Во многу домови денес постои една слика која станува сè почеста: бебето плаче, детето е немирно, а првата реакција е – телефонот. Еден звук, едно видео или светлите бои на екранот можат за кратко време да им го привлечат вниманието и да донесат тишина.
Но, понекогаш зад таа тишина останува едно важно прашање: што му било потребно на детето во тој момент?
Детскиот плач не е само нешто што треба да престане. Тој е првиот начин на кој детето комуницира. Преку него бара близина, сигурност, допир и одговор од личноста која му е најважна.
Како дефектолог со долгогодишно искуство во работа со деца со развојни тешкотии, многупати сум се уверила дека развојот не се создава само преку она што детето го гледа, туку преку она што го доживува. Погледот на родителот, разговорот, играта, насмевката и реакцијата на возрасниот се првите „лекции“ преку кои детето го запознава светот.
Денешното детство е поинакво од детството на претходните генерации. Технологијата е присутна насекаде – во домот, во образованието, во комуникацијата. Таа не е непријател и не треба да ја гледаме како нешто што мора да се отфрли. Напротив, таа може да биде корисна алатка за учење и развој.

Но, предизвикот е во тоа што екранот не смее да стане замена за односот со детето.
Во најраните години детето ги гради основите на говорот, комуникацијата, емоциите и социјалните вештини преку жив контакт со луѓето околу себе. Ниту една апликација не може да го замени разговорот со родителот, ниту едно видео не може да ја замени играта во која детето учи да споделува, да чека, да се изразува и да се поврзува.
Современите родители се соочуваат со многу предизвици. Брзото темпо на живот, обврските и заморот често бараат брзи решенија. Понекогаш телефонот станува помош во тежок момент, и тоа е разбирливо. Но, важно е да не заборавиме дека детето не бара само забава – бара однос.
Прашањето денес можеби не е дали децата ќе користат технологија. Тоа е неизбежно. Вистинското прашање е дали покрај технологијата ќе им обезбедиме доволно време за разговор, игра и човечка близина.
Затоа што детството не се гради само со она што детето го гледа на екранот. Се гради со луѓето што го гледаат него.
Автор: Александра Сабрас Апостолова, дефектолог