Многу приказни, цртани филмови, басни и бајки раскажуваат за штрковите што им носат бебиња на родителите, но малкумина знаат зошто баш штрковите.

Штрковите се сметаат за нежни и мирни, друштвени и грациозни животни, кои не се плашат многу од човекот. Во многу делови од светот и во различни култури, од античките Грци па наваму, се смета дека тие им носат среќа на оние на чиј оџак се гнездат, дека се прекрасни родители кои ги делат обврските околу потомството, како и дека се грижат за другите членови од нивниот вид.

Зад приказната за штрковите што носат бебиња во семејството има голем број митови стари неколку векови. Можеби најстариот мит што ги поврзува штрковите со бебињата доаѓа од античка Грција.

Според грчката митологија, божицата Хера, која инаку е заштитничка на бракот, ја претворила својата ривалка во штрк за да ѝ наштети, а таа подоцна се обидела да го украде нејзиниот син додека бил уште бебе. Ова е прва врска на оваа птица со бебињата.

Египетската митологија ја признава повисоката форма на душата како штрк, и кога овие птици ќе се вратат – тоа значи враќање на душата. Затоа, египетската митологија го призна нивното враќање како ново раѓање или повторно раѓање на некоја личност. Штрковите, во овој случај повисоката форма на душата, го носат бебето како реинкарнирана душа.

Митологијата на античка Индија, исто така, го има штркот меѓу значајните симболи. Оваа птица била симбол на семејна вредност и лојалност. Сепак, најверојатно ниту еден од овие митови не е заслужен за најубавата работа доделена на штрковите. Во Германија, пред неколку века, била создадена приказната за тоа како штрковите носат бебиња. Оваа приказна е поврзана со фактот дека штрковите отсуствуваат од нивните живеалишта девет месеци кога ќе се преселат во потоплите региони и повторно ќе се вратат.

Циклусот од девет месеци се совпаѓа со должината на бременоста кај жените, а периодот на раѓање на најголемиот број деца во времето кога се создаде оваа приказна се совпадна со враќањето на штркот од потоплите региони – во текот на април и март. Причината за ова е фактот дека тогаш браковите често се случуваа во текот на јуни, односно околу 21 јуни, кога најдолгиот ден во годината е на северната хемисфера, а девет месеци од првата брачна ноќ често се совпаѓале со нивното пристигнување.

Постои уште една легенда за штрковите и бебињата што се проширила низ Европа. На прозорците на куќите кои со нетрпение очекуваат принова, луѓето оставале бонбони за да привлечат штркови. Потоа штрковите ги земале бебињата во корпи или шалови и им ги давале на мајките кои чекале потомство. Понекогаш бебињата биле носени во домот преку оџакот. Оваа традиција се проширила толку многу низ целиот свет, што дури и денес за црвениот белег што повеќето новороденчиња го имаат на задниот дел од главата, очниот капак или помеѓу веѓите – велат дека е каснато од штрк.

Штрковите се навистина големи птици. Распонот на нивните крилјата е од 1,5 до 2 метра. Месојади се: фаќаат риби, жаби и други водоземци, инсекти, мали цицачи, па дури и други птици и нивните јајца. Штрковите го населуваат поголемиот дел од Европа, претежно Полска, но ги има и во Западна Азија. Со студеното време, европските штркови се селат во Африка, додека азиските се спуштаат на југ, во Индија, каде што ги минуваат есента и зимата, од септември до март. Патувањето до јужните дестинации трае 26 дена, додека враќањето во пролет е многу подолго – 49 дена. Најстариот познат штрк живеел 39 години.

Извор



912

X