Здравје

Д-р Андреа Настевски за есенските вируси: Како правилно да ги заштитиме децата и возрасните

Со пристигнувањето на постудените есенски денови зачестуваат настинките и респираторните инфекции, особено кај децата во градинките и во училиштата. За тоа како правилно да го зајакнеме имунитетот, кога навистина се потребни антибиотици и кои алармантни симптоми не смеат да се игнорираат, разговараме со д-р Андреа Настевски.


Со пристигнувањето на есента и постудените денови, зачестуваат настинките и вирусите. Што е клучно за градење и зајакнување на имунитетот кај децата и возрасните во овој период, од природна исхрана и витамини до секојдневни здрави навики?


Имунолошкиот систем е сложен систем кој секојдневно се бори со инфекти и на кој му е потребна добра основа од здрави навики надградена со превенција и витамини.

За децата, тоа значи разновидна исхрана со овошје и зеленчук, житарки, протеини и здрави масти, редовно внесување течности, доволно сон, физичка активност и редовно миење на рацете. Според мене, добриот ритам на спиење е многу потценет за имунитетот кај децата.

Кај возрасните принципите се исти. Не мора да бараме скапи препарати: секојдневните навики како добра основа се многу значајни – квалитетен сон, намалување на стресот, здрава исхрана, хидратација и хигиена на рацете.

Витамините имаат важна улога, но суплементацијата треба да биде индивидуална и оправдана. Ако постои недостиг, секако дека треба да го коригираме, но земањето големи количества витамини „за секој случај“ не значи автоматски и подобар имунитет. Од витамини што имаат докажана улога во имунитетот која треба да се земе предвид се витаминот Д, цинк, пробиотици и витаминот Ц.

И уште нешто важно: есента не треба да ја доживуваме како сезона во која мора да се плашиме од секој вирус. За децата, особено оние што одат во градинка или училиште, очекуваме дека ќе имаат повеќе респираторни инфекции. Тоа е дел од нивното растење и изложеност на различни вируси.


Температурата, затнатиот нос и кашлицата често ги збунуваат родителите. Кои се битните разлики во симптомите меѓу обична настинка, вирусна и бактериска инфекција и зошто е важна соодветна дијагностика пред да се преземе терапија?


Постојат одредени знаци кои кај лекарот го вклучуваат алармот дека инфекцијата можеби е посериозна. Тоа се:

  • Многу висока или упорна температура;
  • Значително влошена општа состојба;
  • Отежнато или забрзано дишење;
  • Знаци на дехидратација;
  • Изразена тахикардија;
  • Силна болка или симптоми кои наместо да се подобруваат, прогресивно се влошуваат.

Важно е да се напомене дека ниту еден од овие знаци сам по себе не докажува дека инфекцијата е бактериска, тие ни кажуваат дека кај пациентот треба да направиме понатамошна дијагностика, на пример, крвни анализи, микробиолошки брисеви, рендген итн.

Соодветната дијагностика е важна од две причини:

  1. Прво, не сакаме да дадеме антибиотик кога не е потребен.
  2. Од друга страна, кога навистина постои бактериска инфекција за која е потребен антибиотик, важно е да не се пропушти и да не се одложи лекувањето. Одредени бактериски инфекции, доколку не се третираат соодветно, можат да доведат до сериозни компликации. На пример, нелекувана бактериска инфекција на грло со стрептокока ретко може да доведе до ревматска треска или постстрептококен гломерулонефритис (воспаление на бубрезите).

Затоа целта не е ниту „секогаш антибиотик“, ниту „никогаш антибиотик“, туку употреба на антибиотици за вистинска причина.


Често се случува луѓето при првите симптоми да посегнат по антибиотици „на своја рака“. Зошто оваа практика е опасна, колку можат антибиотиците да го нарушат имунитетот и кога тие навистина се неопходни?


Антибиотикот не е лек за температура, кашлица или настинка. Тој дејствува против бактерии и нема ефект врз вирусите кои се всушност причинители во најголемиот процент од респираторните инфекции.

Непотребното земање антибиотик може да предизвика несакани алергиски реакции, да ја наруши нормалната цревна микрофлора и, што е особено важно на ниво на целото општество, да придонесе за развој на антибиотска резистенција, што често го гледаме во практика, а тоа значи дека бактериите стануваат отпорни на лековите што ги користиме за нивно лекување.

Затоа антибиотик треба да се употреби кога постои медицинска индикација, кога клиничката слика укажува на бактериска инфекција за која антибиотската терапија е соодветна.

Мојот совет: Не земајте антибиотик затоа што „минатиот пат помогна“, затоа што некој од домашните има исти симптоми или затоа што ви останал од претходниот пат. Дури и кога антибиотикот е оправдан, изборот на лекот, дозата и времетраењето треба да бидат соодветни за вас во моментот и за инфекцијата што ја имате.


За што сè граѓаните можат и треба да му се обратат на својот матичен лекар, освен кога се веќе болни, и колку превентивните прегледи, советувањата и редовните консултации ни помагаат да спречиме поголеми здравствени проблеми?


Матичниот лекар, за разлика од лекарите во болнички услови, ве гледа на секои неколку месеци. Тоа му дава уникатна перспектива на вашето севкупно здравје, не само за моменталната болест, туку и за останатиот квалитет на живот.

Тој го следи вашето здравје низ годините, вашата исхрана, физичка активност, лоши навики, потребни превентивни прегледи и скрининзи. Во последно време ме радува што се посветува поголемо внимание на подигнување на свеста за менталното здравје и пациентите се доволно свесни да ги отворат тие прашања со нас, матичните лекари, па заедно да најдеме решение за анксиозни, депресивни симптоми, стрес, прегореност од работа, постпородилна депресија итн.

Особено е важно да не се чека да се појави сериозен симптом за да побараме совет. Правењето редовни контроли и испитувања може да открие проблем во рана фаза, кога полесно се лекува.

Кај децата, матичниот лекар има важна улога и во следењето на растот и развојот, вакцинацијата, исхраната и родителските дилеми. Родителите не треба да мислат дека мора да имаат „доволно сериозна причина“ за да постават прашање. Затоа постои превенцијата, да реагираме пред проблемот да стане голем.


Кои се оние „алармантни симптоми“ кога пациентот не треба да одложува и мора веднаш да дојде на преглед, и кој е Вашиот златен совет за здравјето на целото семејство оваа есен?


Кај респираторните инфекции, алармантни се симптомите како:

  • Упорна температура која слабо реагира на антипиретици;
  • Отежнато или забрзано дишење;
  • Значајна поспаност или тешко будење, збунетост;
  • Знаци на сериозна дехидратација, низок притисок;
  • Силна или невообичаена болка;
  • Нагло влошување на општата состојба.

Кај малите деца треба да се посвети внимание на тоа како дишат, дали внесуваат течности, дали мократ и дали се однесуваат невообичаено. Самата бројка на температурата не е единствениот критериум според кој проценуваме колку е сериозна состојбата.

Мојот „златен совет“ за оваа есен би бил:

Одржувајте добра хигиена на рацете, особено на работа или училиште, внесувајте квалитетна храна и доволно течности и топли напитоци, а со вашиот лекар разговарајте за потребата од витамини. Доколку се разболите, научете да препознаете кога е потребно да побарате лекарска помош и бидете трпеливи доколку се работи за обична настинка: не постои лек со кој настинката поминува за еден ден. Некогаш настинката е знак дека треба да забавите и да му го дадете на телото одморот кој ви го бара.

И можеби најважно: не секоја настинка бара антибиотик, но секој пациент заслужува добра процена кога се сомнева дека нешто не е во ред.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top