Суштината може да се искаже во само неколку зборови и за тоа би ги цитирала зборовите на психологот Мјуриел Џејмс која вели дека родителството има 4 основни функции – да ги научи децата да: мислат, сакаат, работат, уживаат

Во парковите ќе чуете разговори на млади родители кои постојано ги лицитираат „успесите“ на своите деца, обидувајќи се едни на други да ја покажат супериорноста на нивните мали генијалци во однос на нивните врсници. Така неодамна слушнав дека со одењето на многубројни активности се започнува веќе од 2 години, за да се дојде до тоа дека родителите на децата од 4 години, имаат густ распоред, со целодневни обврски, од понеделник до сабота и едвај стигаат да ги одведат од една до друга. Сите тие активности поединечно се одлични, убаво и квалитетно смислени и детето има прилика да се развива и да учи нови работи. Она што е по мое мислење спорно, е да се поставува прашањето на кое ми е тешко да најдам доволно добар одговор, а тоа е:

Кога е тоа дете само дете?

Во кој дел од денот, неделата, месецот, годините, тоа има прилика спонтано да си игра со своите кукли или автомобили, да трча и да ги тестира своите граници во незадолжително смислени игри со деца на игралиште: За каков живот тие развојни активности би требало да го подготват?

Таквиот тренд со поаѓањето на детето на училиште, само се зајакнува, бидејќи тогаш веќе се воведуваат оценки и нејзиното величество ПЕТКАТА како неприкосновена мерка за вредност на детето. Детето во желба да не ги изневери очекувањата на своите родители, вложува многу труд да ги достигне сите оние висини кои чувствува дека треба да ги освои. И некое време навистина и успева во тоа, родителите се среќни, а кога родителите се среќни, среќно е и детето, бидејќи е сакано и прифатено, бидејќи е најдобро.

Со тек на време, барањата стануваат поголеми, предметите се се повеќе и материјалот е се пообемен, тука се тренинзите, часовите по јазици, а детето сака малку да излезе надвор со другарчињата за да се вози со велосипед. Тогаш доаѓа до првите судири со родителите, тие инсистираат на тоа дека мора да се следи поставениот тренд и дека не смее да се избламира пред одделението, учителката, наставникот. Децата во ваквите ситуации најчесто се определуваат за една до две можности.

Првата можност е кога детето почнува да вложува дополнителен напор за да ги оствари очекувањата на родителите дека мора и треба да биде најдобар, да ги пригушува своите желби и потреби, како и деноноќно го носи тој товар на својот грб. Постојано го следи чувство на недоволност, се повлекува во себе, а неговата самодоверба е се пониска, бидејќи му се чини дека што и да прави, тоа не е доволно добро. Долгорочно, таквото дете прераснува во лице полно со несигурност и стравови, со желба постојано да ги задоволува туѓите потреби, но не и своите.

Втората можност која деца поединци ја бираат е бунтот, почнуваат намерно да ги кршат правилата како на училиште, така и дома и тогаш доаѓа до сериозни судири со родителите. Децата им се спротивставуваат на родителите, избираат проблематично друштво, се насочуваат кон ризични облици на однесување. Се со желба на своите родители да им покажат дека нема да бидат она што тие сакаат, а од друга страна и да го привлечат нивното внимание и да им укажат на своите автентични потреби кои се хронично незадоволени, а тоа се прифаќањето и безусловната љубов на родителите.

Неостварените амбиции на родителите се огромен товар за нивните деца кои прават раздор во семејството и уназадување на односот помеѓу детето и родителите. Затоа е важно родителот со себе да биде на чисто и да прави разлика помеѓу личната амбиција и љубов, и желба за реализација на полниот потенцијал на своето дете. Суштината може да се искаже во само неколку зборови и за тоа би ги цитирала зборовите на психологот Мјуриел Џејмс која вели дека родителството има 4 основни функции – да ги научи децата да: мислат, сакаат, работат, уживаат.

Да научат да мислат можат само ако се трудиме да не им ги наметнуваме своите ставови и начинот на набљудување на светот, туку да им помогнеме самите да го толкуваат сето она што ги опкружува. Да сакаат можеме да им покажеме со личен пример и однос кон нив самите, партнерот и останатите членови на потесното и поширокото семејство. Да им покажеме што е тоа разбирање и поддршка, љубов и заштита. Да работат ќе почнат да учат дома, а ќе продолжат во градинка, училиште, факултет, така што ќе ги учиме да преземаат лични одговорности за доброто и лошото што го правиме, а и така што нема нивните обврски да ги извршуваме наместо нив. Да уживаат треба да научат набљудувајќи не нас кои како возрасни умееме да се заиграме искрено детски и да ја имитираме спонтаноста на децата.

Автор: Александра Крстиќ-Јовиќ, мастер педагог

Извор



912

X