Мојот татко често ми велеше дека некои работи навистина не се важни и дека треба да ги оставам. Но, мојата младост, во бес, сакаше да се одмазди.

И никогаш не сфатив како можеше да биде толку смирен кога некој ќе го повредеше неговото дете.

– Тоа е само момче. И тоа значи дека не е за тебе. Остави го сето тоа, не е важно. Не си ти виновна. И не си лоша. Тој е лош. Но, остави го да биде лош таму некаде. Не дозволувај да биде лош покрај тебе.

И често се чудеше зошто ми е досадно.

– Како воопшто може да ти е досадно? Земи читај нешто. Барем дома секогаш има книга.

И јас земав. Па заедно анализиравме ликови и дејствија. Секогаш имавме различни омилени јунаци. И секогаш дискусијата завршуваше затоа што обожаваше негативци и сто пати читаше една иста работа, секогаш со истото воодушевување.

Често игравме табланет. И додека јас гледав некоја емисија на ТВ, тој ги следеше картите, точно знаеше што имам во рацете и се нервираше што не знаев дали поминале два џандари и три дами и зошто го чував последниот крал. А потоа ќе ги фрлеше картите на масата кога ќе го победев. Од чиста среќа. Бидејќи против него, со какво било знаење, немав шанси.

Тогаш ќе сварев кафе и додека одев до кујната да го измијам ѓезвето, тој ќе го испиеше кафето. Па се расправавме околу тоа дали кафето е подобро жешко или студено и секој тврдоглаво се држеше до својот став.

Често гледавме „Сложувалка“ и ми беше смешно што секогаш на прсти броеше колку точни одговори има во играта „Кој знае – знае“. И секогаш коментиравме дека треба да се пријави. А за асоцијација секогаш бевме исти – 1:1.

Во подоцнежните години се обидуваше да го совлада користењето на интернетот, па ги баравме сите изданија на „Сина птица“ и филмовите за Џејмс Бонд. Иако тој сето тоа го имаше во главата. Само си го проверуваше знаењето.

Момче што порасна во сиромаштија, родено за голем книжевник, а беше трговец, и тоа не многу добар бидејќи беше праведен. Порасна во прекрасен човек, татко, сопруг и пријател. И стана најпаметната личност што некогаш сум ја запознала.

И додека го слушав неговото тешко дишење, ми рече:

– Знаеш за што ми е жал? Не можам повеќе ни да читам, а сè уште има толку многу книги.

Тоа беше една од најтажните работи што некогаш сум ги слушнала. Тогаш знаев дека ја изгубивме битката и дека болеста победи. Беше во право. Некои работи навистина треба да се пуштат. Не се вредни, бидејќи она вредното не предизвикува нервоза – само мир.

Автор: Катарина Гајиќ

Извор



912

X