– Мамо, како можеш да го сакаш? Го гледаш заљубено, а тој џвака. Затвори ја устата, тато.
Го слушам син ми како зборува. Не знам што сѐ можел да види на моето лице додека седевме на маса и појадувавме. Нежност, љубов и топлина, веројатно. Тоа утро се загледав во неговиот татко. Се замислив, гледајќи во големиот човек од својата десна страна. По низа години поминати заедно, ова утро беше поразлично и нашиот син го забележа тоа.

На што ќе се сеќава, што во нив ќе се врежи, кои спомени ќе останат неизбришани, што ќе понесат со себе кога ќе си заминат од оваа куќа?

Каква сум јас во очите на моите деца? Нешто знам, ми кажале. Плачлива, попустлива, спротивно од строга, па уште малку повеќе на таа страна, уредна, сѐ тргам и тоа ги нервира, сакам да се шегувам, великодушна, па во шопинг само со мене се оди.

Што би можеле да видат гледајќи ги мама и тато? Живот во најреален можен облик, обичен, соголен, без никакво преправање. Силни емоции, среќа, тага, смеа, нервоза, нетрпеливост, бучно несогласување на мислења, нежност, грижа. Реален живот и вистински емоции.

Што би сакала ќерка ми и син ми да видат во своите родители? Отсуство на страв од наметнат авторитет. Слобода да бидат тоа што се. Право на сопствено мислење. Неважност на материјални работи, особено брендирани. Свест дека најважната работа е да веруваат во себе и да се потпрат на сопствените сили, а тоа е поважно од диплома, успех на работа или имот кој можат да го стекнат. Способност да се смират, да го совладаат стравот и да дишат правилно. Добрина. Разбирање на другите. Неосудување на туѓите постапки.

Повеќе од сѐ, би сакала да им пренесам љубов кон животот и радост. Лесно да се насмеат, да не бидат злопамтила. Да не запнуваат грчевито, туку сѐ да прават со леснотија. Да не се откажуваат од саканите лица. Да ја негуваат и чуваат љубовта. Да бидат грижливи. Да не бидат себични. Да не го преценуваат, ниту потценуваат значењето на парите. Да читаат во ненормални количини. Често да одат во кино. Патувања, повеќе пати годишно, наместо сите симболи на поседување и моќ. Уживање во храна, без претерување, бидејќи ако јадеш многу, ќе бидеш дебела, извини, но така е, целиот живот треба да внимаваш што јадеш – кога ќе претераш, намали веднаш додека не се вратиш на нормалната тежина и немој да варираш многу. Не е срамота да се плаче, но имај мера, немој за секоја ситница. Шифра „прибери се“.

Што ќе биде, ќе биде, што од нас ќе земат, ќе земат, но имам чувство дека ќе биде во ред.

Слобода, добрина, љубов кон животот.

Милина.

Автор: Мила Танасијевиќ-Михајловиќ



912

X