Со почетокот на зимата, ритамот на животот за вас и за вашето бебе сигурно ќе се промени, а исто така и условите во кои живеете. Прво, престојот на отворено ќе се намали, а престојот во затворен простор ќе биде подолг. Ова секако се должи на пониските температури, но и на пократкиот ден во текот на зимските месеци.

Многу родители се грижат дали во овој период на нивното бебе му е пријатно и топло. Но, студеното време не треба да ве спречува да излезете на свеж воздух со вашето дете барем еднаш на ден.

Исто како во текот на летото, упатствата за облекување на вашето бебе може да бидат според вашето чувство на удобност (освен ако не сте од оние на кои секогаш им е студено или жешко, тогаш потпрете се на процената на брачниот другар или на друга блиска личност при изборот на облека кога ќе излегувате со вашето бебе). Меѓутоа, ако бебето е помало од 6 месеци, тогаш ќе му треба поголема заштита, бидејќи односот на неговата површина на телото и тежината е поголем.

Дневна облека за прошетка

На студеното време многу е поефикасно да го облечете детето со неколку слоја облека. Тоа е подобро затоа што бебето помалку ќе се поти отколку кога ќе му облечете тешки и дебели алишта. Покрај тоа, на бебето ќе му биде многу потопло ако еден од овие слоеви е волнен. На бебето треба да му ставите капа, дури и ако надвор не е студено, бидејќи капата во голема мера ќе му помогне да ја задржи телесната топлина (дури 25 отсто од телото ја губи топлината преку главата). Кога температурата надвор е под нулата, капчето треба да му ги покрие и ушите на бебето.

Рацете треба да бидат заштитени со ракавици, стапалата со чорапи и чизми, а вратот со шал. Ако има силен ветер или е екстремно студен, можете да ја завиткате шамијата околу лицето или да го заштитите лицето со крпа, но внимавајте да не го покриете носот на бебето и така да му го отежнете дишењето. Доколку паѓа снег или врне дожд, ставете заштитен покрив на количката што ќе го заштити детето од дожд, но и ќе ја задржи топлината. Но, дури и добро затопленото бебе не треба да остане премногу долго на отворено кога времето е студено.

Променливо време

За помалку искусните родители, една од најзбунувачките работи дефинитивно е променливото време, карактеристично за пролетта и есента, но честа појава е и во другите годишни времиња.

Како да го облечете бебето ако утрото е сончево, а прогнозата најавува грмотевици и пад на температурата?

За такви услови, најдобриот одговор е слоевита облека. Најпрактични се полесните слоеви на облека што лесно можат да се облечат и соблечат кога времето ќе почне да се менува од топло во студено или обратно. Исто така, добра идеја е секогаш да имате елек или ќебе ако температурата нагло падне. Препорачуваме бебето да носи капа во речиси сите временски услови.

За мирен сон

За време на студените денови температурата во собата треба да биде помеѓу 20 и 22 степени, а во студените ноќи помеѓу 16 и 18 степени. Ако температурата во затворен простор е поголема од наведените вредности, тогаш сувиот и прегреан воздух може да ја оштети носната лигавица и да ја направи подложна на микроорганизми што предизвикуваат настинки. Исто така, претоплиот воздух ќе ја исуши кожата на бебето и ќе предизвика чешање.

Пред да го заспиете бебето, можете да го загреете креветчето со шише со топла вода или грејач (проверете ќебето да не е премногу жешко). Исто така, може да ставите фланелни чаршафи што се пријатни на допир во студените зимски ноќи. Покријте го бебето во слоеви за да му биде удобно и топло. Ако вашето бебе редовно ги трга ќебињата, тогаш ставете го во вреќа за спиење – ова е многу практично за бебиња и деца на возраст под една година. Бебињата исфрлаат вишок топлина од телото над главата, па затоа е препорачливо да се консултирате со педијатар за тоа дали вашето бебе треба да носи капа ноќе.

Имајте на ум дека детската соба треба да биде постудена ноќе отколку преку ден и дека метаболизмот се забавува во текот на спиењето, па затоа бидете подготвени да користите дополнителни ќебиња. Но, обидете да ја избегнете вообичаената грешка – премногу облека на детето за спиење. Ако бебето се буди испотено во текот на ноќта, отстранете еден или два слоја од прекривките.

Како да знаете дали бебето е соодветно облечено?

Со допир на рацете на бебето, бутовите или задниот дел од вратот, лесно ќе утврдите дали му е пријатно. Ако овие делови му се ладни и ако детето е немирно, тогаш веројатно му студи, па затоа треба да го облечете или да го покриете со прекрива. Ако кожата му е топла и испотена, а косичката влажна, или ако бебето забрзано дише, тогаш веројатно е прегреано, па затоа соблечете му неколку слоја од облеката. Ако рацете и нозете му се студени, а телото му е пријатно и топло, но бебето и понатаму плаче, можеби треба да го нахраните или е жедно или уморно.

Иако многу пати ќе слушнете коментар од типот: „На бебето му се студени рацете, треба да го стоплите!“, не скокајте веднаш. Имено, топлината на бебето не може да се утврди само од рацете или нозете, бидејќи тие претежно се постудени од остатокот од телото затоа што бебето нема целосно развиен циркулаторен систем. Истото важи и за икањето, кое е многу честа појава кај бебињата и во повеќето случаи нема никаква врска со чувството на студ.

Извор



912

X