Кога жената ќе стане мајка, се менува целиот свет. Тоа го искуси и оваа мајка, а нејзината исповед ќе ве остави без текст.
Колку голем предизвик е мајчинството и колку тешко може да биде тоа, без оглед колку години има детето, добро знае американската писателка Венди Виснер.
Еве ја нејзината исповед:
„Неодамна со мојата пријателка, која исто така е мајка, разговарав за воспитувањето на постарите деца (еднакво е тешко како и воспитувањето на малите деца, но на поинаков начин). Разговаравме за тоа колку е тешко да се добие добар совет во таа фаза од родителството и колку е лесно да се биде несигурен во носењето одлуки за своите деца.
’Дали се сеќаваш што си кажувавме една на друга додека нашите деца беа бебиња?‘, ме праша таа.
Се сеќавав. Всушност, веднаш ми излезе сликата пред мене.
Кога нашите деца, кои сега се меѓу 8 и 12-годишна возраст, беа мали бебиња, кога не знаевме дали ги држиме премногу или премалку, кога константно добивавме совети од роднините, а кои не ги баравме, кога совети доаѓаа дури и од непознати лица, постоеја само три збора што си ги кажувавме една на друга, а кои помагаа во секоја пригода:
’Го правиш вистинското‘.
Тие зборови не даваат никаков одреден, конкретен совет, како на пример колку често треба да ги доиме, кога се гладни или што да им одговориме на непознатите луѓе кои постојано нè прашуваат дали нашите деца спијат цела ноќ. Не знаевме што треба да правиме.
Тоа беше едноставна потврда дека она што го правевме беше токму тоа што требаше да го правиме. Зошто? Бидејќи ние сме родители, најдобро ги познаваме нашите деца и ние сме тие што би требало да одлучуваат за такви работи – никој друг. Тоа беше признание што ниту еден друг родител, експерт, книга и доктор не можеа да го оспорат: нашиот родителски инстинкт.
Колку често некој им кажува на новите родители да веруваат во својот инстинкт, дека тие се експерти за своето дете? Ни приближно доволно, иако тоа е чиста вистина. Се разбира, има доволно место за совети од здравствените и експертите за безбедност. Здравјето и безбедноста на бебето се на прво место, а новите родители ги немаат сите информации.
Но, кога станува збор за родителство, тоа е исклучиво ваша работа и не дозволувајте некој друг да ви зборува поинаку.
Најчестите дебати се поврзани за најраното детство (доење или цуцла, спиење со родителите или не, одење на работа или работа од дома) и немаат само еден одговор. И во поголемиот број случаи, без оглед што ќе изберат, обично на крајот сè излегува добро.
Новите родители се под стрес поради сомнежот во себе и поради тоа што другите ги осудуваат. Изреките како ’го правиш најдоброто‘ и пријателите и роднините што ги уважуваат вашите одлуки навистина даваат сила.
Сите ние се трудиме најдобро што можеме, го пронаоѓаме сопствениот пат и се обидуваме да го правиме она што е најдобро за нашите деца. Секој родител се однесува различно, но мора да веруваме дека какви одлуки и да донесеме како родители, децата ќе бидат добро, а и ние самите.
И за оние што имаат повозрасни деца важат овие зборови.
Мајките на повозрасните деца не добиваат ни приближно толку совети колку што им требаат, а само неколкумина од нас зборуваат за тоа дека родителството на таа возраст е тешко.
Но, и натаму важи истата вистина. Без оглед во која фаза од родителството сте, без оглед колку многу тешки моменти имате секој ден, запомнете дека вие сте родител. Вие најдобро се познавате себеси, а и своето дете. И ви ветувам: вашето дете ќе биде добро“.