Празниците имаат две страни – една е таканареченото празнично лудило со симптоми на манично трчање по дуќаните, купување подароци за саканите, подготвување колачиња, чистење на домот, китење на елката и сè што ќе ни се најде на дофат на рацете. Втората е онаа поубавата страна и се однесува на заедништвото со семејството и драгите луѓе, времето поминато со децата, чувството на припадност и љубов, топлината на домот…

Ако ние, возрасните, влеземе во фаза на празнично лудило, зошто децата би биле поштедени од тоа? Кај мене дома децата стануваат речиси невозможни во тој период од годината. Веројатно претераната радост и за нив невообичаена количина на шеќер што ја внесуваат предизвикува постојано натегнување, задевање, скокање, илјада прашања упатени на родителска адреса од типот: „А што ќе добијам оваа година за Божиќ? Она што го напишав во писмото или…? Едвај чекам да ги отвориме подароците – ајде кажи ми како изненадување ме чека под елката?“ и слично.

Ниту славните не се поштедени од оваа атмосфера. Џорџ Клуни во интервју за емисијата „Лејт шоу со Стивен Колбер“ открил еден супертрик со кој ги држи под контрола своите тригодишни близнаци Ела и Александер во ова празнично време – тој се претвара дека разговара со Дедо Мраз! Добар трик!

„Спијат во иста соба и кога наутро почнуваат да прават врева, едноставно знам дека на ред е физичка пресметка. Тогаш застанувам пред нивната врата и велам: – Ооо здраво Дедо Мраз! – а потоа следува звукот на Дедо Мраз – Хо, хо, хо“ , објаснува актерот. Децата го слушаат измислениот разговор со Дедо Мраз, во кој Клуни го прашува што прави во нивниот дом. „Само сакам да се уверам дека децата се добри“. Тогаш близнаците викаат од собата: „Добри сме, Дедо Мраз, добри сме!“ Дедо Мраз си заминува, а децата стануваат многу пристојни и тоа трае некое време. Дедо Мраз во домот на Клуни секогаш доаѓа кога се случува некоја фрка.

59-годишниот актер зел предвид дека за секој празник ќе применува слична метода, а ликовите ќе бидат приспособени на празникот.

„Се грижам малку за велигденското зајаче, јас баш не сум сигурен како звучи“, се пошегувал Клуни во интервјуто.

Ако овие празници не можете да излезете на крај со децата, угледајте се на Клуни… Можеби ќе функционира!

Извор



912

X