Децата често се жалат на болки во нозете, најчесто во вечерните часови или ноќе. Што треба да преземат родителите во такви ситуации, објаснува детскиот ортопед.

Како растат коските, кога и зошто се јавуваат болки при растењето, но и како се лекуваат и дали се опасни, објаснува д-р Бојан Буква, специјалист по детска хирургија и детска ортопедија на Универзитетската детска клиника во Белград за „Јумама“.

Со кое темпо растат децата и дали постојат периоди на интензивно растење?

Детскиот скелетен систем не расте сразмерно, во првата фаза од развојот на коскено-зглобниот систем повеќе растат главата и трупот, а помалку екстремитетите, така што кај децата процентуално поголема површина од телото заземаат главата и трупот во однос на телесната површина кај возрасните. Постојат периоди кога детето побрзо расте, а попрецизно, постојат два „пика“ во поинтензивниот развој на коскено-зглобниот систем.

Првиот „пик“ е претшколската возраст, приближно од третата до шестата година, а вториот „пик“ е во претпубертетската, односно пубертетската возраст. Кај девојчињата тоа е периодот околу 12-тата, а кај момчињата околу 14-тата година од животот. Во вториот период на поинтензивно коскено-зглобно созревање, за разлика од првиот „пик“, доаѓа до посразмерен раст, поинтензивно созревање на екстремитетите во однос на трупот и главата, што на крај доведува до физиолошко формирање на физиономијата на телото како целина.

Врз основа на сето ова може да заклучиме дека девојчињата генерално се за околу две години коскено позрели во споредба со момчињата (во пубертет влегуваат две години порано и нивното коскено-зглобно созревање завршува приближно две години порано отколку кај момчињата).

Што се болки во растењето и зошто се јавуваат?

Во сите тие периоди на забрзано растење на коскено-зглобниот систем често се споменуваат болките во растењето. Зошто се појавуваат? Ниту една литература не го објаснува тоа. Постојат многу фактори што доведуваат до болки во растењето.
Една група фактори се конституционалните фактори: кај децата што се пофлексибилни, помобилни или поеластични, постои поголема веројатност дека ќе се појават болки во растењето.
Важен фактор, се разбира, е генетиката. Постојат истражувања што посочуваат дека ако родителите на истата возраст имале такви тегоби, веројатно ќе ги има и детето.

Трета работа што влијае врз појавата на болки во растењето се навиките на детето, односно колку е физички активно. Децата што се физички поактивни, што повеќе се заморуваат, очекувано е дека ќе имаат почести болки во растењето во споредба со физички помалку активните деца.

И последните фактори, но секако не и помалку важни, се психогените фактори. Децата што имаат некаков проблем, без оглед дали станува збор за училиштето, проблеми во семејството или со врсниците, имаат поголеми предиспозиции за појава на болки во растењето.

Каде најчесто се јавуваат овие болки и како да се препознаат?

Како што веќе кажавме, децата растат несразмерно. Исто така, одделни делови од коските не растат сразмерно, односно не придонесуваат исто во вкупниот раст на коските како целина.
На пример, кај бутната коска има два краја, горниот, кој оди во колкот, а долниот се спојува со зглобот на коленото. Горниот дел, кој оди во колкот, придонесува 20 отсто во вкупниот раст на бутната коска, додека долниот дел – 80 отсто.
Кога ја набљудуваме потколеницата, горниот дел кој е во близина на коленото придонесува 60 отсто во вкупниот раст на потколеничната коска, а долниот дел, кој е блиску до скочниот зглоб, 40 отсто.

Тоа значи дека во секоја зона што побрзо расте, во овој случај тоа е коленото, очекуваме најинтензивни болки.
Значи, болките во растењето најчесто се јавуваат во колената и зоните околу коленото (предната страна на потколеницата, листовите и бутовите). Типично е што децата никогаш не ја локализираат болката точно на едно место, односно детето никогаш нема да каже „ме боли овде“ и да ви ја покаже чашката, туку секогаш со дланката, широко покажуваат на таа зона и велат „тука ме боли нешто“. Кога ќе го прашате колку те боли, исто така одговара неодредено. Интензитетот на болката е индивидуална работа, некои деца се почувствителни.

