Јеспер Јул е светски познат експерт за воспитување, развој и социјализација на децата. Бил семеен терапевт, предавач, педагог и автор на неколку книги за воспитување. Основната замисла на неговата работа била да ги инспирира и поддржува родителите и професионалните за децата да можат да растат ментално и социјално здрави. Тоа го правел така што давал ефикасна и применлива алтернатива за насилните и навредливи методи за воспитување на кои децата и денес се често изложени. Во овој текст го пренесуваме неговиот став за казните и пофалбите кај децата.

– Моето мислење е дека казните не треба да се користат. Никогаш. Кога децата нешто ќе направат, тоа го прават невино. Денес една мајка дојде со прашање. Вели дека нејзиниот син има две години и дека го мачат забите, кои сега му избиваат. Го болат и го чешаат и гризе сè и секого. А тоа кај двегодишно дете е нормално. И ми постави едно смешно, интересно прашање: Ако детето знае дека другата личност ја боли по она што ѝ го прави, а на две години разбира кога му кажуваме дека нас нè боли, тогаш зошто продолжува да го прави тоа?

Во реалноста важи дека за повеќето наши норми, на децата им се потребни 4-5 години за да ги интегрираат, да знаат. Во меѓувреме не им треба казна. Треба само на детето што гризе да му кажете: „Престани, не ми се допаѓа тоа.“ И со малку среќа, тоа дете има и татко, а тој потоа ќе ја пружи својата рака и ќе каже: „Ајде, загризи најсилно што можеш.“ И така ќе ги добие и двете.

За границите

Кога границите даваат резултат, тоа е затоа што се лични. Историјата нè учи дека децата ги почитуваат границите само ако се плашат од казна. Но, години наназад сме научиле дека тоа едноставно не е точно. Само им се потребни тие 4-5 години за интеграција. И кога се прашувате зарем двегодишното дете не е свесно дека ги повредува другите луѓе, одговорот е НЕ. Затоа морате да му повторите пет илјади пати во рок од неколку месеци.

Како да разговарате со децата?

Бидете колку што е можно повеќе тоа што сте. Бидете автентични. Не зборувајте со детски јазик, туку со својот, јазикот на возрасните луѓе. Ние треба да одлучиме дали сакаме дете кое ќе биде послушно или дете кое ќе биде автономно и ќе оди по својот пат. Мислам дека тоа е најважната одлука. Не употребувајте сила, ниту обликување, што сега е тренд во училиштата, градинките и кај родителите. Како да имаат дете со големина А4, кое се обидуваат да го сместат во формат од А3 и тоа да биде како што треба. Како прво, така не може да се биде успешен, а како второ, на детето не му требаат родители кои се окупирани со тоа какво ќе биде и што ќе стане за 15 години. Може да расте здраво само ако го гледате такво какво што е сега.

На крајот, мислам дека најважната работа што можам да им ја кажам на младите родители и дека секој ден ќе уживате во своето дете и во тоа што е. Точно во тоа што е. Без опседнатост во желбата да го промените. Тоа е најдобриот подарок што можете да му го дадете. Сè друго е помалку важно.

Одгледувајќи ги така, ќе направите децата да се чувствуваат сакани и прифатени, такви какви што се. Повеќето деца денес се под голем стрес бидејќи од родителите постојано слушаат дека би требало да бидат поразлични. Можеби само малку поразлични, но сепак различни. Тоа не е она што им е потребно да го слушаат за да растат здрави и среќни.“

Извор



912

X