ќерки денес.

Јас ќе водам ваков разговор непрестајно со мојот син, бидејќи сакам и тој да ги почитува вашите ќерки онакви какви што се, а не според изгледот. А вам ви препуштам да ги охрабрите своите ќерки да почнат поинаку да мислат за себе и за поимот убавина. Јас тоа веќе им го напишав. Но, тие ќе им веруваат на вашите зборови и вашите примери.

Срдечно,
Му“



912

X