Повеќето трудници очекуваат некаква „утринска мачнина“ во одреден момент од бременоста. Но, дали сте слушнале за трудничка хиперемеза или „Hyperemesis gravidarum“?

Трудничката хиперемеза се однесува на тешко повраќање во бременоста што доведува до дехидрација и кетоза. Таа се разликува од утринската мачнина во однос на слабеењето, а може да биде поттикната од психолошки фактори (амбивалентност, страв).

Една мајка го опишува искуството со оваа состојба. Околу еден отсто од жените го доживуваат ова нарушување. Постојаното повраќање може да доведе до дехидрација, губење на тежината, вртоглавица и депресија, а во некои случаи може да придонесе за помала родилна тежина, па дури и предвремено породување.

– Бев бремена двапати, но поради HG (Hyperemesis gravidarum) и двете мои бремености беа ужасни. Признавам, ми се допадна вниманието што го привлекував со мојот голем стомак и нема ништо слично како чувството на мало бебе кое се движи во вашиот стомак. Но, бременоста воопшто не ми беше пријатна.

Додека бев бремена со првото дете, уште од самиот почеток повраќав неколку пати на ден. Секогаш имав гадење, никогаш не сакав да јадам и не качив ниту еден килограм. Бев тажна и депресивна, а сите околу мене велеа дека тоа е нормално.

– Што очекуваш? Па, ти си бремена – ми велеа.

Дури ни мојот гинеколог не изгледаше вознемирен. Ми рече само да бидам трпелива. Тој ме увери дека мојата болест и екстремната непријатност веројатно ќе исчезнат до крајот на првиот триместар. Но, не беше во право. Стигнав до второто тримесечје и постојаното повраќање не покажуваше знаци на забавување. Знаев дека тоа не е нормално, но никој не ја сфати сериозно мојата загриженост.

Го излудував семејството. Сите миризби ме тераа да повраќам. Зборувам за сè, од парфем до храна… Еднаш го преместив бирото на работа затоа што мирисот на производот за коса на колега ми предизвика повраќање.

Не беше важно што јадев бидејќи ништо не задржував во мојот желудник, сè излегуваше. Во еден момент престанав да јадам и повторно повраќав. Поради тоа, дехидрирав и неколку пати завршив во брза помош. Лежењето ми беше уште потешко, па спиев на фотелја. Возењето автомобил беше невозможно без отворен прозорецот, па дури и тогаш често морав да застанувам за да повраќам покрај патот, дури и на кратки патувања.

Ги пробав сите лекови за утринска мачнина, вклучително и џвакање ѓумбир, зголемување на протеините и триење со специјална мешавина од есенцијални масла. Ништо не функционираше.

Постојаното повраќање ме исцрпи и почна психички да ме троши. Бев загрижена дека губењето килограми, постојаното повраќање и дехидрацијата ќе влијаат врз моето неродено дете – особено затоа што бременоста се сметаше за ризична поради фиброиди на матката и други здравствени проблеми.

Тоа беше најтешкиот и најисцрпувачки период во мојот живот

Не можев да уживам во бременоста поради овој проблем, за кој никој не веруваше дека е реален. При една посета на итната помош за инфузија, откако за малку ќе се онесвестев, повторно поради дехидрација, докторот реши да разговара со мене. Кога уште еднаш му ја изразив мојата загриженост за оваа тешка „утринска мачнина“, единствениот одговор на овој човек беше дека бременоста „не треба да биде удобна“.

И покрај поддршката од семејството и пријателите, мојата самодоверба сè уште беше многу мала. Конечно, неколку недели во вториот триместар, мојата бабица ми дијагностицира хиперемеза во бременоста. Веднаш се расплакав. Но, и ми олесна што конечно добив одговор, име и потврда дека нешто не е во ред со мене. Ми препишаа лек. Првпат по неколку месеци се чувствував нормално.

Дури и со лековите, сè уште имав повремено гадење и повраќањето не престануваше целосно. Сепак, конечно успеав да се опуштам и да уживам во бременоста повеќе од порано – раскажува една мајка.

За време на втората бременост, сè беше исто. Веднаш го известив гинекологот за моето претходно искуство, а кога стана јасно дека повторно боледувам од оваа состојба, порано добив рецепт за апчиња.

Но, во втората бременост имав проблем само во првиот триместар. Потоа успеав да ја решам мачнината без лекови.

Овие искуства ме научија да му верувам на моето тело и да се залагам за себе. Сакам секоја друга жена што се сомнева дека има хиперемеза да го знае ова:

– Го познавате вашето тело и како функционира (иако бременоста може да биде ново искуство за вас);
– Верувајте во вашата интуиција;
– Ако еден лекар не слуша, обидете се со друг;
– Разговарајте со други жени, прашајте ги дали го доживеале она низ што поминувате;
– Не прифаќајте го чувството на болест 24/7 како нешто нормално затоа што не е.

Извор



912

X