Бев мажена околу 3 години кога го доживеав мојот прв спонтан абортус. Бев само 7 недели бремена, но бев уништена. Длабоко уништена до точка на која некои луѓе се прашуваат дали да побараат професионална помош или лекови. Не ми требаше тоа. Ми требаше само длабоко да жалам и да тагувам долго време. Уште од мали нозе сакав бебе повеќе од сè, а ја изгубив првата шанса да го реализирам тој сон. Морав да го пребродам тоа.

Мојот сопруг беше карпа. Не можам ни да почнам да ви ги кажувам работите што тој ги стори за мене, не само додека моето тело физички заздравуваше, туку и потоа кога тагата беше толку интензивна што не бев тоа јас. Тој ги преземаше одговорностите во текот на денот, но потоа се врати на животот како вообичаено. Беше очигледно тажен, но никогаш не го изразуваше тоа како што јас го изразував. Неговата моќ да се справува со тоа ме натера да претпоставувам дека не чувствува толкава тежина од загубата како јас. Понекогаш дури и ми пречеше да го гледам како му оди добро, а мојот свет се распаѓаше.

Зарем не знае дека нашето бебе умре уште пред да дознаеме какво е?

Не се осмелив да ги ставам под знак прашалник неговите емоции.

Го оставив да тагува на начинот на кој тој сметаше дека е соодветен.

Со текот на времето почнав повторно да го живеам животот. Спонтаниот абортус беше во јули, а до периодот на Денот на мајката следната година успеав да поминам само со неколку солзи. Се изненадив кога утрото на Денот на таткото, мојот сопруг се разбуди и пред воопшто да стане од кревет, солзи почнаа да му се леат по образите. Тој само ме погледна и ми шепна: „Ден на таткото е, а таа не е овде“. Отиде да се истушира, а мене ме остави вчудовидена. Како не знаев дека мојот сопруг сè уште тагува и жали толку длабоко за нашата загуба, речиси една година подоцна? Не сакаше повеќе да зборува за тоа, па не зборувавме. Но, никогаш не заборавив. Времето поминуваше, па добивме две бебиња и открив дека сум бремена неочекувано и со трето дете. Три беше наша бројка. Бевме пресреќни. Нашето семејство ќе биде целосно.

Ултразвукот покажа дека срцето на бебето престанало да чука неколку недели претходно. Јас издржав само до тоалетот и потоа се распаднав. Мојот сопруг седеше тивко покрај машината за ултразвук и ги слушаше внимателно инструкциите на гинекологот. Потоа одевме рака за рака, молчејќи. Не можев ниту да плачам. Како се вративме пак тука, губејќи уште едно бебе на кое очајно сакавме да му дадеме љубов? Сакав да се распаднам во истиот тој момент кога седев во автомобилот, но овој пат знаев дека треба да се грижам за мојот сопруг. Па наместо да ги затворам своите очи и да плачам, зедов длабок здив и го почнав разговорот.

Сега, треба да кажеме збогум уште пред да кажеме здраво. Повторно

Како си?

Извини. Знам дека ова ти се случува тебе и знам дека треба да бидам цврст, но многу сум тажен. Бев толку возбуден и сега…, неговиот глас затрепери. Не можеше да заврши. Знаев. Сега, треба да кажеме збогум уште пред да кажеме здраво. Повторно. Сега, уште повеќе тага, овој пат додека одгледуваме две мали момчиња кои немаа поим низ што поминуваме. Сега треба да ми се прави операција бидејќи моето тело не го пушташе плодот. И после сè, тој мислеше дека треба да биде цврст бидејќи сметал дека спонтаниот абортус е нешто што лично мене ми се случува. Многу сум благодарна што успеав да го запознаам уште подобро овој втор пат. Знам дека требаше да му го оставам просторот за целосно да жали – нешто што го немаше првиот пат. Бев скршена, но не се распаднав целосно како првиот пат.

Неколку недели по нашата загуба, генетските резултати пристигнаа. Нашето изгубено бебе беше девојче. Таа ќе беше нашата прва и единствена ќерка. Лежевме в кревет заедно со часови откако нашите синови отидоа на спиење, се преправавме дека спиеме, а секој од нас молчеливо бараше утеха од другиот додека шепотите ни бегаа од усните во темнината.

Ги забораваме татковците понекогаш. Кога жена ќе ја изгуби бременоста, очекуваме од неа да тагува и жали. Разбираме ако тагува длабоко. Креираме слогани. Како „Јас сум 1 во 4“. Но и татковците ги губат своите бебиња. И важно е да ја запомниме и нивната болка кога зборуваме за губење на бременоста. Многу од овие изгубени бебиња би имале и татковци.

И срцата на мажите се кршат

Кога размислував да го напишам ова, зборував со повеќе мажи чии партнерки ја изгубиле бременоста. Секој од нив се чувствуваше како мојот сопруг – дека жените имаат повеќе право да чувствуваат длабока тага бидејќи физички ја губат бременоста, и покрај фактот што детето би било од двајцата родители. Ако татковците може да ги сакаат своите бебиња од моментот кога ќе ги видат, тие може да ја сакаат и идејата за нив многу поскоро исто како и ние. Кога бев дете, мајка ми имаше спонтан абортус рано во второто тримесечје. Го прашав татко ми за спонтаниот абортус и тој ми кажа нешто што ме растажи.

„Многу луѓе ме прашуваат како е мајка ти. Никој не ме праша како јас се чувствувам. Бев неспремен колку всушност тоа ќе ме погоди. Мојот цел живот, гледав на спонтаниот абортус како тага на жената. Не сфаќав дека моето срце веќе направило простор за тоа дете и чувствував длабока тага за која воопшто не бев подготвен. Луѓето го нудат своето сочувство, но никој не праша како јас се справувам со тоа. Се чувствував како никој да не согледуваше дека тоа е и моја загуба“.

Кога посакувана бременост завршува прерано, милиони соништа завршуваат со неа. Тој вид загуба не е само од женската страна и тага. Ако е вклучен и таткото, и тој ги чувствува загубата, тагата и болката. Кога избираме да зборуваме за губење на бременоста поотворено за да се создаде чувство на разбирање и чувство на заедништво, важно е да не заборавиме дека губењето на детето им се случува и на татковците. Да ги прашаме како им е. И срцата на мажите се кршат.

Автор: Кејти Клојд

Извор



912

X