Учениците на секој одмор мора да излезат надвор за да играат. Школото им е супер организирано и не е воопшто стресно за децата. Системот гледа да им го олесни школувањето, а не да им го отежни, па децата да сакаат да бегаат од часови, каков што е случајот во Македонија, вели Лита Ќириќ, скопјанка која со своето семејство живее во Рејкјавик

Да се расте дете во Исланд е многу поразлично отколку во Македонија. Децата се самостојни, индивидуалци и немаат потреба од многу дружење меѓу себе, нешто што е сосема спротивно од нашата земја, вели Лита Ќириќ, архитект по професија и мајка на Јосиф (8) и Клара (3), кои во последните четири години живеат во главниот град на Исланд, Рејкјавик.

Тие ни споделуваат како изгледа да се расте дете на оваа островска земја.
– Земјата е слободна, нема криминал. Се вози внимателно и кога ќе го пуштиш детето надвор, не се секираш дали може нешто да му се случи. Здравствениот систем ги покрива сите трошоци за лекување на децата до 18 години. Школството ја развива креативноста кај децата и ги учи на практични работи кои понатаму ќе им бидат од корист во секојдневниот живот – вели Ќириќ.

Како функционираат градинките?

Максималниот број на деца во групите во градинка бил 20, а во нив работат по две воспитувачки и три негувателки во секоја група. Бројот на децата во група зависи од возраста. Уште од најмала возраст децата ги учат да бидат самостојни, вели мајката.

Јосиф во школскиот двор

– Секој ден се надвор по минимум 30 минути, независно какво е времето. Имаат посебна облека за дожд, посебна за снег и независно колку е ладно и дали дува ветер, тие се надвор на играње. Треба да има силно невреме за да ги задржат внатре. Училниците им се составени од две-три соби и во секоја соба имаат различна активност, кога се малку поголеми децата, тој што е дежурен таа недела ја поставува масата за ручање и им дели овошје на другите. Учителките ручаат заедно со децата на масата – издвојува Лита.

Таа посочува интересен пример на решавање ситуација кога поради поголем број деца во групa, наместо да направат големи групи, тие изградиле нов привремен монтажен објект додека не изграделе нова поголема градинка. За разлика од кај нас, каде што групите достигнуваат и до 40 деца, а не се работи на обезбедување поголем простор.

Лита Ќириќ со своите деца

Една работа што не ѝ се допаѓа многу на мајката било тоа што на децата на училиште секоја година им се менувале учителките.
– Поради тоа, секој почеток е нов стрес за нив и ново запознавање меѓу себе. Мислам дека од деца ги прават индивидуалци и не ги учат да се врзуваат емотивно меѓу себе.
Во негативните работи таа го издвојува и фактот дека составот на одделенијата не е ист од почетокот до крајот на основното образование. На тој начин, според Лита, децата немаат услови да создадат најдобри другарчиња.

Децата  се шетаат низ училиштето боси или по чорапи

Слободата што  ја имаат децата во училиштето е бесценета. Лита објаснува дека таму седат и боси, по чорапи.

– Никој не носи ниту домашни папучи, во Македонија сите би биле со папучи да не им е ладно или не си ги извалкаат чорапите. Имаат многу работни групи и се мешаат децата од сите одделенија во групите, ги учат да готват, плетат, шијат, прават куќички од дрво, авиончиња. Сите домашни работи ги учат уште од прво одделение, а во второ имаат и предмет готвење – објаснува нашата соговорничка.
Читањето е важна навика на која многу се обрнувало внимание. Немале лектири за читање во текот на летото, но читале преку цела година и секој ден добивале ѕвездичка во табелата за читање.
– Сѐ сработуваат на училиште, немаат домашни. Добиваат понекоја домашна задача за која имаат време една недела да ја направат. Секој одмор мора да бидат излезени надвор да играат, двапати неделно имаат физичко и еднаш неделно одат на базен. Школото им е супер организирано и не е воопшто стресно за децата. Системот гледа да им го олесни школувањето, а не да им го отежни, па децата да сакаат да бегаат од часови, каков што е случајот во Македонија – вели Лита.

Децата на училиште се растоварени и слободни

И со учителите имаат пријателски однос и учениците им се обраќаат по име.
– Исто така, училишните тоалети се чисти и секогаш има тоалет, хартија за бришење, па не ми е јасно зошто и во Македонија не може да биде истиот случај – се прашува мајката.

 Не одат на доктор за секоја кивавица

Исланѓаните важат за многу смирен народ, и такви се и во сообраќајот, така работат и ги воспитуваат своите деца.

– Кај нив сè се прави полека, не ги притискаат децата за ништо. Не го повишуваат тонот на нив. Ги осамостојуваат од мали, децата возат велосипед без помошни тркала уште од три-четири години. Не им се потресуваат многу како кај нас, да не падне, да не се повреди. Нема дете без кацига на велосипед, си се знаат и почитуваат правилата од родителите. Не им се плашат дали ќе се разболат, дали имаат мрсули. Не трчаат за секоја кивавица на доктор и да му вадат брисеви и крв на детето, како што е новата мода во Македонија. Децата ги оставаат да се извалкаат, да лапнат песок, да јадат снег. И сите се здрави и прави и ќе пораснат во здрави лица! – вели Лита.

За добра игра нема студено време

Спортот им е многу битен и речиси секое дете тренира нешто, додава таа.

