Според последните податоци од Фондот за здравствено осигурување, утврдени до крајот од минатиот месец, матичен гинеколог досега имаат избрано 8.049 девојчиња на возраст од 12 до 18 години

Мал е процентот на родители што одлучиле за своите женски деца на возраст од 12 до 18 години да изберат матичен гинеколог и на тој начин да водат грижа за нивното женско здравје, како и за информираноста на девојчињата за женското здравје. Малкумина знаат дека според законските обврски, секое девојче на возраст од 12 до 18 години може и треба да избере матичен гинеколог. Причините зошто е тоа така може да се побараат во предрасудите во општеството, но и во слабата информираност на родителите за оваа здравствена услуга.
И покрај тоа, сепак, околу 10 отсто од родителите имаат избрано матични гинеколози за своите ќерки.

Според последните податоци од Фондот за здравствено осигурување, утврдени до крајот од минатиот месец, матичен гинеколог досега имаат избрано 8.049 девојчиња на возраст од 12 до 18 години.
Статистичките податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во земјава во 2019 година имало околу 78 илјади лица од женски пол на возраст од 12 до 18 години.
Тоа покажува дека 10 отсто од девојчињата на оваа возраст во земјава имаат избрано матичен гинеколог.

И пубертетот носи сериозни гинеколошки проблеми

Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози, вели дека неговото работно искуство покажува дека малку девојчиња на возраст од 12 до 18 години посетуваат гинеколог, односно имаат избрано матичен гинеколог. Ако имаме околу 6.000 пациенти со картони, прашање е дали 10 отсто се токму на таа возраст. Обично девојчињата на оваа возраст посетуваат гинеколог исклучиво ако имаат некој сериозен здравствен проблем. Тие не доаѓаат превентивно или, пак, за одредена консултација. Причина за тоа е што немаме едукација, немаме навика младите девојчиња уште на таа возраст да внимаваат на женското здравје – посочува д-р Филиповски.

Според него, токму навиката и едукацијата на девојче над 12 години што влегува во пубертет се клучни за понатамошниот однос во животот кон гинеколошките проблеми и здравјето на една жена.

Д-р Душко Филиповски

– Пубертетот е период кога се случуваат безброј промени, се случува промена на хормонален статус, нередовни менструации. Секое девојче на таа возраст треба да знае каква му е состојбата и што треба да преземе за во иднина да не се случат поголеми проблеми, за кои е потребно и лекување. Но, мајките често поради лично искуство, им пренесуваат навики на своите ќерки. А треба да знаеме дека во гинекологијата има два слични случаи, но никогаш нема два исти случаи – нагласува гинекологот.

Границата спуштена од 14 на 12 години

Од 1.9.2011 година новиот правилник на Фондот за здравствено осигурување предвидува дека избор на матичен лекар-гинеколог можат да направат лицата од женски пол со навршени 12 години. Дотогашниот правилник предвидувал изборот да го вршат лицата од женски пол со навршени 14 години.
Причина за ваквата промена, односно спуштањето на старосната граница за лицата од женски пол е направена според согледувањата на Здружението на гинеколози и акушери и Лекарската комора на Македонија, дека почетокот на репродуктивниот живот е од 12-годишна возраст.

Инаку, пациентките што не се бремени кај избраните матични гинеколози треба да имаат бесплатни дијагностички прегледи со ултразвук или познат како ехо-преглед, колпоскопија и земање брис.
Во многу места во земјава има недостиг на гинеколози. Но, истовремено многу жени се неинформирани за тоа што им следува бесплатно.
Надлежните институции постојано ги советуваат пациентките да поднесат претставка или да пријават одреден сомнеж за непотребно плаќање, но досега нема целосно решение на овој долгогодишен проблем.



912

X