Сè почесто се среќавам со прашања на родителите за вршењето нужда кај децата, зошто детето не сака да кака во нокширчето, зошто врши нужда само во пелената и слично. Постојат неколку причини за тоа.

1. Немам време јас за тоа

Една од нив е дека децата мора да седат подолго време на нокширчето за да се искакаат. Секако, со тоа оди и бришењето на газето и миењето на рацете. Иако на возрасните им се потребни 4-5 минути за тоа, за децата тоа е цела вечност. На почетокот можеби и не е толкав проблем бидејќи тоа им е занимација. Но, брзо им станува досадно, па настојуваат да ја избегнат на сите можни начини. Според детската логика, тоа е само одземање на драгоценото време што може да го поминат во игра.

2. Во пелената ми е полесно

Многу деца гледаат дека донекаде може да го контролираат изметот, па почнуваат да го задржуваат за да манипулираат со родителите и да го добијат тоа што го сакаат – какање во пелената без прекинување на играта. А со задржувањето на изметот доаѓа и до запек, и непријатност и болка при какањето. За разлика од нас возрасните, кои знаеме дека и таквиот измет мора да излезе и со тоа ќе ни олесни, децата размислуваат сосема поинаку. Освен што ќе почувствуваат непријатност и болка, ќе почнат да го задржуваат изметот бидејќи сметаат дека ако повеќе не какаат, нема да почувствуваат ништо.

3. Ова е опасно, го прескокнувам!

Околу третата година децата стануваат свесни дека момчињата имаат пенис, а девојчињата немаат. Во таа возраст децата не се во состојба да сфатат дека телото им се развива и не им се јасни физичките разлики меѓу половите. Тие едноставно сметаат дека девојчињата го изгубиле пенисот. Можете да замислете како се чувствуваат момчињата кога изметот поминува низ веце-школката, а во формата ги потсетува на нивниот полов орган. Тие едноставно се плашат дека ќе останат без тој дел од телото. Во тоа време, па и порано, се јавува и страв од веце-школката, одводот и слично. Децата мислат дека ако водата може да ја повлече хартијата, изметот или што и да виделе, може да ги повлече и нив. Не смееме да заборавиме дека децата не знаат да ја проценат големината на школката и не знаат дека се преголеми и дека не можат да поминат низ цевката – таквата логика кај нив не работи.

4. Бљак, како мириса!

Една од причините е и непријатниот мирис. Возрасните често знаат да кажат пред децата дека изметот смрди и прават разни гримаси или не ги сакаат во својата близина. А децата го слушаат тоа и набљудуваат, па подоцна ни тие не сакаат да си имаат работа со тоа и не сакаат да слушнат ништо лошо од родителите, не сакаат никој да бега од нив, па затоа го задржува изметот.

5. Да се ослободиме од стравовите

И додека ние возрасните ги сметаме мочкањето и какањето како нешто нормално за што нема потреба да се разговара, кај децата ситуацијата е сосема различна. Со нив треба да се разговара за тоа, да им се покаже како се прави тоа. Кога родителите ќе извршуваат нужда, нека ги викнат децата, да сфатат дека тоа е нормално, дека сите го прават тоа и нема потреба да се плашат од ништо. Постојат и многу едукативни сликовници и цртани што ќе им помогнат на децата да научат за што станува збор. Исто така, родителите може да побараат совет од експерти за да го избегнат проблемот околу задржувањето на изметот или полесно да се ослободат од него.

Автор: Ива Брчиќ, сертифицирана едукаторка



912

X