– Од друга страна, пак, таа нивна слобода ги прави децата малку неодговорни за своите постапки. Ги забораваат своите јакни и патики каде што ќе стасаат. Дури се во состојба да си отидат дома боси, без патики, зашто не можат да си ги најдат. Облекуваат туѓи чизми на школо и никој нема да забележи дека детето зело други, а не неговите. Ама и за тоа имаат изнајдено решение за да не се вознемируваат многу. На сите парчиња облека има име и презиме на детето и телефонски број, па ако некој ги најде, ќе им се јават, па ќе си ги земат.

Нешто што тешко им оди да го прифатат, со оглед на тоа дека припаѓаме на сосема различни култури, е дека децата не се дружат баш и како да немаат потреба да се дружат како во Македонија.
– Лулашките се секогаш празни, дури и кога е сончево. Никаде нема групи деца што играат. Повеќе време поминуваат сами, што е сосема спротивно на нашиот менталитет и потребата за дружење. На храната уште не можеме да се навикнеме. Зеленчукот и овошјето не се исти како во Македонија – се жали мајката. Јосиф е пресреќен кога ќе дојде во Македонија.

Јосиф и Клара уживаат на снегот

– Не знам дали е така затоа што доаѓаме во текот на распуст, па децата се секоја вечер надвор. Децата си играат и тој е пресреќен. Ќе дојдат, ќе го викнат, едноставно се дружат. За разлика од Исланд, каде што мораш со родителот да договориш, па смеело само по две деца да играат заедно, па да не играле често да не си се здосадат. Полни се со правила кога се работи за меѓусебното дружење.

Децата на Исланд многу користат телефони и технологии и за тој проблем родителите немаат решение.
– Најверојатно поради климата, децата не можат многу да играат надвор и се постојано затворени користејќи ги таблетите, телефоните како занимација. Тоа е поизразено кај машките деца. На пример, Јосиф оди кај некое другарче на играње и кога ќе го земам, ги прашувам родителите како поминало играњето, а тие ќе кажат: „Супер, мирни беа, глас не им слушнавме“. Кога ќе го прашам синот што правеа, дали убаво си играа, тој ми вели дека целото време го поминале на „плејстејшн“. Тоа е нормално за нив тука, имаат модерна бебиситерка за родителите да имаат повеќе време за себе – вели Лита.

Интересна активност во градинка

Новинарката Камелија Шојлевска, баба на Јосиф и Клара, исто така ни раскажува како се однесуваат бабите и дедовците со внуците на Исланд. Каков им е односот со внуците? Дали се вклучуваат во растењето и воспитувањето?
– Мислев дека не се блиски, но не е така. Градат активен однос полн со љубов. Седев една недела во маалско кафуле кај што има и дел за деца. Беше полн со баби и дедовци што си играат со внуците. Се смеевме кога се вратив дома, само јас бев баба без внуци, а доаѓам од топлата Македонија… Зарем не е тоа најдобар начин да се ослободите од предрасуди? – се смее баба Камелија и се потсетува што ја предупредила ќерка ѝ при првата посета:

На час по техничко образование

– „Да не те слушнам да кажеш внимавај, види што правиш… тие се спуштаат по гелендери… стојат на глава, се пентарат кај ќе стигнат, родителите мртви ладни ја охрабруваат нивната слобода“. Гледав две девојчиња како се качуваат по пластична висока скулптура Мики Маус… едното имаше 6, другото можеби 4 години. Косата на глава ми се креваше, а таткото ладен во продавница купуваше. Излезе, ги гледаше како се симнуваат и си отидоа. Таа слобода ги прави сигурни во себе. Ги учат уште од градинка да се активни членови во општеството. Одеа на демонстрации за човекова средина, облечени како сончогледи со транспаренти… деца од претшколска возраст. Сабајле пред школо на пешачки премин стои жена и ги пренесува децата преку улица. Лежечки полицајци има на секои 50 метри. Сите внимаваат… секој партиципира во градењето на слободата и безбедноста на децата и општеството – вели Шојлевска.

Најсамостојни деца

Таа вели дека децата од мали ги прават да бидат силни. Прв час во неделата имаат физичко на отворен базен, без разлика дали надвор е нула степени.

– Првпат кога отидов бев единствената со капа, за да не настинам, нели? Така нѐ учеле, но сега ми се сменија убедувањата и предрасудите. Мислам дека таму живеат најсамостојните деца на планетава и тоа навистина се забележува и е поразлично од каде било. Можеби за тоа придонесуваат и климатските услови. Дали дува ветер, дали е темница наутро (оти зиме подоцна се разденува), дали врне дожд, тие деца од најрана возраст сами одат во школо со тротинети, со велосипеди, со кацигите на глава, брзаат да не задоцнат. Велосипедите им се расфрлени по училишниот двор, незаклучени, само ги фрлаат кој како ќе стигне. Секој се плаши да не задоцни, оти имаат големи опомени ако доцнат – вели Шојлевска.

На час по домаќинство децата се креативни

Новинарката вели дека другарувањето е наше богатство и дека тоа го нема на Исланд. И, иако имаат најмодерни игралишта на секој агол, тие се празни.
– Децата не играат, не се собираат по маала. Ја нема таа улична игра и дружба. Децата од мали одат на спорт и тоа ги интересира. Сѐ е некако подистанцирано. Внукот 10 дена посетуваше настава во „Коле Неделковски“, го испратија со цртежи, потписи, пораки полни со љубов… таму тоа го нема – вели Шојлевска.



912

X