Ако деновиве прошетате низ градот или направите неколку скролања на социјалните мрежи, ќе забележите еден моден детал што загарантирано ќе ве врати во минатото со брзина на светлината, се вратија гумените, таканаречени желе сандали. И тоа не само на детските игралишта, туку и во излозите на најпознатите светски модни брендови.
Носталгијата по деведесеттите и почетокот на 21 век го достигна својот врв, а во 2026 година овие гумени сандали доживеаја сериозна трансформација. Повеќе не се резервирани само за плажа, туку станаа сериозен уличен хит и се комбинираат со сè: од опуштен џинс до деловни здолништа и капри-панталони.
Дизајнерските куќи што ги диктираат правилата
Клое е дефинитивно најголемиот двигател на овој тренд за пролет/лето 2026 година! Нивните проѕирни папучи со ниска потпетица се апсолутен вирален хит на мрежите. Џими Чо исто така ја претстави својата линија папучи со дискретни кристали кои познатите трендсетерки веќе ги носат по црвените теписи и улиците во комбинација со капри-панталони.
Улична мода: Каде да ги најдете?
- Зара: Како и секогаш, брзо го фаќа чекорот со модните писти. Оваа сезона кај нив можат да се најдат одлични проѕирни платформи, како и рамни модели со металик детали кои изгледаат многу поскапо отколку што чинат.
- H&M: Апсолутно ја погодија суштината на трендот со своите гумени балетанки, совршени за лежерниот стил што моментално доминира на улиците.
- Алдо & Манго: Алдо лансира фантастични рамни сандали во темноцрвена боја, додека Манго става акцент на поженствени модели на потпетици со детали во вид на панделки.
Носталгија со мирис на пластика
Сепак, за генерациите што пораснаа во деведесеттите години, овие сандали не беа прашање на престиж или висока мода. Да бидеме реални, кога ќе се потсетиме на тој специфичен период, гумените сандали беа тоа што имавме. Беа евтини, речиси неуништливи и совршено ја вршеа работата, без разлика дали трчавме по жешкиот асфалт пред зграда или се обидувавме да ги избегнеме морските ежови на плажа.
Иако денешната мода се обидува да го романтизира тој период, нашите сеќавања се многу живи. Сите се сеќаваме на:
- Специфичниот мирис: Таа карактеристична мешавина од нова гума и топол летен асфалт која не се заборава.
- Борбата со камчиња: Оној мал, остар камен кој непогрешливо ќе влезеше низ дупчињата на сандалите и ќе се заглавеше точно под петата.
- Ишараните стапала: По цел ден поминат во нив, на кожата од стапалата ни остануваше препознатливиот дезен од каишчињата.
- Непријатните плускавци: Носењето гумени обувки на боса нога во топлите денови често знаеше да предизвика иритации, поради што фластерите ни беа задолжителен летен додаток.
Дали е време за „реприза“?
Кога денес избираме летни обувки за нашите дечиња, најчесто сме опседнати со анатомски влошки, природни материјали и стапалото да дише. Сепак, со враќањето на овој тренд се поставува прашањето: дали ќе попуштите пред носталгијата и ќе им купите еден пар на вашите деца? Или, пак, тајно ќе си нарачате еден пар за себе, во обид да го оживеете барем оној безгрижен дел од детството, овој пат, се надеваме, со многу повеќе удобност?