Понекогаш помислувам дека пишувам за банални работи. За нешто што во суштина сите го знаат. Особено кога пишувам на теми за здравјето и воспитувањето деца. Бидејќи, повеќето луѓе, со просечно ниво на свест, знаат да направат разлика помеѓу доброто и лошото за нивното дете. Тогаш доаѓа ден кога реалноста ме дочекува неподготвена и кога гледам дека и не е баш така. Дека, иако некои работи се повторени илјада пати, иако дневно ќе излезат барем 10 текстови на една иста тема, тоа не допира до свеста на родителите. За жал и за штета на децата.

Сретнав вчера една познајничка. Мајка на 5 деца. Жена која е постара од мене повеќе од 10 години и која има 5 пати повеќе родителско искуство од мене. Најмладото дете, синот, има 5 години. Дијагностицирано му е нарушување на вниманието и хиперактивност, односно нарушување кое за резултат има импулсивност, хиперактивност и тешкотии поврзани со вниманието, фокусот и концентрацијата. Наједноставно кажано – тоа дете не може да се фокусира на одредена активност, има проблеми со вниманието, пребрзо го губи интересот за која било активност, особено за онаа за која е потребна одредена концентрација. Детето нема трпение да игра, да доигра докрај, да сослуша приказна докрај, да разгледа сликовница докрај, неговата физичка активност е пренагласена и понекогаш изгледа дека ниту детето не може да влијае врз неа…

Ние живееме во странство. Овде задолжително детското образование започнува од 3 години. Го споија образованието од градинка и претшколското образование во едно и го нарекуваат училиште (иако мене лично сурово ми звучи дете од 3 години да тргне на училиште). Следејќи го растот и развојот на нејзиното дете, експертите поставиле дијагноза врз основа на која во училишниот картон тоа дете е заведено како дете со одреден психички хендикеп. Што во ниту еден случај не е негативно, туку едноставно на тоа дете му се посветува повеќе внимание. Училиштето вложува повеќе труд и работа за тоа дете да може полесно да го совладува материјалот, да ја следи наставата и да биде во чекор со својата генерација. Не го сместиле во друга образовна установа од специјален тип, но нејзе ѝ пречи таа ознака – хендикеп. Ѝ пречи до таа мера што ја преиспитува дијагнозата поставена од стручни лица. Ја разбирам, бидејќи ние родителите во случај на каква било болест, нарушување кај детето, пред прифаќање на фактот, прво помислуваме – да не згрешиле. Се прашувам, дали барале друго мислење – ДА. Иста дијагноза. Но, таа и понатаму смета дека нејзиното дете нема нарушување на вниманието. Добро. Ја прашувам врз основа на што го заклучува тоа, да ми наведе еден пример од неговото однесување кое го покажува спротивното.

(Напоменувам дека не сум здравствен работник, не сум педагог, психолог, туку само обичен родител кој се обидува секој ден да научи нешто ново).

Нејзиното образложение гласи вака:

„Тој (момче од 5 години) на 2 години играше видеоигри толку добро што го победуваше братот, кој тогаш имаше 18 години. Едноставно училиштето не го интересира, а кога игра видеоигри тој е мирен, неговата концентрација и внимание се подобри отколку и кај возрасно лице. Секогаш победува!“

Нашиот понатамошен тек на разговорот и не е важен за овој текст, туку генерално би ве прашала: „Зошто правите чорба од детскиот мозок?“ И ова е најблага варијанта со која може да ве прашам, зошто го уништувате роденото дете? Птиците на гранките пропеаја – телефоните и видеоигрите во најрана доба се штетни за децата!

Но, не! Ние не се откажуваме. Еве, сине, телефонот. Играј си! И тоа играј си се развлекува на неколку часа дневно. Не сум јас против цртан филм. Моето дете гледа од 2 години. На ТВ во ограничен временски период. И знаете како го тестирам нејзиниот однос кон цртаниот филм? Така што кога ќе забележам дека цртаниот филм ѝ го окупирал вниманието, ѝ понудувам некоја друга активност која ја сака.

-Кој ќе оди надвор?
-Нè чекаат деца во паркот?
-Да редиме коцки!
-Види ги новиве пенкала!
-Каде е Жика? (кучето)

И во случај само еднаш да не изреагира на моите повици, го гасиме телевизорот, не гледаме цртани следниот ден, а потоа и кога ги гледаме, значително е пократко од претходно. Не сум јас некој што никогаш не му дал телефон на детето в рака, ниту сум мајка која има право некому да држи предавања, но само се трудам да го одржам нејзиното здравје. Нема смисла да тврдам дека детето на мојата познајничка има нарушување поради прекумерно време поминато пред екраните, но постојат истражувања кои велат дека екранот влијае врз зајакнување на симптомите на таа состојба.

Од друга страна, пак, кога ќе го занемариме тоа влијание на здравјето на нашите деца, дали сме свесни колку брзо растат? Додека неколку пати ги наполните батериите на мобилниот телефон, тие веќе се пораснати. И на прашањето – дали ќе прошетаме заедно, ќе ви одговорат со: Мамо, ми досадуваш! Еден ден ќе ви биде жал за изгубеното време. Само тоа да не биде на штета на детското здравје.

Автор: Лилјана Шпаниќ

Извор



912

X