Секое дете, без разлика дали е момче или девојче, од третата до шестата година поминува низ фаза на психосексуален развој, кој кај здравата личност завршува со тоа што детето посилно ќе се идентификува со родителот од истиот пол. Во овој период, всушност, добиваме (или не добиваме) основни корени на хетеросексуалната личност. Едиповиот комплекс се јавува кај момчињата, а кај девојчињата комплексот Електра. Зошто се нарекуваат комплекси?

Поради тоа што претставуваат збир, повеќе чувства, повеќе фантазии, повеќе задачи за малата личност на детето. Што значи, во овој случај, комплексот претставува збир од нешто, а не некакво нужно зло кое во психотерапијата и психоанализата понекогаш се смета за комплекс, на пример, чувството за ниска вредност и слично. Комплексот во психотерапијата, сепак, значи збир на повеќе чувства и повеќе начини на однесување.

Што се случува со момчето во процесот на Едиповиот комплекс?

Момчето посебно сфаќа дека неговата мајка му е првиот објект кој го сака и за кого е емоционално поврзан. Детето полека почнува да биде свесно и за своите гениталии. Почнува да согледува дека постојат лица што се од различен пол. Всушност, сфаќа дека тој и мајка му се од различен пол. Така што, за момчињата, мајките се првите личности од женски пол што се објекти на нивната љубов. Момчињата на оваа возраст покажуваат изразена желба да бидат постојано со мајката, непрестајно бараат внимание, игра, нега и често покажуваат страв од одвојување од мајката.

Меѓутоа, на сцена доаѓа и таткото. Тој, од гледиште на момчето, ја расипува ситуацијата. Главно потсвесните процеси кај момчето во тој период изгледаат вака:

„Кој е тој да ми го зема вниманието од мајка ми? Кој е тој да го уништува моето и времето на мама? Зошто мајка ми нему му покажува љубов, кога јас сакам таа само мене да ми покажува љубов?“

„Љубоморен сум на него. Му завидувам, бесен сум на татко ми и сакам да исчезне од нашиот живот. Сакам да останеме само јас и мама.“

„Татко ми сепак е голем и моќен. Којзнае што би ми направил ако му се спротивставам и се борам со него за мајка ми. Се плашам што може да ми случи бидејќи тој сепак е моќен“.

„Затоа јас почнувам да сакам да бидам како него. Да бидам како татко ми. Можеби не можам да бидам целосно како татко, но можам да бидам барем како мојот татко. Мајка ми го сака. Тогаш мора мојот татко да вреди. Ако бидам како татко ми, мајка ми ќе ме сака како што го сака и него. Јас треба да бидам баш како татко ми!“

Овој последен дел од приказната претставува, всушност, здраво разрешување на Едиповиот комплекс во психотерапијата и психоанализата. Момчето лесно во психолошка смисла се идентификува со таткото, гради машки карактеристики, го копира таткото и се ориентира кон спротивниот пол, па тука се наоѓа фактор за развој на хетеросексуален маж.

Што се случува кога Едиповиот комплекс не е разрешен на здрав начин?

Различни се варијациите на темата, но момчето може да се развие во маж со карактеристики кои се типични за жени. Во некои случаи тука може да се бара коренот на хомосексуалната ориентација. Момчето може да се развие во маж кој претерано е врзан за мајката, лојален и предаден на мајката и во возрасна доба.

Момчето може да се развие во маж кој за партнерка бара жена која многу го потсетува на мајката. Главно, момчето може да се развие во невротична личност, а и личност која никогаш нема да биде во состојба да ја презема улогата на сопруг во возрасна доба.

Зошто доаѓа до неадекватно разрешување на Едиповиот комплекс?

Поради тоа што мајката која нема доволно љубов во бракот, може претерано да се фокусира на синот и во тој погрешен однос да бара задоволување на емоционалните и психолошките потреби.

Кој може да помогне за да се разреши Едиповиот комплекс?

Таткото, мажот кој ќе ги задоволи емоционалните и психолошките потреби на својата сопруга, па таа нема да има потреба за претеран фокус кон синот. Така што, повторно е вниманието и љубовта, која е лек за сè, па така и за Едиповиот комплекс.

Автор: Ивана Сиѓиќ, дефектолог и системски семеен психотерапевт



912

X