Еден ден многу ќе ви недостигаат… Еден ден, кога ќе тргнете кон тоалетот, ќе чуете само тишина, наместо мали рачиња кои се обидуваат да ја отворат вратата или од петни жили ќе викаат да излезете од тоалетот иако ни рацете не сте ги измиле како што треба.
Еден ден ќе ви недостига очајот што денес го чувствувате затоа што никако не можете сè да постигнете. Затоа што еден ден ќе имате доволно време за сè. Еден ден…
Ова е нешто што сама си ги кажувам секој ден кога сум при крај со нервите. Тоа е мантра што ме држи бидејќи – колку и да звучи неважно, сепак е вистина.
Еден ден, кошницата за алишта нема да се превртува бидејќи е преполна со маички за физичко и работи што биле носени само два часа пред да се фрлат за перење. Еден ден, нема да има купишта садови во преполниот мијалник.
И ќе ви недостига тоа.
Ќе ви недостига некому да сте му потребни цело време. Ќе ви недостига да го чуете она „мама“ барем 425 пати на ден бидејќи им требате за секоја ситница.
Еден ден никој нема да бара од вас да испланирате забава во текот на распустот и да ги поместувате своите обврски на работа за да организирате. Бидејќи, еден ден, тие ќе живеат свој живот, ќе имаат свои планови, пријатели, работи.

И тој живот, за кој сега сметате дека нема да го дочекате – да имате повеќе време за да бидете насамо со својот сопруг, или едноставно да имате малку време за себе – тој живот ќе дојде. И нема да се нервирате за калта на подот, дамките на тепихот и несредените соби. Сето тоа ќе биде исчистено со приливот и одливот на животот…
Еден ден ќе ви недостига да ги носите во градинка и на школо и да се враќате по нив. Ќе ви недостига нивниот згрозен израз на лицето кога ќе им подготвите нешто здраво за вечера. Ќе ви недостига кога по десетпати ќе ви бараат чаша вода, па уште една прегратка, па уште една приказна или да ви раскажат нешто многу важно за кое штотуку се сетиле, а не може да причека до утре.
Ќе ви недостигаат купишта играчки од кои не можете да поминете низ својата куќа, ќе ви недостига она бескрајно подготвување за излегување надвор во зимските денови, ќе ви недостигаат малечките мрсулави носиња кои не научиле да се бришат самите.
Ќе ви недостигаат сите тие бескрајни прашања бидејќи – верувале или не – постои тој еден, многу краток период од нивните животи, кога веруваат дека вие знаете сè.
Еден ден, нема од вас да бараат да погледнете што научиле ново, да го следите секој миг од нивниот ден. Еден ден, нема да го бараат вашето восхитување и одобрување. Еден ден, ако сте направиле сè како што треба, ќе имаат доволно самодоверба повеќето работи да ги направат без ваша помош.
Затоа, кога следниот пат ќе посакате да врескате, да викате или едноставно да побегнете низ врата бидејќи никој не ве слуша, кажете си сами на себе дека ќе дојде време кога ќе ви недостига сиот тој прекрасен хаос во кој сега живеете. Можеби таа мисла малку ќе ви помогне да го намалите чувството на беспомошност во тој неверојатно тежок ден кога ви се чини дека го губите разумот. А истиот, еден ден – претпоставувате – ќе ви недостига.
Иако е неможно целосно да уживате во секој момент од своето родителство, секако, ќе ви биде полесно ако во најтешките моменти се потсетите дека еден ден сето ова ќе ви недостига.

Подготвила: А. Цвјетиќ

 



912

X