Доктор Даниел Мекнели не можеше да не му ја исполни желбата на својот осумгодишен пациент, па го „поправи“ неговото кадифено мече по име Литл Бејби.
Фотографиите на неврохирургот од Канада како го „оперира“ мечето на својот пациент ги воодушевија корисниците на социјалните мрежи, а особено родителите.
За кратко време фотографиите добија над 40.000 лајкови, проследени со многу позитивни коментари.
– Пациентот ме праша дали можам да го „поправам“ неговото мече пред да го однесат на операција. Не можев да му кажам не – напиша доктор Мекнели.
Patient asks if I can also fix teddy bear just before being put off to sleep… how could I say no? pic.twitter.com/WOKFc5zr91
— P. Daniel McNeely (@pdmcneely) September 30, 2018
Тој објави две фотографии на „Твитер“ на кои е целосно опремен во хируршка облека, со ракавици на рацете и безбедносни очила, додека извршува оперативен зафат на мечето.
Според Би-би-си, осумгодишниот Џексон Меки на патот кон операционата сала го прашал лекарот дали може да го оперира и неговото мече, а доктор Мекнели веднаш го прифатил барањето, ветувајќи дека ќе ја заврши таа работа веднаш по неговата операција.
По прегледот, хирургот дијагностицирал повреда под раката на мечето, па овој „пациент“ заработи неколку шевови.
– Беше толку горд. Се разбуди во болничкиот кревет, а до него лежеше Литл Бејби. Сите се чувствувавме подобро поради таквиот пристап – изјави таткото на Џексон.