Иако поради многуте топли денови што ги имавме оваа сезона мислевме дека зимата помина, снегот и ладното време убаво нè израдуваа и освежија. Зимскиот период е секогаш симбол на голем број настинки предизвикани од вирусни или бактериски инфекции. Наглата промена на надворешната температура, недоволно облечените или преоблечените дечиња, зголемената влажност, алергиските реакции на загаденоста на воздухот се дел од факторите што придонесуваат за појава на вакви настинки или за да се влоши нивната клиничка слика.

Настинката ќе ја препознаеме по тоа што најчесто започнува постепено, со благи до умерени и симптоми како: кивање, течење на нос, затнат нос, премаленост, главоболка, болкa во грлото при голтање, намалување на апетитот, а поретко е со придружена со температура.

Грипот ќе го препознаеме по тоа што се јавува најчесто сезонски, во зимскиот период, и за разлика од настинката, симптомите брзо се појавуваат. Тој е придружен со силни болки во мускулите и во зглобовите, главоболка, висока телесна температура и треска, течење на носот, затнат нос, сува кашлица, болка во очите, премаленост.

Хадије Зенуни, магистер по фармација

За симптомите на затнатиот нос што ги имаме и кај настинката и кај грипот, ова е мојата препорака кон пациентите.


1. Редовно чистете го и празнете го носот
Ако детето е доволно големо, може да го научите како да го издува правилно и силно носот. Ако е помало, полека и нежно бришете му го носето со меки памучни марамчиња.

2. Користете раствор на морска вода
Прва препорака е секако плакнење со морска вода. Спрејовите за нос што содржат морска вода се прв избор и помагаат за да се исплакне носната слузница и слузницата на синусите, како и за да се ублажат иритациите и отоците на слузницата.
Има многу производи кои во својот состав содржат морска вода во комбинација со алое вера, камилица, дива краставица, деконгестив како ксилометазолин и сл., кои дополнително ги ублажуваат симптомите на затнат нос.

Растворот на морска вода содржи многу минерали, и покрај натриум, богат е и со магнезиум, цинк, калиум, флуор, манган и др. Синергистичкиот ефект на овие елементи придонесува во севкупниот процес на одржување на слузницата, кожата, во подобрување на имунитетот и на процесот на дишење. Морската вода се однесува како благ антисептик, антиоксиданс, антимикотик.

При изборот на спреј важно е и каков апликатор ќе изберете. Поновите спрејови на пазарот имаат апликатори кои се, пред сè, анатомски и погодни за најмалите, но се и со различни млазови: спреј со благ туш, спреј со млаз и спреј со распрскувач на капките.
Дополнително има спрејови кај кои има можност да се извадат и да се измијат апликаторите за да бидат побезбедни за следната употреба. Внимавајте правилно да прскате, особено кај децата, и точно по препорака: 2 пати во ноздра, 2-3 пати во текот на денот.

Начин на употреба на спреј кај бебиња:

Поставете го бебето на грб, во стабилна положба. Свртете му ја главата на бебето настрана и внимателно вовлечете го додатокот за нос во горната носница. Притиснете го кратко.
Повторете ја истата постапка и со другата ноздра, со тоа што главата на бебето свртете ја на другата страна. Избришете го со хартиено марамче. Додатокот за нос исчистете го со вода и сапун, исплакнете го и исушете го.


3. Подигнете ја подлогата под главата за време на спиење
Кога ви е затнат носот, најдобро е да спиете на подигната подлога, па затоа искористете една повисока перница или повеќе перници. На тој начин полесно ќе се ослободи мукусот од носната празнина, особено од синусите, па и дишењето ќе биде полесно. При настинка на некои им е полесно да спијат во седната состојба.


4. Пијте течности
Редовниот внес на течности помага во разложувањето и исфрлањето на густиот мукус што се насобрал во носот. Топлите напивки, како чаеви и супи, се најголем пријател во ваквите денови. Овошните чаеви засладени со мед и малку лимон се пријатни и лесни, да давајте им ги на дечињата. Наша препорака е и пилешка супа или супа од зеленчук. Густа топла супа од целер, брокула, лук, морков, компир, која се подготвува многу лесно (по варењето на зеленчукот само ставете го во блендер и добивате прекрасен топол оброк). Во супите задолжително додајте зачини. Искористете ја моќта на зачините, особено на црниот бибер, за да го исчистите носот, но и за да го стимулирате имунолошкиот систем.

Пробајте со инхалација


Пробајте прво со домашна инхалација. Во сад турете вода во која сте ставиле морска сол, а потоа зовријте ја. Кога ќе зоврие, тргнете го садот од оган и додека испарува, застанете над садот со топла инхалација, а врз главата ставете крпа. Длабоко вдишувајте од пареата. Во топлата вода со морска сол може да се стави чај од камилица или етерични масла од нане, евкалиптус. И туширање во жешка вода може да помогне бидејќи предизвикува пареа која придонесува да се отворат синусите.

Користење деконгестив

Назалните топикални деконгестиви ксилометазолин, псевдоефедрин, фенилпропаноламин ефикасно го одзатнуваат носот и го намалуваат отокот на носната слузница, како и секретот во носот за краток временски период. Стандардната концентрација на растворот за употреба кај возрасни на ксилометазолинот е 0,1% w/v ксилометазолин (или 1 mg на 1 mL раствор), а кај растворите за употреба кај деца под 12 години вообичаено е 0,05% (0.5 mg/mL). Внимавајте да не ги користите подолго од 5 дена.

Освежувачи на воздухот

Освежувачите ја спречуваат сувоста на носната слузница и ја намалуваат евентуалната болка при дишење. Исто така, и во нив можете да додадете есенцијални масла.

Автор: Хадије Зенуни, магистер по фармација



912

X