Образование

Зошто родителите и наставниците станаа непријатели?

Додека училиштата тонат во бирократија, а училишните ранци стануваат сѐ потешки, меѓу родителите и наставниците се одвива тивка, но деструктивна војна. Наместо сојузници со заедничка цел, двете страни сѐ почесто се гледаат како непријатели. Каде исчезна довербата и кој всушност профитира од овој конфликт?

Секој се бори само за своите маки

Наставниците се соочуваат со ниски плати, работа на три различни места и деноноќна администрација. Кога протестираат за своите права, најчесто ја немаат поддршката од родителите, кои не чувствуваат дека тоа ги засега нив.

Од друга страна, родителите се борат со сопствените финансиски проблеми. Нивното „бесплатно“ образование станува сѐ поскапо, учебниците се претешки и здодевни за век во кој се учи цел живот. Поради тоа, родителите сѐ поретко веруваат дека училиштето може или сака да им помогне, па гласот го креваат главно по социјалните мрежи и тоа само кога станува збор за нивното дете.

Децата, за жал, го гледаат овој модел на однесување и добар дел од нив едноставно го препишуваат.

Хаосот во вибер-групите

Еден од најголемите извори на фрустрација се родителските вибер-групи, кои од место за информации се претворија во бојно поле за расправии.

Наставниците и учителите немаат ниту законска ниту морална обврска да бидат дел од тие групи. Каде пишува дека мораат? Повлекувањето од ваквите неформални канали е неопходен чекор за да се вратат професионалната дистанца, меѓусебната почит и мирот.

„Додека двајца се караат, третиот користи“

Старата добра поговорка во својот полн сјај го опишува овој затворен круг. Додека родителите ги обвинуваат наставниците дека училиштето е место за политички следбеници, а наставниците ги гледаат родителите како неразумни, застарениот систем останува непроменет.

Кога двете најважни алки во воспитанието се гледаат како непријатели, децата остануваат заглавени во систем кој од нив бара само да носат тешки ранци и да запомнат куп информации. Прашањето е – во чија корист е сето ова?

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top