На секоја жена ѝ се случува да се расправа сама со себе кога всушност се расправа со својот сопруг. И Момо Капор го забележал тоа.

Момо Капор, српски сликар и писател, имал остро око да го запази карактерот на српскиот народ и да го преточи во преубави и инспиративни приказни. Во книгата „Магијата на Белград“, во приказната „Летување“, на урнебесен начин прикажува како српските жени се расправаат со своите мажи.

„Слободааан! Слобооооодаааан! Веднаш излегувај од морето! Ни секунда повеќе! Погледни колку си модар! Забите ти се тресат! Веднаш надвор, ме слушаш ли?

Кажи му да излезе надвор! Ти си му татко! Погледни, целиот е модар!

Па ти не си нормален! Воопшто не ти е гајле! Па ова е човек да полуди!

Тоа дете покрај тебе би можело да се удави, а ти не мрдаш ни со малиот прст! Како што не ни мрдна тогаш кога ме навреди оној сообраќаец. Што правеше ти? Се смееше наместо да ме заштитиш како човек!

Јас прва почнав? Само ти кажав дека навистина возеше пребрзо и дека секогаш возиш толку брзо и дека мислиш дека си најпаметен и дека ја претекна онаа цистерна и дека ако така продолжиш, ќе излезам со детето среде магистрала, а тој ти ја врати возачката и рече дека нема да те казнува (дали беше така) бидејќи веќе си казнет што имаш жена како мене! Да, тоа го рече! А ти не мрдна ни со малиот прст! Што? Што требаше да направиш? Не, не требаше да се тепаш со него, но можеше барем да му одговориш, а не да се смееш како дебил!

Е, тоа е навистина… Се прашувам само зошто воопшто се женеше! Па, тебе најдобро би ти било да си сам!

Ти воопшто не си за брак. Ајде, тргни ги тие весници и признај: така ли е, би ти било ли поубаво да си сам, без нас двајца, а? Ајде, биди барем еднаш човек и признај!

Господе, на кого му зборувам?

Што прави тој по цел Божји ден? Или спие или чита весници или пие пиво… И тоа да ти се нарекувало летување!

Петпати подобро ќе поминев да останев во Белград. Ќе ја затемнев собата, ќе направев провев и барем убаво ќе се наспиев. Вака што? Една година ги чекам овие бедни две недели на море, а на плажа доаѓаме на пладне, кога цел нормален свет веќе оди на ручек. Ти тоа си ми го овозможил? Што имаш ти за да овозможуваш нешто некому? И што си ми овозможил ти, те молам? Да престојувам во некој оџак, 180 скали над магистрала? Да, точно 180, вчера ги броев… Да се капам во оваа смрдлива јавна плажа што мириса на кокосово масло?

Да се преправам дека не гледам како непрестајно зјапаш во овие жени без горен дел од костимот за капење? Мислиш дека не сум забележала како ги набљудуваш? Зошто и јас не го вадам горниот дел? Затоа што бев будала што го доев детето и си ги упропастив градите, а не како овие што мислат само на себе! Ете, затоа не го вадам, ако сакаш да знаеш!

Другите луѓе ги носат своите жени на сите тие Хамлети, Бетовени и Шопени, а ти нас нè носиш на скара! Како да не можев да јадам ќебапи во Белград, каде што се многу подобри и не смрдат на маслиново масло?

Што уште си ми овозможил? Да одам до пазар и назад и да правам сендвичи за на плажа, за таму случајно да не се потрошиме! А пресметај само колку секој ден трошиш на цигари и пиво? Само пресметај! Што ли му згрешив на Бога! Погледни ги само другите мажи и жени! Шетаат навечер по крајбрежјето, се држат за рака, разговараат… Имаат што да си кажат едни на други. Не зјапаат во весниците и во чашата!

Господе! Па, тој падна! Е, ова е навистина… Слобоооодааан! Слобоооодааан! Веднаш да си излегол од вода!“

Момо Капор



912

X