Воспитување

Како се воспитува самостојно дете според принципите на Марија Монтесори

Воспитувањето според принципите на Марија Монтесори не создава „совршено послушно“ дете кое слепо ги слуша наредбите. Напротив, создава самостојно, самоуверено и способно дете кое знае да носи правилни одлуки во животот.

Основната парола на овој пристап гласи: „Помогни ми да го направам тоа сам!“ Наместо родителот да каже: „Остави, јас ќе средам, ти не знаеш“, Монтесори родителот прашува: „Сакаш ли да пробаш сам?“

Еве ги 7. основни Монтесори правила за децата од раѓање до адолесценција:

1. Децата учат од опкружувањето

Во првите години од животот околината е пресудна. Детето впива сè од својата средина без селекција. Родителот треба да создаде безбеден простор во кој детето ќе може слободно да ги изрази своите основни потреби за движење, ред, говор и љубов.

2. Заборавeте на прекумерните критики и лажните пофалби

  • Ако постојано го критикувате, детето учи како да ги осудува другите.
  • Според Монтесори, најголемата награда за детето е сопственото задоволство од добро завршената работа, а не надворешните пофалби или материјалните награди. Кога самостојно ќе совлада некоја препрека, детето гради вистинска внатрешна мотивација.

3. Почит кон грешките, тие се дел од учењето

Почитувајте го детето и кога греши. Наместо веднаш да ја поправите грешката, дајте му време и простор само да ја пронајде и да ја поправи. Само така грешките стануваат лекции, а учењето станува ефикасно.

4. Пријателската атмосфера раѓа љубов и исполнетост

Ако детето расте во средина каде што се почитуваат неговото право на избор и неговите интереси, тоа нема да биде фрустрирано. Чувството дека е прифатено и потребно му помага да развие висока самопочит и да научи како да споделува љубов со другите.

5. Поддршка во „сензитивните периоди“ на развој

Поддршката го прави детето самоуверено. Марија Монтесори ги дефинира „периодите на посебна чувствителност“, тоа се временски ограничени фази кога детето покажува природна, спонтана љубопитност за одредена вештина (на пр., одење, пишување, подредување). Во овие периоди детето со леснотија и радост ги совладува работите, па задача на родителот е да го забележи тој момент и да му ја понуди вистинската активност.

6. Бидете поддршка кога му требате, но повлечете се кога работи само

Кога детето бара помош или ќе постави прашање, секогаш сослушајте го и одговорете му. Сепак, помошта значи насочување, а не завршување на задачата наместо детето. Кога гледате дека детето е длабоко фокусирано и самостојно истражува, застанете настрана и не прекинувајте го.

7. Бидете најдобриот пример за вашето дете

Детето учи од вашето однесување. Начинот на кој се однесувате кон другите и кон околината е основа за неговиот иден карактер. Возрасните луѓе тешко се менуваат, затоа промената и добрите навики треба да започнат од најмала возраст преку личен пример.

Совети за родители и наставници

  • За родителите: Дозволете му на детето да учествува во секојдневните обврски (поставување маса, диплење облека, чистење). Со тоа не му давате работа, туку му давате чувство на способност и припадност.
  • За наставниците: Организирајте го просторот така што материјалите ќе бидат лесно достапни за децата сами да ги избираат и да ги враќаат на место, со што се поттикнува одговорноста и одржувањето ред.

Извор

Поврзани написи

To top