„Проблематичен е.“ „Не слуша.“ „Агресивен е.“ „Не сака да учи.“ „Само прави проблеми.“ „Со него веќе не се излегува на крај.“
Ова се реченици кои често ги слушаме кога се зборува за дете кое има тешкотии во однесувањето. Во нив најчесто го препознаваме проблемот што го гледаме, но многу поретко застануваме за да се запрашаме што стои зад тоа.
Како училиштен психолог, секојдневно се среќавам со деца чие однесување на возрасните им изгледа тешко, неприфатливо или необјасниво. Но, детето кое удира, вика, се спротивставува, се повлекува, одбива да работи или престанува да покажува интерес, не секогаш се обидува да создаде проблем. Понекогаш, преку своето однесување, тоа се обидува да ни каже нешто што не знае да го претвори во зборови.
Однесувањето на детето често е еден вид комуникација. Возрасните имаат зборови со кои можат да кажат дека се повредени, исплашени, несигурни, лути или преоптоварени. Децата, особено кога се помали или кога немаат доволно развиени вештини за препознавање и изразување на емоциите, многу често зборуваат преку своето однесување.
Детето што удира можеби не знае како да ја изрази својата лутина. Детето што вика можеби носи фрустрација која не знае да ја објасни. Детето што се повлекува можеби се чувствува осамено или отфрлено. Детето што одбива да учи можеби веќе долго време се чувствува неуспешно. А детето што постојано повторува „не сакам“ можеби всушност кажува: „Не знам како“, „Ме плаши“, „Не можам сам“ или едноставно „Помогнете ми“.
Затоа, кога се занимаваме со однесувањето на детето, не е доволно само да го сопреме она што ни пречи. Потребно е да разбереме што го предизвикува. Тоа, секако, не значи дека секое однесување треба да биде оправдано. Детето треба да знае дека удирањето, навредувањето, уништувањето или намерното повредување на другите не се прифатливи. Границите се неопходни. Но, границата сама по себе не е доволна. Детето треба да биде научено и како следниот пат да постапи поинаку.
Не е доволно да му кажеме „Не смееш да удираш“. Треба да му помогнеме да научи што може да направи кога е луто. Не е доволно да кажеме „Седи мирно“. Треба да разбереме што му го отежнува следењето на наставата. Не е доволно да кажеме „Не си мрзлив, само треба да учиш“. Потребно е да откриеме зошто детето престанало да се труди.
Понекогаш најлесно ги забележуваме децата што го нарушуваат часот. Го забележуваме детето што зборува, станува, се кара, провоцира или не ги почитува правилата. Но, постојат и деца што никогаш не прават проблем. Седат тивко, не се жалат, не бараат помош и не привлекуваат внимание.
Тивкото дете не значи секогаш дека е добро. Понекогаш тишината е начинот на кој детето се справува со нешто што не знае како да го сподели. Понекогаш зад повлекувањето се крие страв, несигурност, осаменост или чувство дека никој нема да го разбере. Затоа и повлекувањето, како и агресијата, треба да биде препознаено како сигнал на кој треба да му се посвети внимание.
Слично е и со промените во училишниот успех. Дете што претходно редовно учело, а одеднаш престанува да пишува домашни задачи, избегнува одговарање или почнува да покажува рамнодушност, не мора едноставно да станало „мрзливо“. Понекогаш зад падот на мотивацијата стои страв од неуспех, чувство дека не може да постигне доволно, проблем со врсниците, емоционална тешкотија или нешто друго што детето го носи со себе во училиштето.
Токму затоа е важна улогата на училишниот психолог. Не да го етикетира детето, туку да помогне неговото однесување да биде разбрано во контекст. Да се разговара со детето, со родителите и со наставниците, да се согледа ситуацијата од повеќе страни и да се побара начин детето да добие соодветна поддршка.

Училиштето и семејството не треба да бидат на спротивни страни. Кога родителот ќе биде повикан на разговор со наставник или психолог, тоа не треба да се доживува како обвинение дека родителот потфрлил или дека детето е „проблем“. Целта на таквиот разговор треба да биде заедничко разбирање на детето и заедничко барање решение. Ниту родителот, ниту наставникот, ниту психологот сам не може да ја носи целата одговорност. Детето најмногу добива кога сите возрасни околу него ќе испратат иста порака: „Те гледаме, те слушаме и нема да се откажеме од тебе.“ Особено е важно да не се чека проблемот да стане голем за да се побара стручна помош. Реченицата „Ќе помине само од себе“ понекогаш навистина се покажува како точна, но понекогаш со неа само се одложува потребната реакција. Колку подолго детето останува само со својата тешкотија, толку поголема може да биде последицата врз неговата самодоверба, училишниот успех, односите со врсниците и односот кон самото училиште.
Барањето помош не значи дека детето е проблематично. Не значи дека родителот не успеал. Не значи дека училиштето не си ја врши работата. Значи дека возрасните ја препознале потребата на детето и одлучиле да не ја игнорираат.
Затоа, пред да кажеме дека едно дете е „лошо“, „непослушно“, „агресивно“, „мрзливо“ или „проблематично“, треба да се сетиме дека зад секоја етикета стои едно дете кое можеби сè уште не научило како да каже што му се случува. Постои огромна разлика меѓу тоа да му кажеме на детето „Ти си проблем“ и да му кажеме „Ова што го направи е проблем и ќе ти помогнеме да најдеш друг начин“.
Во првиот случај го осудуваме детето. Во вториот го коригираме однесувањето, но ја зачувуваме неговата вредност. На детето треба да му биде дозволено да погреши без да се чувствува како грешка. Да биде луто без да повредува. Да биде тажно без да се срами од своите чувства. Да не знае без да се чувствува неспособно. Да побара помош без да мисли дека е слабо. Како возрасни, понекогаш премногу брзо го гледаме она што ни пречи, а премалку го гледаме она што детето се обидува да ни го покаже. Затоа, следниот пат кога некое дете ќе нè вознемири со своето однесување, можеби треба да застанеме за момент и да погледнеме малку подлабоко.
Зад агресијата можеби стои болка. Зад повлекувањето можеби стои страв. Зад немирот можеби стои неможност за справување. Зад одбивањето можеби стои несигурност. Зад „не ме интересира“ можеби стои „се плашам дека нема да успеам“. Детето можеби не бара внимание, можеби бара разбирање, можеби не бара да му дозволиме сè, можеби бара да му покажеме како поинаку, можеби не бара да го оправдаме неговото однесување, можеби само бара да не се откажеме од него. И токму тука започнува вистинската работа на возрасниот – не само да го поправи однесувањето, туку да го разбере детето што стои зад него.
Затоа, да не го гледаме детето како проблем. Да го гледаме однесувањето како порака. Зашто понекогаш зад најтешкото однесување се крие најголемата потреба од разбирање, поддршка и помош.
Автор: Стефанија Георгиев, лиценциран психолог