Kурикулумoт е само алатка за обука на идните генерации деца, кои ќе бидат значајни граѓани на 21 век. Во неговата примена секогаш треба да има простор за „поинаков начин“ на имплементација, соодветен за секое дете, без исклучок

– Децата се развиваат и учат само ако се чувствуваат безбедно и сигурно. Позитивната педагогија го промовира пристапот во кој секое дете се чувствува значајно и важно во процесот на стекнување на новите знаења и искуства. Добриот воспитувач треба да знае дека сите деца се различни, но истовремено и многу значајни во воспитно-образовниот процес – вели д-р Лена Дамовска, професорка на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На оваа матична институција неодамна беше промовирана нејзината нова книга „Предучилиштен курикулум“. Со Дамовска разговараме за важноста на предучилишното воспитание, односот кон децата, состојбите кај нас.

Од промоцијата

На што се фокусиравте во ова дело?

– „Предучилиштен курикулум“ претставува нова, провокативна понуда на поинакви размислувања и перспективи за можностите за работа со децата од раната и од предучилишната возраст. Таа промовира поинаков педагошки дискурс, пред сè, почитување на детскиот културен, социјален и животен контекст. Во неа се укажува на тоа дека развојот и креирањето на курикулумот треба да им овозможат на децата да ја доловат глобалната слика за светот. Токму затоа тој не треба да претставува ригидна рамка за тоа како треба да се применува во секојдневната работа со децата. Неговото „ослободување“ значи секојдневна промоција на нови автентични начини на мислење, кои овозможуваат негов развој и квалитет.

Ослободувањето на курикулумот од баластите и можноста за негова лоша примена треба да биде предизвик за секој добар педагог, воспитувач, наставник. Никогаш не постои „една мерка за сите деца“. Постојат многу начини за тоа како курикулумот може да се применува во воспитно-образовната работа со децата. Тој не е механичка скрипта на замислени цели и задачи кои треба да се реализираат со „некои“ замислени деца. Курикулумот не смее да овозможи лимитирани начини на размислување кај децата. Заробениот курикулум ја губи виталноста и слободата во работата со децата и нивните автентични потреби и интереси. Во книгата се укажува и на потребата од интердисциплинарен пристап во креирање на воспитно-образовните цели.

Што подразбира современата педагогија под терминот „современо учење“ во раниот развој?

– Курикулумот е, пред сè, социјална конструкција што промовира одредени филозофски, педагошки, психолошки пораки, вредности и ставови. Тој е продукт на повеќекратни влијанија кои оставаат можност за длабоко влијание врз децата, нивниот развој и учење. Токму затоа во книгата се укажува на значењето од реалната процена на можностите на децата од една страна и понудата на адекватни воспитно-образовни стратегии, соодветни на амбиентот каде што се реализира воспитно-образовниот процес, од друга страна. Курикулумот треба да е реален. Да овозможи развој на поширока визија кај педагозите, воспитувачите, наставниците за тоа како поучувањето може да биде подобро, што би требало да се постигне со децата, како и на кој начин.

Курикулумoт е само алатка за обука на идните генерации деца, кои ќе бидат значајни граѓани на 21 век. Tокму затоа во книгата се актуализираат размислувања за редефинирање на потребата од нови вештини и искуства за децата од 21 век. Курикулумот треба да рефлектира одредена филозофија и мудрост, преточена во воспитно-образовни цели. Во неговата примена секогаш треба да има простор за „поинаков начин“ на имплементација, соодветен за секое дете, без исклучок. Тој треба да овозможи мудри начини на споделување идеи и знаења со децата на одредена возраст. Тоа не е воопшто едноставно! Книгата треба да ги поттикне студентите од наставничките факултети, педагозите, да размислат за привилегијата што ја имаат, или можеби ќе ја имаат да влијаат во развојот на некои нови генерации деца. Да размислат за тоа колку треба да бидат чесни во пристапот кон развојот и учењето на децата и нивните автентични потреби, интереси и можности. Таа нуди проверени техники и модели кои се применуваат како усовршени микростратегии во работата со децата низ светот. Меѓу другото, во книгата се истакнува потребата за курикулумот да се размислува како за развоен документ, како за жив организам кој постојано се менува и се усовршува.

Проф. д-р Лена Дамовска пред промоцијата на книгата

Како овие методи се застапени во јавните предучилишни установи во нашата земја?

– Постојат добри проверени практики кои секојдневно се применуваат во детските градинки кај нас. Тешко е да се генерализира дека сè е совршено и соодветно за сите деца што посетуваат јавни градинки, но ентузијазмот и посветеноста на воспитувачите се присутни во воспитно-образовната практика во градинките во земјава. Тоа го покажуваат и примерите на добри практики кои се наоѓаат во книгата, како рефлексија на позитивна педагогија која се применува и кај нас.

Каква е улогата на воспитувачите и во практика колку тие ги следат современите методи на учење?

– Воспитувачите се многу значаен фактор во постигнувањето минимален квалитет во секојдневната работа со децата. Свесноста за сопствената моќ и одговорност е единствениот начин да им се излезе во пресрет на потребите на секое дете и на неговото семејство. Добриот воспитувач знае дека креирањето и имплементацијата на курикулумот кој произлегува од потребите, можностите и интересите на децата во одредена воспитна група може да остават длабок печат врз детето и истовремено да влијаат врз појавата на нови модели на програми кај нас. Но покрај формалниот курикулум, добриот воспитувач му дава значење на реалниот курикулум, оној што навистина се реализира со децата. Тој треба да произлегува токму од нив. Во секојдневната примена на различните пристапи кон учењето и развојот на децата постојат примери на присуство на скриен курикулум, кој воспитувачот свесно или несвесно го практикува со децата. Тој е невидлив за нас, а остава сериозни последици врз развојот и учењето кај нив, во сите домени на развој, еднакво, особено на социо-емоционалниот развој на децата. Тие се развиваат и учат само ако се чувствуваат безбедно и сигурно. Позитивната педагогија го промовира пристапот во кој секое дете се чувствува значајно и важно во процесот на стекнување на новите знаења и искуства. Добриот воспитувач треба да знае дека сите деца се различни, но истовремено и многу значајни во воспитно-образовниот процес.

Градинки со прекумерен број деца, недостиг на кадар, преоптоварени вработени, примери на кадар кој применува „чудни“ методи на воспитување и сл. Постои ли модел да се надминат овие комплексни проблеми што се таложеле со години?

– Иновативната педагогија денес длабоко го почитува детето, неговите индивидуални потреби и интереси. И најдобрите модели на програми не можат да бидат квалитетно имплементирани во амбиент кој во старт го оневозможува истото. Тоа се случува кај нас. Излезниот квалитет од воспитно-образовниот процес е условен од структурниот квалитет (средината и дидактичките материјали, бројот на децата, безбедноста на просторот, однос воспитувач-дете, обука на воспитувачи), но и од процесниот квалитет (употребата на материјалите, интеракцијата воспитувач-дете, дете-дете, педагошките стратегии, вклученоста на родителите). Така што, излезниот квалитет на предучилишното воспитание и образование, кој се однесува на бенефитот на услугите за децата во детските градинки, на нивните семејства и на заедницата и општеството во целина, е директно условен од претходните два вида квалитет на услуги во оваа дејност. Во наредниот период очекувам професионализација на дејноста, зголемување на капацитетите за опфат на деца на ниво на држава и промена на педагошкиот дискурс кај нас.



912

X