Воспитување

Лажен сјај и сиво секојдневие: Како виртуелната илузија и родителската незаинтересираност го уништуваат она што е човечко во нас?

Живееме во време на опасен и суров парадокс. Од една страна е шарената, филтрирана и гламурозна илузија на социјалните мрежи, а од друга, реалниот свет, кој често е сив, обичен, понекогаш досаден и далеку од совршен. Трката по лајкови, прегледи, срциња, споделувања и инстант-внимание веќе не е само забава, туку сериозна општествена дијагноза која ги искривува вредностите кај возрасните, а кај децата остава трајни последици. Ги учиме најмалите на целосно нереални работи, додека самите тонеме во матрицата на лажната популарност.

Деца што прават нечовечки работи за неколку секунди слава

Најголемата цена на оваа виртуелна шизофренија ја плаќаат децата. Несозреани, со телефоните в раце преку целиот ден, тие постојано, со часови скролаат низ социјалните мрежи каде што алгоритмите им ја сервираат најлошата можна лекција: „Колку поекстремно и пошокантно, толку повеќе лајкови“.

Заслепени од желбата да бидат прифатени и „популарни“ во виртуелниот свет, тие почнуваат да прават нечовечки работи. Малтретираат свои врсници, ги исмеваат другарите, се снимаат и се сликаат секоја секунда од денот. Наместо да развиваат емпатија, тие ги претвораат сопствените грешки и туѓата болка во евтина алатка за кликови.

Феноменот на инстант-експерти, лажни уметници и наставнички со филтри

Овој очаен глад за внимание еднакво ги јаде и возрасните. Обични луѓе споделуваат мислења за сè и сешто како да се работи за врвна наука, одеднаш сите станавме експерти за секоја можна област. Желни за инстант-слава, луѓе пишуваат книги со помош на вештачка интелигенција, па организираат неверојатни промоции и објавуваат ВИ-видеа за своите „популарни изданија“. Дури и вистинските уметници што создаваат прекрасни дела како да подлегнуваат на притисокот; нивниот реален труд не им изгледа доволен, па мора да прават компјутерски генерирани видеа за публиката да „паѓа во несвест“ на социјалните мрежи. Сè стана постери, креативи и видеа без никаква логика, сè е само за еден лајк, срце или споделување на социјалните мрежи.

Како да очекуваме децата да научат што е реалност кога оние што треба да ги воспитуваат влегуваат во истата игра? Наставнички и просветни работници се сликаат со пренагласени дигитални филтри и во провокативни пози, па кога ќе ги сретнете на улица, не можете да ги препознаете. Желбата за дигитално одобрување, за таа дигитална потврда ја потисна почитта кон достоинството на професијата.

Осум часа на работа, а преостанатите – отсутни дома

Но, најсуровиот дел од приказната е ова. Одиме на работа по осум часа (а често и повеќе) за да заработиме за парче леб и да му обезбедиме егзистенција на семејството. Но, кога ќе се вратиме дома, преостанатите часови од денот како да не сме присутни. Дури и физички да сме таму, со мислите и со вниманието сме целосно отсутни. Уморни и исцрпени, не им обрнуваме внимание на сопствените деца. Најлесно ни е да им го дадеме телефонот или таблетот в раце – само за да си купиме малку мир и тишина.

Забораваме дека тие се емоционално несозреени суштества. На децата не им треба екранот, туку им требаат нашата љубов, нашето воспитување, нашето водење и цврсто поставените здрави граници. Границата не е казна, границата е доказ за детето дека на родителот му е грижа за него.

Наша обврска е да им кажеме што е човечко, а што не е

Ако ние не одвоиме време да разговараме со нашите деца, социјалните мрежи и алгоритмите со задоволство ќе го сторат тоа наместо нас. Но, интернетот нема да ги научи на морал. Екранот нема да им објасни дека вредноста на човекот не е во неговите скапи патики или во бројот на следбеници.

Наша, родителска и човечка обврска е да седнеме со нив и јасно да им кажеме што е човечко, а што не е. Да им покажеме каде завршува забавата, а каде започнува суровоста.

Како општество, крајно време е да научиме да се почитуваме – и самите себе и нашите деца. Да заработиш за живот е неопходност, но да го пропуштиш детството на сопственото дете е избор. Кога ќе ја затвориме вратата од работното место, мора да го исклучиме уморот и да ги тргнеме екраните. Децата не бараат совршени родители, туку присутни родители кои ќе ги фатат за рака и ќе ги научат да бидат луѓе во овој залутан свет.


Време е да ги засукаме ракавите, секој еден од нас, без разлика во која улога се наоѓа, како родител, како наставник, воспитувач, полицаец, баба, дедо или тетка, секој од нас да си ја прифати својата улога и навистина да го сработиме она што отсекогаш требало, преземајќи ја конечно одговорноста што ја имаме.

Автор: Даниела Димитриевска, дипл. педагог

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top