На крајот од учебната 2019/2020 година бројот на учениците во редовните основни училишта изнесувал 186.706, соопшти Државниот завод за статистика. Објавените податоци покажуваат дека тоа се 27 основци повеќе од учебната 2018/2019 година, кога имало 186.679 ученици во редовните основни училишта.

Податоците покажуваат дека во Македонија има вкупно 979 редовни основни училишта со 10.911 паралелки. Колку за споредба, на крајот од учебната 2018/2019 имало 989 редовни основни училишта и 10.795 паралелки.

Во објавените табели може да се види дека во редовните основни училишта работат вкупно 18.778 наставници, од кои 13.076 се од женски пол. Со полно работно време се вкупно 16.051 наставник. Колку за споредба, на крајот од претходната учебна година биле регистрирани вкупно 18.197 наставници вработени во редовните основни училишта, од кои 15.794 биле со полно работно време.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Од 979 редовни основни училишта во 716 наставата се изведува на македонски јазик и во нив работат 11.968 наставници, а учат 119.088 основци. На албански јазик наставата се изведува во вкупно 291 редовно основно училиште, каде што учат 60.473 ученици и работат 6.039 наставници. На турски јазик наставата се следи во 63 училишта, а ја следат 6.754 ученици и предаваат 691 наставник. Во 5 редовни основни училишта наставата се изведува на српски јазик и ја следат вкупно 138 ученици, а предаваат 42 наставници. На босански јазик наставата се следи во две редовни основни училишта, ја следат 253 ученици, а предаваат 38 наставници.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Во земјава има 43 специјални основни училишта во кои учат вкупно 741 ученик, а работат 279 наставници, од кои 242 се со полно работно време.

На крајот од учебната 2019/2020 биле регистрирани 419 ученици во 12 основни училишта за возрасни, во кои се вработени 62 наставници.

Од вкупно 186.706 основци во редовните основни училишта, 70.051 на крајот на учебната 2019/2020 година имале одличен успех. 25.848 имале многу добар успех, 18.796 добар, 6.797 доволен, а 64.447 биле оценувани описно.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)


912

X