Иако изгледа драматично и детето што ги доживува е вознемирено, сепак, ноќните стравови не се причина за родителска грижа. Како да ги препознаеме и да ги разликуваме од кошмарите, како да се однесуваме кога ќе се случат?
Ноќ е, децата се во кревет, а ние гледаме телевизија. Кога одненадеж од собата слушаме плач. Трчаме до собата, гледаме две насолзени очи кои не реагираат на она што го кажуваме. Тој не сака да го допирам, да го прегрнам и утешам, дури и посилно почнува да плаче на секој мој обид да му помогнам. Солзи, плунки, му доаѓа да повраќа, врескање… Што сега?
Оваа ситуација не ни се случува првпат. Имаше епизоди на плачење кога беше помал и кога исто така не можевме да го утешиме. Но, некако поминаа тие денови, ги оставивме зад себе, а сега ја почувствувавме истата конфузија и збунетост бидејќи е тешко да се издржи целата сцена. Се чувствувавме беспомошно.
Психолозите ги опишуваат ваквите епизоди како ноќен страв. Се работи за нарушување на спиењето во кое детето одеднаш се наоѓа во кревет, плаче, вика, има отворено очи, но не е навистина будно. Бидејќи се наоѓа во некоја сива зона помеѓу будењето и спиењето, не го перципцира присуството на родителите воопшто или само делумно и не реагира на тоа што му го зборуваат. Ноќниот страв може да потрае од 2 до 40 минути, а кога ќе заврши, детето повторно заспива и не се сеќава што се случило во текот на ноќта.

Како да го разликувате ноќниот страв од кошмарот?

За разлика од ноќниот страв, кога детето има кошмар, тоа се буди, се сеќава на кошмарот, можете да разговарате и да го утешите со вашето присуство. Кошмарот се случува помеѓу 2 и 6 часот наутро за време на РЕМ-фазата кога најмногу сонуваме. Ноќните стравови, пак, се случуваат во првите неколку часа од спиењето (РЕМ-фаза) кога не сонуваме.
Наједноставниот начин за разликување на ноќниот страв од кошмарот е да си го поставите прашањето: кој е следното утро вознемирен, вашето дете или вие? Ако е вашето дете тажно или загрижено од грдиот сон, тогаш имало кошмар. Ако сте вие вознемирени, а детето не знае што се случувало вечерта, тогаш се работи за ноќен страв. За жал или за среќа, родителот многу повеќе ги чувствува последиците од тоа што го видел и доживеал отколку детето.

Како да му помогнете на детето?

Не обидувајте се да го разбудите. Сметајте на фактот дека секој ваш обид да го допрете може да го разлути уште повеќе. Сè додека не постои опасност да се повреди, да падне од креветот или да ја удри главата во нешто, пуштете го и не допирајте го. Зборувајте му со тивок глас и бидете покрај него. Кога ќе се смири, направете ја постапката што се применува кај месечарите: отстранете ги сите играчки од подот или други предмети, затворете ги прозорците и вратата бидејќи детето што има ноќни стравови често може да скокне од креветот и да тргне да направи нешто.

Што го предизвикува ноќниот страв и како да го спречите?

Не постои универзален совет за тоа како да се спречи, но ноќните стравови може да се појават кога постои нередовна рутина на спиење, недостиг на спиење, можат да се појават и поради стрес во текот на денот или поради замор.
Важно е родителите да знаат дека нивното дете нема психолошки проблеми и дека сè е во ред со него. Обидете се да го задржите редот за спиење, имајте мирна рутина пред спиење, како бањање, миење заби, читање приказни и потрудете се детето да има доволно време да се наспие.

Изгледа во нашиот случај токму тоа недостигаше – доволно сон, учителката во градинка ни кажа дека тој ден нашиот син не сакал да спие. Сега ми е полесно бидејќи знам зошто се случи тоа. Едноставно во иднина морам да му обезбедам доволно спиење и одмор.

 



912

X