Летниот распуст е на заминување и знам дека тоа малку ве растажува, но сигурно сте создале многу пријатни моменти за паметење што ќе ви траат до следниот 10 јуни. Верувам и дека сте читале лектири, но и книги за своја душа зашто училишните обврски малку ве спречуваат во тоа во текот на школската година. Не се сомневам дека научивте многу нови зборови што ќе ви помогнат уште поубаво да опишете како сте си го поминале летниот распуст. Знам дека и вашата приказна ќе биде исто толку возбудлива и полна со необични случки како онаа на Исидора Мун.
Но, кога наставничката ја прашува како си го поминала летото, Исидора нешто како да ја тера да се чувствува непријатно. И тоа во врска со нејзиното доживување. Ајде да видиме од каде извира причината…
Во семејството на Исидора Мун не се сите согласни со идејата на мајка ѝ, да одат на кампување. На татко ѝ не му е баш најмило што треба да си ја жртвува сета своја удобност, но договорот е – следното лето ќе летуваат по негов избор. И така… семејството Мун заминува во Заливот на Сирените.
А таму, во Заливот на Сирените, ги дочекува вистинска идила: ширно море, ѕвездено небо како да се во планетариум, прекрасна природа… Што треба повеќе за неповторлив летен одмор?!

Утредента сонцето рано ги извлекува Исидора и Розовото зајаче од нивниот шатор. Згора на тоа, и со широки насмевки и полни раце реквизити за песочни лудории. А песокот е баш пријателски расположен да учествува во градењето на најубавиот замок на плажата. Плус, украсен со секакви школки и… уште нешто… хм… добро би дошол и чешелот со скапоцени камења, инаку сопственост на нејзиниот татко. Па уште да видите како блескаат рубините осветлени од сончевите зраци – право ремек-дело од вештите раце на Исидора и Розовото зајаче. Мислам, плажа со ваков замок е вистинска реткост. И така Исидора ја остава својата уметничка креација, малку да ѝ се восхитуваат и другите кампери, и влегува да се искапи во морето. Морето, пак, љубоморно на песочниот убавец од школки и дијамантски чешел, ги испружува брановите и си го прибира за себе вредниот чешел.
Нашето девојче веднаш се смрачува и растажува. Сака да му каже на татко си, но некако зборовите не ѝ излегуваат од устата. Особено е загрижена што тој чешел имаше и една друга, бесценета вредност – му беше подарок на татко ѝ од неговиот прапрапрадедо. 🙁
Исидора, која се уверивме дека е многу умно и воспитано девојче, одлучува да ја исправи својата грешка. Во мисијата „чешел“ ќе има и еден необичен соработник. Впрочем, воопшто не е необично во Заливот на Сирените да живеат… сиренииии…
И потоа… Потоа… ова… (што беше потоа?). Ах, што сум заборавена… Ќе морам да се присетам како течеше приказната понатаму. А вие, наместо да ме чекате да се потсетам – брзо да си ја прочитате камперската приказна на Исидора Мун. Имате доволно време до крајот на распустот, за да си го исполните квалитетно и паметно.
Јас не сум учителка и не давам домашни задачи, но би била среќна ако со мене ја споделите својата летна приказна. Токму така ќе си го повежбате раскажувањето и нема да ве затекнат неподготвени на првиот училиштен ден. Прифаќам и цртежи и секаков друг креативен начин на изразување. Сега отидов да си ја препрочитам „Исидора Мун оди на кампување“. Мислам дека следуваше возбудлива потрага по загубениот скапоцен чешел…



912

X