– Ќе видиш.

Реченица што безброј пати сум ја слушнала во текот на бременоста. Често препознавав дека е кажана без добра намера. Премногу често напишана во саркастично, со тој „хе, хе“ призвук што треба да ја ублажи. Понекогаш чувствував дека е искористена заедно со исмејувањето за моето незнаење и неискуство, насочена како стрелка со намера да ја погоди мојата безгрижност и да ми го уништи мечтаењето.

Таа реченица е најлошата што можете да ѝ ја кажете на бремена жена. Немојте да велите: Да, ќе види. Да, видов. И допрва ќе гледам. И се радувам. На сè. И на она што е тешко и фрустирачко и на она што е страшно и на она од кое течат солзи. Претешко е да се жонглираат емоциите и да се остане присебен, прибран, на земја.

Затоа на жената биди ѝ ветер во грб, биди ѝ поддршка, биди ѝ забава, биди ѝ рамо за плачење. Дај ѝ рака и гризни си го јазикот пред да кажеш: – Ќе видиш.

Дај ѝ елан и дај ѝ волја. Мотивирај ја и инспирирај ја. Таа реченица знае силно да пече, но никој тоа нема да го каже в лице. Ќе премолчи и ќе проголта, а тоа е голем залак за некој што допрва треба да открие како е да се биде мајка, за некој што допрва го чека породувањето и оние први денови со бебето.

Кажи ѝ што убаво ја чека, на што да се радува, кажи ѝ каква магија е да го гледа своето дете. Кажи ѝ дека сè ќе помине многу брзо, и тогаш кога ѝ се чини дека нема крај. Кажи ѝ да го искористи секој момент, секоја минута, секоја секунда. Бидејќи тие растат многу брзо.

Јас моето најубаво „ќе видиш“ го добив од мојата кума. Никогаш нема да заборавам колку се радуваше кога ѝ кажав дека сум трудна. По неколку месеци ми раскажуваше за нејзиниот син: – Утрово ме прегрна, ме погледна право в очи и ми рече „мама“. Едвај чекам и ти тоа да го почувствуваш. Ѝ благодарам за тоа.

На другата мајка биди ѝ мелем, а не пелин.

Автор: Андријана

Извор



912

X