Грлото на матката (цервиксот) има заштитна и функционална улога во бременоста. Во текот на поголемиот дел од бременоста тоа е цврсто и затворено, со што го држи бебето на сигурно и спречува влез на бактерии и инфекции.
Кога ќе дојде време за раѓање, тоа омекнува, се скратува и се отвора за да направи пат за бебето.
Зошто се мери должината на грлото на матката?
Скратувањето на цервиксот е еден од главните показатели за ризик од предвремено породување. Преку ултразвучни и гинеколошки прегледи редовно се следи неговата должина.
- Нормална состојба: подолг и цврст цервикс.
- Скратен цервикс: секое грло на матката пократко од 25 mm пред влегувањето во третиот триместар.
Причини за предвремено скратување
Скратувањето и омекнувањето се природни на крајот од бременоста, но доколку се случат прерано, можни причини се:
- Вродено пократко грло на матката или аномалии на матката.
- Претходни хируршки интервенции или повреди на цервиксот од претходни породувања.
- Нелекувани вагинални инфекции или воспаленија.
- Мал временски простор меѓу две бремености.
- Историја на скратен цервикс во претходна бременост.
Што ако цервиксот се скрати прерано?
Доколку се забележи предвремено скратување или отворање, постојат две основни медицински решенија за спречување на компликации:
- Серклаж: хируршко подврзување на грлото на матката што го спречува понатамошното отворање и го намалува ризикот од губење на бременоста.
- Прогестеронска терапија: орална, вагинална или инјекциона хормонска терапија, најчесто во комбинација со строго мирување.
Скратувањето како знак за скорешно породување
Пред самиот чин на породување, грлото на матката целосно се скратува, станува еластично и се спојува со ѕидот на матката. Притоа испаѓа слузниот чеп, што е знак за почеток на процесот. Со помош на контракциите, цервиксот постепено се шири, од 2-3 cm на почетокот сè до целосна дилатација од 10 cm, што овозможува бебето безопасно да помине низ породилниот канал.