Децата на строги, мајки-перфекционисти, можно е да имаат проблеми со алкохолот подоцна во животот, според податоците на нова студија. Истражувачите откриле дека студентите што биле одгледувани од страна на авторитарни мајки, а не татковци, имале поголема веројатност и самите да станат перфекционисти.

Тоа довело до повисоки нивоа на депресија, а како последица – до посилни мотиви за себелекување, како и проблеми со алкохолот. Авторитарното родителство се опишува како низа на строги правила, поттикнати од засрамување и казна и недостиг на топлина. Студијата била спроведена во Државниот универзитет во Аризона, САД, на 419 студенти кои имале во просек по 20 години. Истражувачите добиле интерес за ваквата студија поради однесувањето на студентите.

Доктор Џули Паток-Пекам, асистент-истражувач и еден од авторите на студијата, изјавила: „Се заинтересирав за темата откако набљудував некои од моите поталентирани студенти што  консумираа алкохол, развивајќи дури и зависност“. Овие студенти биле опседнати со начинот на кој другите гледале на нив, до степен на страв од каква било критика упатена на нивното пишување.

–  Изгледаше дека овие студенти користат алкохол за да се справат со нивните животни проблеми и тоа го правеа многу почесто од студентите што немаа проблем да не бидат совршени постојано – додава Џули.

Студентите биле анкетирани по однос на тоа како биле воспитувани од родителите, а им биле поставени 60 прашања – по 30 за еден родител. Студентите требало да одговорат колку се согласуваат со тврдења од типот: „Мојата мајка/татко сметаше дека мудрите родители треба да ги научат децата кој е главниот во семејството“.

Студентите, исто така, го оценувале и сопствениот перфекционизам на скала до 23, во однос на тоа како треба да бидат поставени работите во нивниот живот и колку високи стандарди имаат поставено за себе. Прашани биле и за причините поради кои пијат алкохол, каков е нивниот став кон алкохолот и колку пијат во зависност од пригодата. На крај биле прашани колку често имале некои од 20. симптоми на депресија, на пример, осаменост или плачење – во изминатата недела.

Истражувачите откриле дека учесниците што имале авторитарни мајки имале поголеми проблеми со алкохолот. Била идентификувана и индиректна поврзаност – негативен тип на перфекционизам познат како дискрепанца. Тоа е верување дека личните високи стандарди не се исти со практиката. Мајчиниот авторитет бил поврзан со влошена перфекционистичка дискрепанца, што придонела за појава на депресија и пиење.

Сепак, авторитарниот татко немал ефект врз депресивните симптоми на студентите или употребата на алкохол, покажала студијата. Авторите изјавиле: „Може да биде перципирано како форма на грижа од татковците – да имаат правила за потомците, дури и кога тие правила се непостојани“.

Авторитетното родителство кај мајките, спротивно од авторитарното, било индиректно поврзано со помала употреба на алкохол. Авторитетен родител по дефиниција значи да се има јасно водење, но сепак да се биде топол во односите со децата.

Д-р Паток-Пекам истакнала дека перфекционизмот е многу запоставен во студиите, во однос на тоа како тој влијае врз здравјето.

– Потребата да се биде совршен во очите на другите може буквално да биде штетна за вашето здравје. Мора да престанеме да бидеме горди на нашето глорифицирање на перфекционистичката дискрепанца. Никој не ќе направел нешто навистина ново, иновативно или возбудливо во науката ако бил премногу исплашен да не излезе будалест во одредена ситуација – вели таа.

Перфекционизмот почна да предизвикува социјална неповрзаност, опсесивно-компулсивно однесување, нарушувања во исхраната, самоубиства и стрес, забележуваат истражувачите.

Автор: Ванеса Чалмерс



912

X