Хелен Меклеод со месеци се мачела да го заспие своето бебе и неговиот сон да трае подолго. „Се будеше на секои 45 до 90 минути речиси секоја ноќ, во текот на првата година“, се сеќава таа.

Кога ѝ кажала на пријателка дека нејзината ќерка не сака да заспие освен ако не ја држи во прегратка, пријателката ѝ рекла да се обиде да ја лула. „Единствените дремки што траеле повеќе од 20 минути без да биде во нечија рака биле оние во лулашка“, раскажува мајката на сега веќе 2 деца од Дармаут, Нова Шкотска. Сепак, таа помислила дека не е безбедно нејзиното дете да спие во лулашка. „Мислам дека прочитав доволно за превенција во однос на синдромот на изненадувачка смрт на новороденче, па мислам дека лулањето ги прекршува правилата“ вели Меклеод.

Дали е безбедно бебето да спие во лулашка?

Меклеод е во право – безбедното спиење значи дека бебињата треба да спијат сами на цврста, рамна површина без некакви предмети околу нив, ни лабави рачки на креветот, што значи дека лулашките не ги исполнуваат критериумите за безбедно спиење, вели Бен Хофман, педијатар и директор на Американската академија на педијатри.

– Користењето лулашка кога бебето е будно и е надгледувано е во ред, но откако бебето ќе заспие во лулашка, тогаш тоа станува опасно – објаснува тој. Хофман вели дека се јавува загриженост дека бебето може да ја навали главата кон напред, со што ќе се попречи неговото дишење во таа позиција. Ризикот постои ако бебето спие и во седиште во автомобил. Потребно е соодветно инсталирање на седиште за во автомобил и прикачување на детето за да се намали ризикот додека возилото е во движење. Сепак, откако ќе пристигнете на дестинацијата, треба да го извадите детето од седиштето. Друга загриженост се јавува ако детето ја сврти главата и се задуши од меката подлога, ако се заплетка во лентите или пак се преврти од лулашката.

Во последните 10 години се направени неколку истражувања со кои се потврдило дека 32 бебиња починале додека биле токму на лулашка. Ваквите уреди биле поврзани со 73 смртни случаи и над 1000 инциденти, некои од нив резултирале и со сериозни повреди. Американската комисија за безбедни продукти апелира до родителите да престанат да ги користат производите за деца што имаат наклонети заднини повеќе од 10 степени за спиење, а тука влегуваат и седиштата за во автомобил, отскокнувачи и слично. Лулашките не биле споменати во нивниот извештај, но Хофамн вели дека и лулашките го носат истиот ризик. Извештајот на Комисијата произлегол откако била спроведена независна студија од експерт за механика од Универзитетот во Арканзас, кој истражувал што се случува кога бебињата на возраст од два до шест месеци спијат на различни подлоги.

– Најдовме докази дека позиција на спиење кај лулашките дава поголема веројатност бебињата да се превртат нанапред, а помала да се превртат наназад – изјавила авторката Ерин Манен. Иако родителите мислат дека бебињата не можат да се превртуваат, секогаш има прв пат. Всушност, во многу од пријавените смртни случаи што биле истражувани родителите рекле дека тоа било првпат бебињата да се превртат.

Додека многу вакви производи за спиење биле повлечени во САД, сепак, лулашките за новороденчиња се присутни на пазарот, а тоа е затоа што производителите не ги обележуваат како уреди за спиење. Но, тоа не значи дека тие не се користат за таа намена. Многу бебиња имаат проблем да заспијат во рамно, стабилно креветче, а заспиваат на носилка, седиште во автомобил и слично. „Родителите реагираат на ситуацијата и само гледаат да го направат она што во тој момент ќе функционира и ќе направи детето да заспие“, вели Алана Мекџин, консултант за спиење.

Најбезбедната работа што може да ја направи родителот ако бебето заспие во лулашка, вели Хофман, е да го извади од неа и да го префрли во креветче.

– Како педијатар и татко, доволно сум практичен за да сфатам дека тоа не е она што родителите секогаш ќе го направат. Бебињата ќе спијат во различни уреди, а родителите се оние што треба да согледаат дали нешто е опасно, па не можат да го остават бебето без надзор. На бебето му е потребна постојана супервизија.

Како да ја прекинете навиката на бебето за спиење во лулашка

Мекџин додава дека ако сакате да развиете добри навики за спиење, треба да го навикнете бебето да спие во своето креветче. „Она што им го кажувам на родителите е дека единствениот начин на кој бебето ќе се научи да спие во своето креветче е ако постојано го ставате таму да спие и да бидете конзистентни со тоа“, вели таа, па дури иако бебето „протестира“ на почетокот. Родителите мора да се држат до тоа за да успее.

Додека Меклеод го добила второто дете, таа научила повеќе за ризикот од наведнато спиење, особено за опасностите што тоа ги носи. „Не ја користиме лулашката ниту со второто дете. Едноставно не е безбедно“, вели Меклеод.

Автор: Клер Гањ

Извор



912

X