Метода со која се потврдува престанокот на дишењето во текот на сон (апнеи) со сериозно намален внес на кислород е ноќната полисомнографија, објаснуваат од „Жан Митрев“

Ноќната апнеа е состојба која се јавува кај 1-5 % од детската популација помеѓу 2 и 8-годишна возраст. Овој период на рано детство се карактеризира со интензивен раст и развој на многу органи и системи. Ноќната апнеа или престанок на дишење во сон кај децата не треба да биде занемарена доколку родителите забележуваат кај своите деца ‘рчење, дека немирно спијат, спијат со отворена уста, имаат краткотраен престанок на дишењето, заземаат невообичаена позиција кога спијат, прекумерно се потат.
– Тогаш треба да стапат во контакт со специјалист педијатар – вели прим. д-р Благица Манчева, педијатар пулмо-алерголог во клиничката болница „Жан Митрев“.

Прим. д-р Благица Манчева

Што ја предизвикува ноќната апнеа?

Овие нарушувања на дишењето може да се резултат на зголемување на тонзилите и аденоидите, прекумерна телесна тежина, најразлични аномалии на структурите на лицето, како и нарушување во преносот на сигналите од нервите кон мускулите (невромускулни абнормалности) во детството. Нарушувањата во дишењето во текот на сон се појавуваат како резултат на делумeн и/или целосен намален проток на воздух низ горните дишни патишта, што може да го наруши нормалниот внес на кислород, како и сонот.

Кој се најчести симптоми и кој е ризикот доколку не се забележи и третира навреме?

‘Рчењето е најчесто препознаен симптом од страна на родителите. Многу од децата повремено ‘рчат во склоп на вирусни инфекти на горните дишни патишта, поради зголемена аденоидна вегетација, но доколку ‘рчењето перзистира подолго време и е поврзано со престанок на дишењето, често будење од сон, немирен сон, невообичаена положба во текот на спиењето, зголемено ноќно потење, невообичаени движења на градниот кош во сон, тогаш треба да се побара помош. Намалениот внес на кислород во овој период ќе резултира со сериозни промени во функцијата на истите. Овде можат да бидат засегнати срцето, белите дробови, бубрезите, сите внатрешни органи одговорни за многубројни метаболни процеси.

Најосетлив орган на овие промени е мозокот – долготрајниот намален внес на кислород во текот на раното детство може да направи сериозни проблеми во неврокогнитивниот развој кај децата, проблеми во однесувањето (агресивно однесување, хиперактивност), како и слаб успех во училиште.

Полисомнографија – најточна и најсигурна метода за потврда на нарушувањата во дишењето во тек на сон

Метода со која се потврдува престанокот на дишењето во тек на сон (апнеи) со сериозно намален внес на кислород е ноќната полисомнографија. Се реализира со софистициран мал апарат кој му се аплицира на пациентот непосредно пред спиење.
– Апаратот регистрира бројни параметри кои севкупно анализирани ќе ни дадат пресек на тежината на состојбата и соодветен приод во нејзино разрешување. Во нашата клиника ваквиот тип снимање се спроведува во домашни услови со претходна едукација на родителите и самото пациентче за начинот на реализирање на снимањето и апликација на апаратот. Доколку пациентот е од далеку, постои можност снимањето да се реализира во самата клиника – вели д-р Манчева.

(Комерцијална објава)



912

X