164-годишниот концепт на „фрилуфстлив“ се однесува на прифаќање на природата и тоа е голем дел од шведската култура.

Во груб превод зборот значи „живот на отворено“, а Швеѓаните се познати по тоа што ги охрабруваат децата да престојуваат надвор што е можно повеќе, без оглед дали врне, паѓа снег или е сончево.

Родителите ги охрабруваат своите деца да се качуваат по карпи и дрвја, да истражуваат животни, да копаат дупки и да си играат без возрасните да ги прекинуваат.

Линда Акесон Мекгурк, авторка на „Живот на отворено“ и „Не постои такво нешто како лошо време“, открива дека овој стар шведски концепт не е само начин да се всадат здрави навики кај децата на млада возраст, туку и главна причина зошто нордиските земји обично се рангирани меѓу најсреќните во светот.

Таа советува како да го вклучите овој шведски концепт во вашиот стил на родителство.

Време на отворено

Утринските и вечерните прошетки се свети во шведската култура. Доколку временските услови дозволуваат, вечерата често се послужува надвор на тремот, додека семејството се дружи околу отворен оган, правејќи хот-дог.

Во нордиските земји вообичаено е да се видат градинки на отворено или шумски училишта, каде што децата го поминуваат поголемиот дел од времето во природа.

Трикот за развивање ваква навика е да создадете ритам што ви овозможува редовно да излегувате надвор, дури и ако станува збор за многу кратко време.

Ако немате многу време, обидете се да го комбинирате времето на отворено со веќе воспоставена навика. На пример, однесете го вашето дете до градинка или на училиште пешки наместо да одите со автомобил, или одете на пикник во паркот за време на вечерата наместо да јадете дома.

Започнете од онаму каде што сте

Златното правило на „фрилуфстлив“ е да го искористите она што го имате и да го направите она што можете без дополнителен напор.

Природата е насекаде околу нас, па дури и во поурбаните средини има птици за гледање, цвеќиња за мирисање и дрвја за гушкање.

Ако имате можност да ги однесете вашите деца на пешачење во шума или национален парк, тоа би било прекрасно – но врските што вие и вашите деца секојдневно ги остварувате со природата ќе имаат поголемо влијание врз нив.

Не дозволувајте времето да ви го уништи денот

Децата ги преземаат негативните ставови во однос на временските услови од родителите.

Концептот „фрилуфстлив“ нè поттикнува да најдеме нешто поради кое ќе го сакаме секое годишно време. Во нордиските земји, родителите често ја користат старата изрека: „Не постои такво нешто како лошо време, постои само лоша облека“.

Се разбира, кога временските услови навистина предизвикуваат опасност, најдобро би било да останете дома.

Извор



912

X