„Што би било кога би било“ – е нешто за што родителите често размислуваат. Се обидуваме психички да се подготвиме за сето она што би можело да му се случи на детето во секој аспект од животот. Мислата дека моето дете може да има проблеми со менталното здравје никогаш не ми помина низ глава, пишува американката Колин Вилденхаус.

Токму затоа бев сосема изгубена кога сфатив дека тоа е реална работа. Би издвоила 10 важни аспекти од кои разбрав како да му помогнам на моето анксиозно дете. Ако вие се подготвите за реален живот со анксиозност, и вашето дете ќе биде подготвено за успех.

1. Менталното здравје на вашето дете е еднакво важно како и другите аспекти на неговото здравје

Менталните болести се реални, и покрај тоа што варираат од дете до дете. Немојте во ниту еден момент да помислите дека менталното здравје е помалку важно од другите аспекти на здравјето на детето. Луѓето се во состојба да осудуваат и да даваат совети и тогаш кога не се свесни за ситуацијата. Верувајте во себе како родител. Кога детето ќе ви се пожали на физички симптоми на анксиозност, како вознемиреност во стомакот, главоболка, замор, тоа навистина ги преживува. Кога ќе ви се жали на нереални мисли, сфатете го сериозно. Постојат третмани што ќе ви помогнат и вам и на детето да се изборите со анксиозноста.

2. Помошта е скапа и потешко се наоѓа

Лесно ќе најдете помош ако џебот ви е длабок. Како и секој медицински проблем, и овој бара скапи прегледи кај различни лекари и терапевти. Третманите се извршуваат во болниците, а можат да траат и по неколку недели. Осигурувањето често не покрива вакви трошоци, барем според моето искуство. Бидете подготвени за голема борба и стрес при потрагата по пристапен третман.

Сепак, клучно е терапијата да се одреди што побрзо бидејќи анксиозноста станува сè појака. Задолжително побарајте специјалист кој се занимава со анксиозни нарушувања кај деца. Тие имаат искуство во работата со деца, па најбрзо ќе ви укажат помош.

3. Грижете се за себе

Немојте да се срамите ако и вам ви е потребен разговор. Јас долго чекав  бидејќи не можев дополнително да плаќам терапија и за себе. Сè уште не можам лесно да си ја дозволам, но сепак моето здравје е многу поважно од парите. Семејното советување е исто така добар избор, доколку и другото дете има слични проблеми. Многу често браќата и сестрите се збунуваат од сето она што се случува околу нив. Треба да пронајдете начин за да си помогнете, дури и кога тоа изгледа невозможно. Најмногу 10 минути дневно ќе ве зајакнат и мотивираат да тргнете напред во насока на грижа за своето дете. Многу родители запишуваат време за себе во распоредот, што би требало секогаш да ги потсетува дека и тие се еднакво важни како децата.

4. Ниеден родител не може да постигне сè

Сите знаеме дека ниеден родител не може да постигне сè и едноставно да направи баланс. Ова особено се однесува на вработените родители. Ако децата се во состојба сами да посетуваат часови, нема да биде голем проблем. Сепак, ако имате дете со силен степен на анксиозност, тогаш тоа може да биде вистински предизвик при балансирањето со работата. Можете да доцните на работа бидејќи го возите детето на училиште секој ден. Бидете подготвени на многу почести повици од училиштето бидејќи анксиозноста влијае врз однесувањето на детето. Тоа може да биде некоја од причините што порано да почнете да работите со анксиозното дете и да ги избегнете овие ситуации.

5. Бидете спремни за борба

Бидете спремни да се борите за правата на своето дете на едукација. Многу училишта имаат добра намера, но немаат идеја како да му помогнат на детето. За соочување со проблемот со анксиозност во училиштето е потребна тимска работа, која ги вклучува училишниот кадар, родителите, терапевтите, а и лекарите доколку е потребно. Како родители, морате добро да истражите кои се најдобрите начини за да му се помогне на детето на училиште. Предложете им ги своите идеи на учителите и заеднички креирајте план кој ќе му помогне на детето додека престојува на училиште.

6. Опкружете се со вистинските луѓе

Создајте мрежа на луѓе околу себе кои нема да осудуваат или да даваат совети (освен доколку самите не ги барате). Може да биде потешко да се поминува време со семејството и пријателите кои не разбираат низ што поминувате. Стапете во контакт со други родители што се борат со сличен проблем. Олеснувањето е огромно кога ќе сфатите дека не сте сами и дека и други семејства се наоѓаат во слична ситуација. Можете да се распрашате и за групи за помош, кои често имаат состаноци. Можете да побарате групи и на социјалните мрежи.

7. Имајте отворен ум

Не одбивајте лекови без претходна едукација. Тие можат да ви донесат големо олеснување. Од друга страна, не согласувајте се за терапија без поставување прашања и истражување. Секое дете различно реагира на лекови. Ако на едно дете му одговараат, не значи дека тоа ќе се случи и со друго.

Терапијата е често најефикасен третман за анксиозноста. Трикот е во пронаоѓањето на онаа што ќе му одговара на вашето дете. Едуцирајте се и добро истражете, поставувајте прашања и консултирајте се со што повеќе лекари пред да ја донесете вистинската одлука. Размислувајте надвор од рамките и бидете креативни во однос на пронаоѓањето на третманот за анксиозно дете. Пронајдов книги за самопомош кои нудат почетни точки за родителите на анксиозно дете. Не споредувајте се со другите, правете го она што на вашето дете најмногу му одговара.

8. Пронајдете соодветен терапевт за своето дете

Морате да пронајдете терапевт кој добро ќе се поврзе со вас и со вашето дете. Ќе треба да вложите многу труд и ќе имате пропаднати обиди и пари, се разбира, но мора да пронајдете личност на која целосно ќе ѝ верувате. Покрај специјалностите (нарушување на исхрана, стравови, анксиозни нарушувања), постојат и различни пристапи од еден до друг терапевт. Можат да ви понудат терапија преку игра, семејни консултации, когнитивно-бихевиорална терапија и многу други.

9. Вежбајте благодарност

Конечно, кога животот изгледа дека е надвор од контрола, ако се чувствувате безнадежно, издвојте неколку минути да го пронајдете она за што сте навистина благодарни. Имало моменти кога мислев дека немам ништо позитивно во животот, но потсетувањето на малите моменти ми помогна да ги почувствувам како уште да постојат. Прославата на малите моменти, малите успеси и трудот кој го вложивме е еден од клучните начини да се преброди анксиозноста.

10. Споделете ја својата приказна

Со дозвола на детето, бидете отворени и искрени со светот за својата приказна. На тој начин ќе им помогнете на другите што се борат со анксиозност кај детето. Никогаш не срамете се да зборувате за тоа. Заедно можеме да помогнеме анксиозноста да не се смета како лошо однесување, слабост или нешто од што би требало да се срамиме.

За крај би сакала да додадам уште нешто. Не е ваша работа да го поправате вашето дете. Со тоа се борев многу долго. Не можеме да ја поправиме или излекуваме анксиозноста, можеме само да му ја понудиме целата можна поддршка, помош и љубов на детето кое треба само да ја преброди, а тоа најлесно ќе го направи ако има среќен и успешен живот.



912

X