За здрава бременост и здраво дете, најдобро е жената со нормална телесна маса да добие од 12 до 16 килограми. Но, може да добие и повеќе или помалку. Стремете се кон полесно и постојано зголемување на својата тежина, но имајте на ум дека секоја жена има индивидуални особини.

Прво тримесечје

Доколку не сте имале проблеми со повраќање, би можеле да добиете 1 до 2 килограма, односно околу 10 отсто од вкупната тежина што ќе ја добиете во бременоста. Идеалниот пораст на тежината до крајот на овој период изнесува 2 килограма, односно од 450 до 680 грама месечно.

Второ тримесечје

Во следните 3 месеци можете да очекувате да добиете од 5 до 7 килограми, односно 50-60 отсто од вкупното зголемување на тежината. Идеалниот пораст на тежината до 28. недела изнесува 9 килограми, односно од 230 до 340 грама неделно.

Трето тримесечје

Во текот на последните месеци веројатно ќе добиете уште околу 4 килограми, односно 30-40 отсто од вкупниот пораст на тежината во бременоста. Идеален пораст на тежината до крајот на бременоста изнесува 12 килограми, односно од 340 до 450 грама неделно.

Што сè ја сочинува вкупната тежина на крајот на бременоста:

Вкупната добиена тежина, помеѓу 12 и 16 килограми, се состои од следното: дете од 2.500 до 4.200 грама, постелка од околу 700 грама, плодова вода околу 900 грама, зголемување на дојките од 450 до 1.350 грама, зголемување на матката околу 900 грама, резервни масти и зголемување на мускулната маса од 1.800 до 3.800 грама, зголемен волумен на течности од 900 до 1.350 грама, зголемен волумен на крвта од 1.350 до 1.800 грама.

Доколку вашата тежина е во границите на просечните вредности, во текот на бременоста ќе ви требаат само околу 300 калории дневно повеќе отколку што било потребно пред бременоста за да се одржи тежината. Во текот на првото тримесечје дури и не ви се потребни тие 300 дополнителни калории дневно, освен ако се обидувате да надоместите губиток на тежината.

Автор: Барбара Финдерле, акушерка и советник за доење

Извор



912

X