Водата е извор на животот и еден од неговите суштински фактори, што се потврдува со фактот дека речиси 70 отсто од површината на нашата планета и околу 60 отсто од човечкото тело се вода. Затоа е исклучително важно да ја одржуваме рамнотежата на водата во нашата средина и во нашиот организам.

Хидратацискиот баланс е столбот на правилното функционирање на виталните органи и секое негово нарушување, без разлика дали е дехидрација или труење со вода, може да има сериозни последици врз здравјето и животот на луѓето. Дехидрацијата вклучува прекумерно губење на телесните течности, а најчесто се јавува поради инфекции (дијареја и повраќање), прекумерно потење или недоволно внесување течности. Еден од првите знаци на дехидрација е чувството на жед како јасен сигнал на телото за итна хидратација, а нашето тело во тој момент можеме да го замислиме како издуван балон. Целта на правилната хидратација е да се спречи жедта и да се обезбеди соодветен внес на течности во текот на денот.

Постојат неколку начини да се одреди препорачаниот дневен внес на течности за поединецот во однос на возраста, телесната тежина, здравствената состојба, интензитетот на физичката активност, сезоната и други фактори. Меѓутоа, кога станува збор за здрава популација или поединец, Институтот за медицина поставува еден од најдобрите модели на правилна хидратација наречен „8 чаши вода на ден“. Оваа препорачана количина на вода е 1,5 до 2 литри дневно, што е просечна потреба од течност кај возрасните.

Видот на течноста што се внесува е важен

При хидратацијата не се важни само количината и видот на течноста, туку и правилниот пристап кон нејзиното внесување, бидејќи само телото кое е правилно хидрирано ќе може оптимално да ги спроведе сите метаболички процеси. Затоа се препорачува да се пие околу половина литар вода на секои три часа од 9 до 21 часот или вкупно околу 2 литра вода. Сите оние што се занимаваат со каква било физичка активност, вршат напорна физичка работа или многу се потат во овие летни месеци, ќе треба да внесат малку поголема количина за да ја надоместат изгубената течност. Токму во ситуациите кога е потребен зголемен внес на течности многу луѓе знаат да претераат со внесот на вода. Имено, во овие случаи покрај вода доаѓа до губење и на електролити, а прекумерното внесување вода дополнително го „испира“, телото што доведува до хипонатремија или т.н. труење со вода. Со оглед на тоа што покрај водата има губење на многу минерали, како натриум, калиум и магнезиум, најдобро е да се компензира со консумирање природни сокови од овошје и зеленчук, незасладени чаеви, супи, чорби и медицински препарати – раствори за орална рехидратација (ORS) и спортски пијалаци богати со електролити, витамини и минерали. „Влажната храна“, како што се млекото и напивките од ферментирано млеко се исто така одличен извор на течности, особено кога станува збор за хидратација кај децата.

Има многу идеи како да се освежиме во текот на летните месеци и истовремено правилно да го рехидрираме телото. Уживањето во разладено овошје значително придонесува за внесување течности, па едно парче лубеница (300 г), две кришки диња или една голема краставица може да заменат една чаша вода (250 мл). Од друга страна, една цела папаја содржи дури половина литар вода. Како алтернатива на класичното консумирање, праска, диња, лубеница, лимон, јагода или боровинка во форма на замрзнати коцки може да се користат за подготовка на ароматизирана вода без додаден шеќер, богата со витамини и минерали.


Природните сладоледи, на база на вода и млеко, исто така можат да бидат одличен извор на течност, а многу лесно се подготвуваат. Природниот сок од портокал, лимон, лимета, но и мешаното овошје лесно може да се стават во калапи за сладолед, а како квалитетна ужина ви препорачуваме сладолед од јогурт направен од мешани бобинки, егзотични или сезонски овошја како праски, кајсии и нектарини во комбинација со јогурт.

Газираните пијалаци треба да се избегнуваат

Проблемот со газираните пијалаци е што тие на почетокот даваат чувство на гасење на жедта бидејќи јаглеродниот диоксид во нив го надувува желудникот, создавајќи чувство на ситост, но затоа троши многу помалку течност отколку што е потребно за хидратација на организмот.

Газираните пијалаци се особено популарни кај децата и тинејџерите, а тие се изложени на ризик од дехидрација во топлите летни денови.

Децата уште од мали треба да се едуцираат за важноста на пиењето на вода, како што покажува студијата спроведена на 4.900 седмоодделенци од 111 хрватски училишта која покажала дека дури 28,80 отсто од учениците пијат газирани сокови секој ден.

Кога станува збор за кафето и алкохолните пијалаци, тие имаат диуретично дејство, што ги прави „течности без течност“, па со нивното консумирање секогаш се советува и чаша вода.

Автор: Тена Нисетео/ инженер за прехранбени технологии

Извор



912

X