Здравје

Видеоигрите базирани на наука можат да им помогнат на децата со аутизам?

Лабораторијата за истражување на аутизам и развој на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, има многу интересна мисија

Двајца невронаучници што учествувале во еден проект тргнале во непознати насоки. Mеѓутоа, идејата била прилично привлечна – момчињата со аутизам поминуваат двапати повеќе време играјќи видеоигри отколку момчињата без аутизам. Играта имала вообичаени карактеристики.
– Вклучувајќи ги и претходно дефинираните улоги и цели и повторливоста помеѓу нивоата, се чини дека добро се поврзани со особините на аутизмот, како што се социјалните тешкотии и преферирањето на рутини – вели Миџа Мазурек, вонреден професор по образование на Универзитетот во Вирџинија во Шарлотсвил.
– Ако откриеме дека децата со аутизам сакаат технологија, тогаш зошто да не се обидеме да го искористиме тој интерес за дизајнирање интервенции? – вели Миџа.

Во текот на изминатава година неколку пилот-истражувања дошле до ветувачки резултати за игри дизајнирани да им помогнат на децата со аутизам, покажувајќи дека тие можат да ги подобрат нивните способности, вклучувајќи ги рамнотежата, вниманието и контролата со погледот. Креаторите на овие игри работат да докажат дека овие придобивки се присутни и во реалниот живот.
Ако успеат, ова ќе биде добредојдена промена на моменталната состојба. Во директориумот составен од организацијата „Аутизмот зборува“ се наведени повеќе од 700 апликации, игри и други дигитални ресурси наменети за луѓе со аутизам или нивните семејства, но само околу 5 отсто од нив имаат научни податоци што ја поддржуваат нивната ефикасност.
– Мојата сопруга и јас имаме преземено многу апликации, некои од нив бесплатни, некои по 99 центи, кои навистина тврдат дека се за деца со аутизам – вели Ерик Линстед, асистент-професор по компјутерска наука на Универзитетот „Чапмен“ во Оринџ, Калифорнија.
Линстед објаснува дека се заинтересирал за создавање игри и други дигитални ресурси за аутизам кога на неговата ќерка во 2012 година ѝ била дијагностицирана состојбата. Оттогаш тој создал неколку апликации.
– Луѓето знаат, особено кога станува збор за аутизам, дека родителите се очајни и ќе направат што било за да им помогнат на своите деца, па затоа ги означуваат овие апликации како помошни технологии за аутизам. Но често тие се лошо создадени и лошо одржувани – додава тој.

Нивно 1: „Гејмифај“

Серијата на игри наречена „Летс фејс ит“, создадена од Џејмс Танака, била една од првите игри за аутизам што покажала подобрување во контролирано испитување. Во испитувањето, 42 деца со аутизам што ги играле игрите 20 часа имале подобрувања во препознавањата на фацијалната експресија.
Танака продолжил да работи на видеоигри кои им помагаат на луѓето со аутизам, вклучувајќи и апликација за „ајпад“, и игра инспирирана од „Пакман“ за да ги научи децата со аутизам да прават фацијални експресии.

Ниво 2: Постигнување „трансфер“

Секој што игра видеоигра ќе биде подобар во неа со доволно практика. Но дали овие подобрувања во играта се „префрлаат“ во реалниот живот?
Некои научници велат дека е така бидејќи игрите користат технологија за следење на окото за да се поврзат директно со психологијата на играчот.
– Не само што играте игра, туку и ја модифицирате играта врз основа на вашиот перформанс – велат тие.

Ниво 3: Привлечно за децата со аутизам

Научниците што развиваат видеоигри за аутизмот имаат голем предизвик: да ги направат игрите привлечни, но не многу привлечни. Секои 20 минути што детето ги поминува играјќи игра се 20 минути без социјална интеракција. Искушението да останат во виртуелниот свет може да биде особено интензивно за луѓето со аутизам.
Затоа, компании како „Акили интерактив“ се обидуваат да ги ублажат овие компликации со тоа што игрите ќе ги претворат во тренинг-програма.
Во прилог на нивниот терапевтски потенцијал видеоигрите дизајнирани за луѓето со аутизам може да имаат други бенефиции. На пример, игрите се противотров за тешкотиите во училиштето и проблемите со пријателите.

Поврзани написи

To top