Болните зони никогаш не се отечени, никогаш не се црвени или топли и нема ограничување во движењата.
Уште еден показател дека се работи за болки во растењето е возраста во која се јавуваат. Тоа приближно е некој интервал од третата до дванаесеттата година, а попрецизно – некаде меѓу осмата и единаесеттата година.

По правило болките во растењето не се јавуваат наутро, туку попладне или навечер, не ги будат децата од сон, траат од 10 до 30 минути и најчесто спонтано исчезнуваат.
Болките често се обострани, но не болат двете нозе истовремено, туку прво едната па другата.
Болките во растењето во 90 отсто од случаите се насочени кон нозете, меѓутоа, понекогаш може да се јават и во рацете, во зоните што растат најинтензивно, најчесто во рамената.

Како се дијагностицираат болките во растењето?

До дијагноза на болките во растењето се доаѓа со исклучување (per exclusionem). Родителите тоа пластично може да го сфатат како сложувалка.
Значи, мора прво да утврдите дека не постои никакво физичко заболување, никаков патоанатомски супстрат, за да поставите дијагноза на болки во растењето.

Дали и како се лекуваат болките во растењето?

Она што најчесто го правиме кога децата се жалат на болки во нозете, а без јасен патоанатомски супстрат е – набљудување. Најважно е да ги упатиме родителите на што треба да обратат внимание.
На пример, намалете ги малку физичките активности, во однос на интервалот кога тоа се случува, значи, ако детето има тренинг, тоа поинтензивно ќе чувствува болка вечерта. Следниот ден, кога нема да тренира, обратете внимание дали пак ќе го боли. Кога детето има болки, пробајте да го измасирате малку, и ако му помине по масажата, тоа оди во прилог на болките во растењето и можеме да исклучиме некој органски супстрат.

На крај, ако болката не поминува, дајте му некој антиинфламаторен лек, аналгетик.

Значи, треба да се набљудува детето во одреден временски период (околу еден месец) за да се утврди дали постои одреден образец при јавувањето на болките. Се разбира, во случај на „прескокнувања“ од шаблонот кој е типичен за болките во растењето, кои претходно ги наведовме, неопходно е детално клиничко и дијагностичко испитување.
Исто така, треба да се напомене дека децата на таа возраст (од 3 до 12 години) се многу сугестибилни (ако им кажете „тоа е силна болка“, тие лесно ќе го прифатат тоа), што уште повеќе ја нагласува улогата на родителот во поставувањето адекватна дијагноза.

На што треба да се обрати внимание?
– кога се јавува болката (кое време од денот)
– колку долго трае
– како и на што поминува
– дали има уште некои знаци и симптоми
– возраст на детето
– психолошки аспект на детето.

Исто така, важно е и:

Дали детето има уште некои болести, дали има некаков придружен симптом или знак: температура, истоштеност, бледило, губење на апетитот, дали детето неодамна било болно и, секако, дали имало каква било траума на коскено-зглобниот систем. Кога ќе го исклучиме сето тоа, тогаш може да поставиме дијагноза на болки во растењето.

Дали болките во растењето оставаат последици и дали се опасни?

Не. Болките во растењето не оставаат никакви последици. Епизодата на болка ќе станува сѐ поретка и интервалот на траење ќе биде сѐ пократок како што ќе созрева коскениот систем на детето.

Физичка активност во периодите кога детето е во болки

Не треба на детето да му забранувате физичка активност, туку треба да ја редуцирате, особено во периодот на следење. Денес сите сакаат детето да им биде Новак Ѓоковиќ или Никола Јокиќ, а сите деца немаат исти физички и психички предиспозиции да издржат одреден интензитет на тренинзи. Програмите за кое било спортско училиште не се индивидуални, има деца што физички се позрели и такви што се помалку зрели, а тренираат според иста програма. Сосема е логично дека не можете да очекувате од детето кое е за глава пониско од врсниците да следи ист интензитет на тренинзи, особено во скокачките спортови, а особено ако тренира пет пати седмично.



912

X