Покрај сето она што пандемијата на Ковид-19 им го одзеде на нашите деца – училиштето, роденденските забави, семејни собири и многу други работи, има едно нешто што вирусот сепак не може да им го одземе – Дедо Мраз.

Така е барем според објавата на „Фејсбук“ од страна на италијанскиот премиер Џузепе Конте, кој добил писмо од 5-годишното момче по име Томас, во кое стоело прашањето што ги мачи сите деца низ светот, со оглед на тоа дека се приближуваат новогодишните и божиќните празници: Дали Дедо Мраз ќе дојде годинава?

Конте го уверил момчето дека Дедо Мраз има „интернационален сопствен сертификат: може да патува насекаде и да им доставува подароци на сите деца во светот. Без никакви ограничувања. Потоа потврдил дека секогаш ќе носи маска и ќе ја одржува соодветната дистанца за да се заштити себеси и сите луѓе што ќе ги сретне“.

Го замолил детето од Цесано Мадерно, место кое се наоѓа во Северна Италија, да не ја изгуби шансата за дополнителен подарок така што ќе побара од Дедо Мраз да го избрка коронавирусот. „Ние возрасните ќе успееме да го избркаме коронавирусот, сите заедно“, напишал Конте.

Објавата била споделена речиси 90 илјади пати. Покрај топлото млеко и колачињата, одлично би било да се остави и течност за дезинфекција за Дедо Мраз, напишал Конте, додавајќи дека на тој начин Дедо Мраз ќе може безбедно да продолжи да ги дели подароците. „Нема потреба да му кажуваш на Дедо Мраз дека си бил добро момче цела година, јас веќе му го кажав тоа“, напишал премиерот.

Автор: Џеневив Шо Браун

Извор



912

X