Играњето во зеленило и шумска средина во текот на само еден месец може да го промени имунолошкиот систем на децата, покажува нов експеримент.

Кога вработените во некои градинки во Финска направиле тревници и засадиле шумски билки како боровинки, а потоа им дозволиле на децата да се грижат за нив во жардиниерите, микроорганизмите во цревата и на кожата од децата многу брзо станале поздрави. Во споредба со другите деца од градинките, кои играат на бетонски или поплочени игралишта, децата од „зелените“ градинки покажале пораст на бројот на Т-клетки во крвта и на другите значајни фактори за имунолошкиот систем во рок од 28 дена.

– Откривме дека цревната флора на децата што играат во зеленило е слична на онаа што ја имаат децата кои секојдневно ја посетуваат шумата – вели научникот Марја Розлунд од Универзитетот во Хелсинки.

Претходно истражување покажало дека изложувањето на децата на рана возраст на зелен простор е поврзано со добро функционирање на имунолошкиот систем, но сè уште не е јасно дали тој однос е причинско-последичен или не. Експериментот во Финска е прв што експлицитно манипулира со урбаната средина на децата и потоа тестира дали се јавуваат промени во имунолошкиот систем. Откритијата не ги даваат сите одговори, но ја поддржуваат водечката идеја – дека промената во микроорганизмите од животната средина може релативно лесно да влијаат врз добро поставените микроорганизми кај децата, давајќи му поттик на нивниот имунолошки систем. Процесот со кој богатата животна средина влијае врз нашиот имунитет е позната како „хипотеза за биодиверзитет“. Врз основа на таа хипотеза, губитокот на биодиверзитет во урбаните предели може да биде барем делумно одговорен за неодамнешниот пораст на болестите поврзани со имунитетот.

– Резултатите од оваа студија ја поддржуваат хипотезата на биодиверзитетот и концептот дека нискиот биодиверзитет во модерните средини за живеење може да доведе до неедуциран имунолошки систем и последователно да ја зголеми преваленцата на болестите поврзани со слабиот имунитет – велат авторите.

Во студијата се споредуваат микроорганизми пронајдени во градини од 10 различни урбани градинки, каде што престојуваат 75 деца на возраст помеѓу 3 и 5 години. Некои од овие центри содржеле стандардни урбани градини со бетон, други ги носеле децата на дневни прошетки во природа, а 4 од нив имале свои градини со трева и шумска средина и растенија. Во период од 28 дена децата во последните 4 градинки имале шанса да играат во новите градини 5 пати неделно. Кога истражувачите ги тестирале микроорганизмите на нивната кожа и цревата пред и по користењето, откриле дека резултатите биле подобрени за разлика од првата група деца што играле во градинки со многу помалку зеленило.

Иако студијата кратко траела, истражувачите пронашле микроорганизми на кожата и цревата од децата што редовно играле во зелените простори и откриле зголемување на диверзитетот – карактеристика која е поврзана со поздрав имунолошки систем. Нивните резултати во голема мера се усогласувале со втората група деца од градинките што организирале дневни прошетки во природа. Кај децата што излегуваат надвор, играат во кал, трева и меѓу дрвја е забележан е пораст на „гамапротеобактерија“, која се појавува во одбранбениот систем на кожата, како и зголемување на имунолошките секрети во крвта, па и намалување на содржината на интерлеукин – 17А, кој е поврзан со болести.

– Ова ја поддржува претпоставката дека контактот со природата е превенција за нарушувања во имунолошкиот систем, како што се автоимуните болести и алергиите – велат научниците.

Резултатите не се конечни и ќе треба да бидат верифицирани со пообемни студии. Сепак, зелената средина е клучна за нашиот имунитет. Истражувањето покажува и дека престојот во природа е добар и за видот на децата, а е поврзан и со доброто ментално здравје – некои студии покажале и дека зелените простори се поврзани со структурните промени во мозоците на децата.

Што ги поттикнува овие резултати, сè уште не е јасно. Може да бидат поврзани со промените во имунолошкиот систем, или некои сегменти од дишењето чист воздух, примањето сончеви зраци, вежбањето или мирот. Со оглед на комплексностите во реалниот свет, навистина е тешко да се контролираат сите фактори во животната средина што влијаат врз нашето здравје. Иако децата од руралните средини не се соочуваат толку често со астма и алергии, достапната литература за поврзаноста помеѓу зелените површини и имунолошките нарушувања е неконзистентна.

Конкретното истражување застапува мал примерок и наоѓа само корелација, но видливи се позитивните промени за научниците во Финска да понудат некои совети.

– Би било најдобро за децата да играат во органска почва и да се носат во природа 5 пати неделно – велат научниците. Промените се едноставни, штетата се намалува, а потенцијалните придобивки се зголемуваат. Поврзувањето со природата како дете е исто така добро и за иднината на екосистемите на нашата планета. Студиите покажуваат дека децата што поминуваат повеќе време надвор почесто сакаат да станат активисти за животната средина кога ќе пораснат, а во свет кој рапидно се менува, тоа е поважно од кога било. Научниците само советуваат секој да има примено соодветна вакцина за тетанус пред да престојува во природа.

Автор: Карли Касела

Извор



912

X