Некои вештини што порано се подразбираа денес ретко кое дете ги поседува. Времињата се менуваат, па децата уште од најрана возраст ракуваат со паметни уреди, апликации и дигитални платформи. Сепак, во некои традиционални, практични способности забележително заостануваат.
Иако е бесмислено децата целосно да се изолираат од современиот начин на живот, експертите истакнуваат дека совладувањето на основните традиционални вештини е од голема корист за нивниот развој.
Една мајка споделува искуство со својата 19-годишна дадилка, која била одлична и одговорна студентка, но не знаела да го прочита времето од аналоген часовник со стрелки. Ваквите примери стануваат сè почести, младите сè поретко знаат да читаат печатени географски карти, да приготват едноставен оброк или да ги почитуваат основните правила за однесување на маса.
Зошто се случува ова?
Според експерт за образование, проблемот не е во тоа што родителите или училиштата потфрлиле, туку во тоа што приоритетите се променети. Денес акцентот е ставен на програмирањето, роботиката, дигиталните алатки и обработката на видеосодржини.
–Секоја генерација стекнува нови знаења, но истовремено некои други знаења полека исчезнуваат. Децата денес учат нешта кои мојата генерација не можеше ни да ги замисли, но затоа некои стари вештини повеќе не се во фокусот – објаснува таа.
Наставничка додава дека училишните програми природно се приспособуваат на технолошкиот напредок, заменувајќи ги застарените методи со современи.
Кои 7 вештини сè поретко ги поседуваат денешните деца?
1. Непосредна комуникација и социјални вештини
Допишувањето преку пораки, социјалните мрежи и видеоповиците станаа поприродни за децата отколку разговорот лице в лице. Поради тоа, многу млади чувствуваат несигурност кога треба во живо да разговараат со возрасни или со врсници. Токму преку директна комуникација (лице в лице) децата учат да решаваат недоразбирања, да развиваат емпатија и да градат квалитетни односи.
2. Читање аналоген часовник и географска карта
Повеќето деца го проверуваат времето на телефон или паметен часовник, а ориентацијата ја препуштаат на апликациите. Иако овие вештини сè уште се изучуваат во основно училиште, без редовна практика брзо се забораваат. Целосната зависност од технологијата станува проблем тогаш кога уредите ќе се блокираат или не се достапни.
3. Пишување со ракописни букви
Рачното пишување сè повеќе му отстапува место на пишувањето на тастатура. Сепак, психолозите потсетуваат дека пишувањето со рака е клучно за развојот на фината моторика, концентрацијата и меморијата.
4. Пишување и испраќање класични писма
Електронската пошта и апликациите ги истиснаа писмата, па многу млади никогаш не пратиле писмо, ниту знаат каде се лепи поштенска марка. Пишувањето писмо го поттикнува детето подлабоко да размисли за содржината, да ги организира мислите и да вложи поголем труд во изразот.
5. Правилен правопис и граматика
Стилот на допишување од брзите пораки често се пренесува и во училишните задачи. Кратенките, испуштањето интерпункциски знаци и потпирањето врз автоматската корекција доведуваат до занемарување на јазичните правила.
6. Основна финансиска писменост
Кога сè се плаќа со картичка или телефон, за децата парите стануваат апстрактен поим. Родителите треба да им ги објаснат вредноста на парите, пазарењето и штедењето, а кај постарите деца и функционирањето на дебитните картички и банкарските сметки.
7. Концентрација и задржување на вниманието
Дигиталните содржини со брза динамика го навикнуваат мозокот на постојана стимулација, поради што на децата им е сè потешко долго да седат, да слушаат и да се фокусираат на една задача. Важно е да им се обезбеди доволно време за слободна игра, каде што преку истражување самостојно ќе ја развиваат концентрацијата.
Што можат да направат родителите?
Не се очекува детето да владее со сите традиционални вештини, но за неговиот развој е корисен балансот.
Научете го детето како се чита часовник со стрелки, вклучете го во купувањето намирници, разговарајте за парите, заедно подготвувајте едноставни јадења, поттикнувајте разговори без присуство на телефони и оставете му доволно време за слободна и креативна игра. Крајниот баланс меѓу дигиталните знаења и практичните животни вештини е најдобрата подготовка за нивната иднина.