Бебињата знаат да ги изненадат родителите со нагло паѓање, а тоа најчесто се случува кога родителите за момент ќе го насочат вниманието на нешто друго. Потоа плаче детето, па плаче мајката, што секако не е добро. Поголемиот дел од родителите речиси секогаш помислуваат дека детето има скршено некоја коска или дека има тешки повреди на мозокот, што за среќа многу ретко се случува.

Која висина е критична за пад на бебињата?

Може да се заклучи дека нема безбедна висина за паѓање, па најдобро е да не дојде до тоа. Но, треба да се разграничат две важни ситуации: пад од мала висина, значи од кревет, и пад од поголема висина, поголема од еден метар, тоа на пример се столовите каде што на дечињата им се менуваат пелени. За среќа, падовите од поголема висина се многу ретки зашто родителите се особено внимателни по тоа прашање.

Како изгледа бебе кое штотуку паднало?

Бебето веднаш ќе почне силно да плаче, особено во првите десет минути по падот. Тоа е природно и вообичаено, бидејќи падот предизвикува болка, а најмногу и затоа што е исплашено од ненадејната промена на положба. Уште ако и мајката и таткото испаничат, тогаш ситуацијата непотребно се влошува. По најмногу десет минути детето ќе се врати во нормала, па нема потреба за грижа.

Што треба да направат родителите ако детето падне?

1. Полека и без паника да го подигнат бебето и да го прегрнат за главата да му биде наведната напред. На тој начин ќе се избегнат проблеми со дишењето, во случај детето да поврати.
2. Потоа бебето треба да го свртите кон себе и внимателно да погледнете дали има повреди или дали крвави. Не треба да го притискате и постојано да го допирате по главата.
3. Барем дваесет минути немојте да му давате да јаде и да пие. За тоа време играјте со него и потрудете се да заборави на траумата.
4. Ако бебето по 30-40 минути се однесува како ништо да не се случило, тогаш нахранете го, а ако сака да спие, оставете го нека се одмори.

Што може да повреди при падот?

Најчесто главата, што е сосема логично бидејќи таа е најтежок дел од телото. Од друга страна, бебињата паѓаат и од лежечка положба, без рефлексно пружање на рацете кон подот, па така често со главата удираат во подот. Некогаш имаат модринки, но не треба да им се даде преголемо значење ако не се многу големи. Коските на бебето се прилично еластични, па ретко се случува да имаат скршеници. Најмногу повреди имаат на челото.

Што е со повредите на устата и на забите?

Ако бебето има запчиња, понекогаш може да настанат помали повреди на јазикот или во усната шуплина, па може да забележите и малку крв. Тоа многу ги плаши родителите, но веќе по пет или десет минути крвавењето ќе престане, па не треба да се крева паника.

Што ако поврати?

Ова може да се случи ако бебето претходно јадело или ако ударот бил премногу јак. Нема причина за паника ако поврати неколку пати по падот. Но, не е во ред ако бебето постојано повраќа и ако чудно се однесува.

Колку време е потребно за заздравување?

Не треба да се прејадува, но на бебето не треба ни да му се крати храната по падот. Најголемиот дел од бебињата многу брзо заздравуваат од падот, од 30 до 60 минути. Затоа во повеќето случаи не треба да го носите детето на лекар.

Кога треба да се јавите на лекар?

Треба да отидете до најблиската амбуланта или болница:

– Ако упорно повраќа – ако повраќањето се случува константно подолго време, упатете се на лекар.
– Кога ќе се удри во нешто тврдо, па многу крвави – во овој случај е неопходно да се оди на лекар, но за време на транспортот потребно е да користите стерилна газа и да го притиснете местото на крвавењето.
– Невообичаена поспаност или вознемиреност, чудно однесување на детето – целта на прегледот е да го проучи невролошкото однесување на детето, а лекарот да се посомнева или да ја исклучи компликацијата од падот – крвавење во мозокот или артерија од внатрешната страна на коската. Ваквото нешто е навистина опасно за детето, но е многу ретко.

На крајот, јасно е дека поголемиот број падови на бебињата не се опасни. Но, тоа не значи дека треба да ги оставаме без постојан надзор. Кога ќе проодат, децата постојано паѓаат, но тоа е дел од детството. Нема дете што не паднало, но би требало да се потрудиме тоа да се случува што поретко.

Автор: д-р Тања Вукомановиќ, педијатар; асистент д-р Горан Вукомановиќ, педијатар



912

X