Породувањето како природен процес, кој претставува една од физиолошките функции на организмот, би требало да биде безболен. Меѓутоа, во развиените општества се поистоветува со болка (породилни маки). Така го доживуваат жените, но и другите „учесници во породувањето“ – од една страна партнерот, родителите и пријателите на трудницата, а од друга страна – поединечни здравствени работници. Таквото сфаќање условило да се развие цела индустрија на лекови, апарати и препарати за породување без болка. Притоа, често се заборава на бебето, кое неминовно трпи одредени последици. Бидејќи лекарствата внесени во организмот стигнуваат до плацентата и неповолно влијаат врз плодот, истовремено менувајќи го природниот механизам на породувањето.

Зошто жените се плашат од породувањето?

Досега не е пронајден лек кој го прави породувањето безболно, а да нема негативни ефекти врз жената и бебето. Затоа, сериозно треба да се земе предвид ефектот од одредени техники на дишење и релаксација за време на породилните контракции и нивното позитивно влијание врз бебето. Стравот од породилните болки е еден во низата стравови кои жената ги доживува во текот на бременоста. Инаку, тие болки се единствените што не сигнализираат дека нешто не е во ред. Напротив, тие укажуваат дека породувањето почнало, а нивното зачестено јавување и зголемување на интензитетот значи дека грлото на матката се отвора, а на породувањето му се ближи до крајот.

Споменатиот страв главно го предизвикуваат приказните на жените кои веќе се породиле, најчесто преувеличени, но и непознавањето на процедурата и просторот во кој ќе се одвива породувањето, како и губењето контрола над сопственото тело. Кога ќе се запознае со физиологијата на бременоста и механизмот на породувањето, жената добива самодоверба која ѝ помага да го доживее породувањето како пријатно искуство.

Како помага подготовката за породување при борбата со стравот?

Правилната и благовремено спроведена едукација на трудниците може да помогне во надминување на стравот од породувањето и породилните болки. Кога ќе се запознае со физиологијата на бременоста и механизмот на породувањето, настанувањето на контракциите, нивната улога во породувањето и начинот на совладување, жената добива самодоверба која ѝ помага да го доживее породувањето како пријатно искуство, а не како неминовно страдање и болка. Со психо-физичка подготовка за породувањето, трудниците почнуваат од 24. недела на бременоста, задолжително со согласност од лекар по завршен преглед. Тоа подразбира дека грлото е цврсто и затворено и дека нема контракции. Во спротивно, ако не е индицирано строго мирување, трудницата не се вклучува во физичка програма на вежби, туку само во вежби за дишење и релаксација. Во теоретскиот дел се открива текот на породувањето од моментот кога започнува до раѓањето на бебето.

Дали и татковците мора да поминат низ подготовката?

Сè поголем број идни татковци сакаат да присуствуваат на раѓањето на детето. Доколку се согласува и жената, тоа е сигурно едно од најубавите искуства, кое и двајцата ќе го паметат цел живот. Се разбира, желбата на идниот татко не е доволна, потребно е и тој да се подготви. Имено, во рамките на психо-физичката подготовка за породувањето се одржуваат посебни часови за парови – кои ги добиваат потребните информации за неопходната процедура низ која поминуваат. За мажите се задолжителни лабораториски прегледи, кои треба да ги направат неколку недели пред терминот за породување. Кога ќе влезат во болница, следува привремено одвојување – додека жената е во просторот за подготовка.

Најважната работа што треба да ја научи мажот на психо-физичката подготовка е како да ѝ даде поддршка на жената во текот на породувањето. Мора да знае што ѝ е потребно, на кој начин да ја бодри кога ќе наиде на криза, како да ја масира кога ќе се појават силни контракции. Често е доволно само да ја држи за рака. Мал број идни татковци по разгледувањето на породилиштата се откажуваат од првобитната намера, што е многу подобро отколку тоа да се случи непосредно пред одењето во болница или во текот на самото породување.

Што се прави на часовите за подготовка?

Психо-физичката подготовка за породување се состои од систем вежби за:

– Подобрување на физичката кондиција
– Правилно дишење – заради зголемување на капацитетот на белите дробови
– Совладување посебни техники на дишење и насочување на вниманието за намалување на болката од контракциите
– Заземање одредени положби со кои се ублажува болката и се намалува притисокот на матката во текот на породувањето
– Релаксација, односно управување со сопственото тело, за што поефикасно опуштање
– Техники на напнување, со кои успешно се завршува породувањето.

Што ќе научите на овие подготовки?

Трудниците добиваат важни информации за што поактивно да соработуваат во текот на породувањето, а тоа се:

– Кој е вистинскиот момент за одење во породилиштето
– Како да се разликуваат вистинските породилни контракции од „подготвителните“
– Во која фаза од породувањето се наоѓаат
– Низ која процедура ќе поминат во породилиштето
– Како да си олеснат себеси и да му помогнат на бебето.

Кои трудници не можат да одат на подготовка?

За жал, трудниците со високоризична бременост мора да лежат дома или во болница, што значи дека не можат да одат на часови за психо-физичка подготовка за породување. Меѓутоа, и тие многу често се пораѓаат природно, бидејќи одржуваната бременост не значи дека породувањето мора да се заврши со царски рез. Затоа би требало навреме да се информираат за текот на породувањето, фазите низ кои ќе поминат, неопходните интервенции на лекарите и бабиците, просторот во кој ќе се породуваат… Тоа може да го направат со помош на литература, интернет…

Автор: Снежана Милановиќ, терапевт

Извор



912

X