Ни раскажа и колку различно се однесуваат децата сега, дознавме и што го расплакало Дедо Мраз, а и како си поминува кога оди во старски домови
Владимир Малинка-Мики од Скопје веќе 20 години е Дедо Мраз. Осумдесетгодишниот симпатичен дедо со природна бела брада е бесплатен Дедо Мраз. И оригинален. Така велат децата што го провериле тоа. За Нова година радува многу дечиња со подароци, ама и со муабети. Ни раскажа за тоа која е разликата меѓу желбите на децата пред 20 години и денес, колку различно се однесуваат. Дознавме и што го расплакало оригиналниот Дедо Мраз, а и како си поминува кога оди во старски домови.
Јаков и Дедо Мраз; Фото: Горан Анастасовски
Имаат големи барања
Мики е Русин, роден во Македонија. Дедо Мраз станал случајно.
– Јас сум бесплатен Дедо Мраз. Имам добра пензија, немам големи барања. По занимање сум виш ветеринарен техничар. Отсекогаш бев со брада, а како што стареев, така таа ми побелуваше. Работев во фирмата „Ветлек“. Таму кога доаѓаше Дедо Мраз за децата, ми прашуваше зошто и јас да не бидам Дедо Мраз зашто изгледам како него. Ми купија униформа од работа, а потоа и сам си купив и ете станав Дедо Мраз – се присетува Мики.
Одел да ги радува дечињата во училишта, кај пријатели, роднини.
– Ме повикуваа многу луѓе и ми велеа: „Ќе ти платиме“. Велам дека не сакам пари. Парите се отепувачка. Почнаа и по фирми да ме викаат – вели Мики.
Раскажува дека како Дедо Мраз одел и во старски домови, и таму му било многу интересно.
– Ќе влезете во просторијата и сите гледаат во вас и молчат. И јас ќе грмнам: „Па што не кажете здраво, јас сум Дедо Мраз ви носам убави зборови, ајде да пивнеме, да апнеме…“ Комуникацијата е фина, тоа се прекрасни луѓе – вели нашиот соговорник.
Ева, Ангела со мама Марија Чундеви; Фото: Горан Анастасовски
Има голема разлика во желбите на децата пред 20 години и сега. Тоа го забележал и Мики и вели дека најголема разлика има во последните 4 години.
– Претходно децата беа задоволни со пакетчиња, со бонбончиња и чоколади, некое автомобилче, играчка. Сега имаат многу големи барања. Ќе прашам за желба и ми велат таблет, ама не кој било, од подобрите. Или ќе побараат мобилен телефон, позната марка. Во последните 4 години тоа е многу присутно – раскажува.
Со бебето Петар; Фото: Горан Анастасовски
И Дедо Мраз плаче
Да биде Дедо Мраз, за Мики е посебно задоволство. Многу ги сака децата и ужива да се дружи со нив. Ни раскажа дека знаат да го насмеат, но и да го расплачат.
– Тие се најдобри другари, најневини суштества. Се расплакав кога едно девојче ми кажа дека сака „мама и тато да бидат заедно“. Друго дете ми кажа дека сака да не го караат дома. Го прашав зошто го караат и ми рече: „Зашто сум немирен“. А кога го посоветував да биде помирен, рече: „Па не можам, нешто ме тера да сум немирен“. Денес децата се послободни, повеќе комуницираат, раскажуваат – вели Мики.
Фото: Горан Анастасовски
„Оригинал е, оригинал е!“, „Да му пуцам на Меси“…
Тој ни раскажа како во дом за дечиња проверувале дали му е вистинска брадата.
– Имаше многу деца. Дојде едно убаво, ситничко, слабичко, околу 8 години, и ми седна во скутот. Негувателката ме предупреди да внимавам, рече било ѓавол-дете и дека ќе направи некое чудо. Седеше, седеше, па кога ме грабна за брадата – влече ли влече. Заклучи дека е моја брадата, се сврти кон другарите, го крена палецот и почна да вика: „Оригинал е, оригинал е“. Изгледа се обложиле – се смее Мики.
Фото: Горан Анастасовски
Раскажува и дека пред три години третоодделенец посакал да се сретне со фудбалерот на „Барселона“, Меси.
– Да му пуцам да види како се пуца, рече детето – раскажува Дедо Мраз.
912