Кој совет и да го послушате, знајте дека сте го избрале погрешниот, оној што не функционира. И да – самите сте виновни за исходот. Што и да направите, да помислите, да кажете – не е добро, некој друг може многу подобро од вас
Ова е приказната на мајката Марина Сертиќ која ги споделила моментите во кои почувствувала дека е добра мајка:
Три банки, седум години работен стаж (од кои три години породилно отсуство) едно двегодишно дете, едно седуммесечно бебе, куп домашни обврски и тон чоколада за дополнителен импулс на енергија… И не е така лошо. „Гугл“ ми е пријател, а и со „Фејсбук“ во последно време сме на „ти“. Така веројатно и треба да биде кога си на породилно, а јас веќе сум втора година по ред.
Кога ќе дојде ноќта, преморен си за домашните обврски, но парадоксално си преморен и за да заспиеш, па затоа си го вклучуваш компјутерот и сурфаш на интернет.
Моментот кога ќе сфатиш дека си се возбудил поради реклама на која се презентира чистач на пареа кој е на попуст, е всушност моментот кога треба да повлечеш линија и да заклучиш дека е време за „хепи аур“ или „мами тајм“ (не замерувајте на англиските изрази, тоа ми е професионална деформација).
Совети од искусни поминувачи
Кога детската соба конечно ќе се стиши, јас седнувам на тросед со релаксирачка функција, го земам таблетот в раце и бегам во виртуелниот свет. Смешно е како со преземање на родителската улога, полето на интерес целосно се сели на проблематиката со која се среќавате – така на пример јас, мајка на едно двегодишно дете и седуммесечно бебе, читам четива за дохрана и тантруми… ех, да тантруми. Звучи како болест, изгледа како судбина клета, а всушност е нешто најнормално и најлогично, но често стигматизирано во општеството. Една работа заклучив многу рано, би се осудила да кажам и претходно, но откако ја презедов родителската улога, сите знаат да го одгледуваат моето дете… освен самата јас. И точка.
Се сеќавам на приказната на мојата драга пријателка како шетајќи со својот син, кој спокојно спиел во количка, застанувала на секои 100 метри за искусни поминувачи да ѝ соделуваат зрна на мудроста како да му ги намести чорапчињата. Да, добро прочитавте – чорапчиња. Сета мудрост на светот застанала во десеттина квадратни сантиметри облека. Така тие чорапчиња биле непотребно потценети, за на сто метри да станат непотребно навлечени докрај и како такви да ги „сечат“ буцкастите ножиња на бебето, а потоа за следни сто метри да бидат претенки за возраста, па за сто метри магично да се претворат во термо-чорапи под кои нежната кожа не може да дише… Сагата за чорапите веројатно би траела ако мајката не одлучела да се врати во сигурноста на својот дом за да ги среди мислите и самата да заклучи како да го реши проблемот со чорапчињата. Колку филозофија околу обични чорапчиња, колку стрес во само еден обид за прошетка.

Туѓи погледи
Застрашувачки е да се биде мајка, да се има темпераментно дете, па уште и тврдоглаво, одлучно, дете кое реагира емоционално бурно, дете од две години кое преживува еден од најинтензивните периоди во животот. Во шолјата со млеко му ставив црвена сламка, а тоа инстинктивно посака жолта. Како можев да му го направам тоа? Зарем мама не знае да чита мисли? Можеби тоа намерно сум го направила затоа што тој сега се сетил дека повеќе ја сака жолтата боја. Или сум заборавила дека во млекото вообичаено не ставам црвена сламка? Не, не, тоа е капката што ја прели чашата и тој веќе не може така. Устата е отворена, главата наведната наназад, очите и дланките цврсто стиснати, а солзите со големина на грав (не грашок, грав!), се тркалаат по црвените образи. Крикот на рането мече се шири низ просторот. Не гледам крај. Ги чувствувам погледите на мојот грб. Дури и ги слушам. „Господе Боже, што му направи? Сето ова поради сламка? Со мене не би се однесувал вака! Гледај го колку е лош. Сама си е виновна, кога му дозволува. Мене тоа мојот никогаш не ми го прави, јас со него убаво навремено се договарам. А мојот еднаш се обиде да го изведе тоа во продавница и во истиот момент тоа го решив за никогаш да не му падне на ум така да се однесува“. Некогаш тие гласови се чувствуваат и во погледите, а некогаш и навистина се слушаат.
Да се биде мајка е неблагодарно
Морам да го пронајдам одговорот, каде грешам. Ќе го прашам „Гугл“ – „Драг Гугл, како да се биде добар родител?“ „Гугл“ исфрла 67.600 можни резултати. Започнувам да ги проучувам, па можеби ќе го најдам одговорот до 60-тиот роденден на синот, па ќе го решам проблемот со погрешната сламка, така што сите баби на овој свет може да видат дека сум супермајка. Не е секогаш проблемот во сламката, понекогаш се чорапчињата или маицата, понекогаш е колаче, понекогаш фактот што помладото дете баш во тој момент го држам в раце. Сè одеднаш станува стресно, напнато. За сè се бара виновник, сè се претвора во проблем, а сè поминува толку брзо…пребрзо.
Да се биде мајка е всушност навистина неблагодарно. Што и да направите, знајте дека некој друг го направил тоа сто пати подобро.
Најчесто тоа е некој што всушност нема сопствени деца. Кој совет и да го послушате, знајте дека сте го избрале погрешниот, оној што не функционира. И да – самите сте виновни за исходот. Што и да направите, да помислите, да кажете – не е добро, некој друг може многу подобро од вас.
Како тогаш да се знае дали сте добра мајка? Лесно. Ако навечер кога детската соба ќе се стиши, а вие бушави, во извалкана облека, со подочници стоите на врата и со заљубена насмевка ги гледате своите деца, мислејќи притоа дека нема поубави и подраги ангели на целиот свет – знајте дека сте добра мајка. Јас знам…
Автор: Марина Сертиќ